Хрватското министерство за образование стави под лупа 90.000 дипломи
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Хрватското министерство за наука и образование нареди проверка на дипломите на околу 90.000 вработени во системот за образование и наука. Министерката Блаженка Дивјак испратила барање за проверка на дипломите на сите вработени до сите основни и средни училишта и до сите агенции во системот.
Проверките започнале откако министерството меѓу своите вработени открило лице со лажна диплома од Универзитетот во Загреб. Како што известуваат хрватските медиуми, станува збор за госпоѓа која во Министерството работела административни работи. Таа официјално била вработена од средината на ноември 2018 година, а била примена со договор на определено време.
Случајот и одлуката за започнување на постапката за проверка министерството некое време ги држело во тајност, истакнуваат хрватските медиуми. Неколку управители на училишта потврдиле дека на 11 јануари примиле дописи од министерството во кои се повикува на проверка.
Министерството воедно повикало и на воспоставување процедура на проверка на веродостојноста на документите за стекнатите квалификации по вработувањето на новите работници за да се спречи влегување на лица без потребните квалификации во образовниот
систем.