За Џејмс Бонд од Куманово државата нема слободно работно место
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Со завршен факултет и магистратура за безбедност, 130 сертификати, меѓу кои и од НАТО и Интерпол, Димитар Стевчев (29) од Куманово вели дека не може да најде работа во институција која ќе има полза од неговите квалификации. Многупати се обидел, но попусто
Во Катар работел како супервизор на обезбедување за хотел од 5 ѕвезди. Хотелот и денес ги користи безбедносните процедури што тој ги креирал со свој колега. Со завршен факултет и магистратура за безбедност, 130 сертификати, меѓу кои и од НАТО и Интерпол, Димитар Стевчев (29) од Куманово вели дека не може да најде работа во институција која ќе има полза од неговите квалификации. Многупати се обидел, но попусто. Вели дека документите секогаш се враќаат на домашната адреса. Некогаш не се ни враќаат. Роден е во Постојна, Словенија, но долго време живее во Куманово. Дипломирал, а потоа и магистрирал во Скопје. Чекајќи позитивен одговор на некој од конкурсите за работа, веќе добива понуди за работа од странство.
- Би сакал да останам во Македонија, да добијам можност да оставам некој белег во нашето општество во областа на безбедноста. Но, поради сета политика и политичките партии, последните новости околу начините на вработување по партиска/роднинска линија, иднината дефинитивно си ја гледам надвор од Македонија - вели Стевчев.
Како одлучивте професионално да се занимавате со безбедност?
- Одлуката влече корени од многу одамна. Потекнувам од воена фамилија каде што мојот дедо и татко служеле војска и работеле. Чувството и потребата да се продолжи традицијата беа големи. Одлуката да се занимавам со безбедност се зацврсти откако завршив средно училиште и требаше да се донесе одлука за запишување на факултет. Се запишав на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за безбедност, одбрана и мир. Конечната одлука дека оваа област ќе биде моја животна определба дојде во текот на студирањето.
Корица од една од објавените книги на Стевчев
Областите што се изучуваа ми го привлекоа вниманието и ме заинтересираа. Изучувањето на тероризмот, разузнавањето и другите области се теми и области за кои имам голем интерес. Факултетот даде само поткрепа и нагон да продолжам да се занимавам со нив. По завршувањето на факултетот, како и секој друг надежен и свежо дипломиран студент, аплицирав на неколку конкурси за МВР.
Каде го продолживте образованието?
- Предметите од областа на разузнавањето и тероризмот ми го привлекоа вниманието и ми дадоа мотив за понатамошно образование. Додека студирав развив истражувачки карактер и открив дополнителни форми за стекнување дополнително образование. Сето тоа ме доведе до курсеви во области од безбедноста, тероризмот, разузнавањето од институции како што се НАТО, FEMA (Federal Emergency Management Agency - Федерална агенција за менаџирање на кризни ситуации), DHS (Department of Homeland Security - Одделот за национална безбедност на САД) како и други институции и академии. Големата заинтересираност и мотивот продолжија и по завршувањето на додипломските студии. Се одлучив да запишам и магистерски студии на Универзитетот ФОН – Факултет за детективи и безбедност, каде што завршив со просек 9,18.
Сертификат од НАТО
Имате повеќе од 130 сертификати од области на безбедност и разузнавање. Раскажете ни повеќе за Вашите професионални надградби и искуства?
- Формалното образование дава добра и квалитетна поткрепа за професионално ангажирање во која било област. Сепак, не е доволно земајќи го предвид фактот дека се изучува општa „проблематика“. Неформалното образование дава подетално изучување на одредената област и дава алатки и решенија за решавање на таа проблематика. Во мојот случај НАТО, FEMA, DHS, Интерпол и други институции и академии беа дел од тоа неформално образование. Курсевите, како борбата против трговија со луѓе, полициско разузнавање, тероризам, борбата против тероризам и други, ми овозможија да го продлабочам веќе стекнатото знаење.
Сертификат од Интерпол
Што научивте таму, а што не можете да го добиете во македонското формално образование?
- Разликата помеѓу нашето формално образование и наведените институции е голема. Во однос на мојот случај, нашиве факултети ја предаваат проблематиката на површно ниво. Не навлегуваат во детали, не даваат конкретни алатки и решенија на проблемите што постојат, за разлика од споменатите институции. Информациите што тие ги даваат во рамките на курсевите се обемни, детални и навлегуваат во самата суштина на проблематиката. Без тоа решавањето на проблемот е осуден на пропаст. Неформалното образование од овие институции ми даде насока да го гледам проблемот од повеќе страни пред да го решам.
Какви се Вашите професионални искуства и каде работите во моментот?
- Имам работено за странска фирма базирана во САД која се занимава со креирање на програми за обука за обучување на безбедносни сили. Во Катар работев како супервизор на обезбедување за хотел од 5 ѕвезди. Со уште еден колега од Македонија креиравме безбедносни процедури кои хотелот ги има имплементирано и ги користи и ден-денес. Моментално работам во агенција за обезбедување, каде што напредувањето и споделувањето на знаењето се ограничени. Во однос на агенциите за обезбедување, треба уште многу да се работи за да се зголемат угледот и висината на платите.
Сертификат од FEMA
Сте се обиделе ли некогаш да работите во некоја државна институција?
- Секако. МВР, Дирекција за класифицирани податоци, Управа за финансиска полиција и други. Во сите овие институции апликациите беа неуспешни. Во некои од нив документите ми беа вратени со образложение дека имам несоодветно образование, од некои документите не ми се ни вратени, од трети институции документите се вратени без никакво образложение. Дури и во неформален разговор имам добиено одговор дека сум бил и преквалификуван за работа во овие институции, иако во рамките на сите овие огласи што беа објавени од институции ги имам исполнето сите услови согласно пропишаните барања.
Многумина велат дека вработување во Армија или во МВР не подразбира само добар успех, неопходни се силна психофизичка и други видови подготвеност. Какви резултати сте постигнале на овие полиња?
- На сите огласи на кои сум аплицирал ги имам доставено сите потребни документи - дипломи, сертификати, уверенија, примероци на две издадени книги: Serial Killers – Criminal Cases from Republic of Macedonia и Terrorism – Weapon of the Weak, препораки и сите дополнителни документи. Од речиси сите огласи документите се враќани без никакво образложение, со информација дека се примени други лица и дека мојата апликација е неуспешна. Само во еден случај ме известија дека имам несоодветно образование. Еднаш воопшто не ми ги вратија документите. Не сум бил повикан на ниту едно интервју, ниту пак ми спровеле некое тестирање.
Сте добиле ли понуда за работа во некоја странска фирма/институција?
- Да. Имам неколку понуди за работа како супервизор на обезбедување за брод и странска фирма за обезбедување во Ирак.
Би останале во Македонија или би заминале? Каде се гледате во иднина?
- Би сакал да останам во Македонија, да градам кариера и да добијам можност да оставам некој белег во нашето општество во областа на безбедноста. Но, поради сета политика и политичките партии што се вмешаа во сите области во општеството, немањето можност за градење иднина, просперитет и последните новости околу начините на вработување по партиска/роднинска линија, во борбата за подобар живот иднината дефинитивно си ја гледам надвор од Македонија.