Успехот не ти бега ако ја користиш комуникациската револуција и ја промениш свеста, вели менаџерот Зоран Панчевски

Успехот не ти бега ако ја користиш комуникациската револуција и ја промениш свеста, вели менаџерот Зоран Панчевски

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Дигиталните комуникациски иновации ни овозможија силен напредок и мораме да ги следиме најновите трендови, оти, како што вели македонскиот менаџер на хотел во Грција, Зоран Панчевски, ако го загубиме чекорот со нив, единствени губитници сме ние

Менаџерството е неговата прва љубов, уште кога почнал да организира детски забави на 15-годишна возраст. Професионалното искуство го градел во Скопје и во Охрид, па сè до Дубаи. Зоран Панчевски денес е успешен менаџер на хотел во Калитеа, Грција, и ги искористил сите придобивки на комуникациската технологија за да менаџира од дома, на оддалеченост од неколку стотици километри од работното место. Вели дека интернетот придонел тој од практичен да стане прагматичен и обратно, но пред сè му овозможил да стане успешен менаџер, а притоа работата да не му одзема од драгоценото време за семејството и за пријателите.



- Интернетот е револуција на нашата генерација која рапидно го промени светот во последните 20 години и наметна сосема нови стандарди, а со тоа и нов начин на живеење. Конкретно во мојата професија, практично боите на сликата нa туризмот и хотелиерството се променија, особено со комуникациската технологија. Физичкиот контакт со нашите соработници и клиенти сè повеќе исчезнува, дури 70% од луѓето што патуваат ги користат интернет-услугите, а тоа е поради можноста секој од нас преку телефон, компјутер или кој било паметен уред да контактира со посакуваниот хотел на посакуваната дестинација. И не само тоа, изборот не е преголем, туку стана неограничен, а со тоа добивате комфор на одлучување кој не постоеше до пред 10-20 години. Денеска со дигиталните иновации резервирате онлајн, откажувате резервации, плаќате, нарачувате кафе, ручек, масажа, можете да му се пофалите или пожалите на цел свет како сте си поминале... Треба да ги следиме трендовите и да се приспособуваме на нив зашто времето станува толку брзо, што ако го изгубите чекорот со интернет-иновациите, единствен губитник може да бидете вие и вашиот хотел – вели Панчевски.

Кога работата те тера секојдневно да се надминуваш себеси

Панчевски вели дека менаџерската работа во хотел е една од најтешките, но и една од најубавите позиции во хотелиерството бидејќи предизвикот што произлегува од сите секојдневни проблеми и обврски прави менаџерот секојдневно да се надминува себеси во секој поглед.

- За мене, таквиот предизвик е инспирација и можност да уживам во работата во која го вложувам секој атом на енергија. Преголема е обврската да се биде лидер и менаџер на една ваква институција, која бара во секој момент да сте свесни дека од вас зависи целата доверба и кај вработените и кај гостите. Мојата работа не дозволува манипулација, особено кога станува збор за одморот на човекот. 90% од луѓето работат 355 дена за 10 дена да уживаат на заслужен одмор. Секоја манипулација би била иронија која, за жал, денес е болна вистина, е токму тоа е мојата појдовна точка кон сериозниот пристап на мојата работа - вели Панчевски.
Тој додава дека најбитно од сè е да ги исполните и да ги надминете очекувањата на гостите кои чесно платиле, бидејќи за успехот на крајот не говорите вие, туку гостите и клиентите.

Од пенкало до дигитални решенија, плус промена на свеста

Овој 37-годишен менаџер вели дека неговата генерација требало да се адаптира и брзо да реагира на развојот на комуникациската технологија, а со тоа старите навики да ги претвори во нови и модерни кои би биле соодветни на брзината на времето и трендовите кои се наметнуваат, особено од современата комуникациска технологија која е неизбежен и неизоставен дел од денешното живеење и работење.

- Токму таа нè натера да се претвориме од практични во прагматични и обратно. Чист пример е работењето со најопшто прифатената алатка за резервирање соби Booking.com и една од најголемите и најуспешни компании во нашата индустрија. Почетно бевме големи скептици и сметавме дека таа алатка може да ни направи повеќе проблеми бидејќи старите навики беа длабоко навлезени во нашиот систем на работењето. Денес нашиот бизнис бележи големи позитивни резултати токму поради таа платформа - вели Панчевски.

Неизбежно било, според нашиот соговорник, влијанието на технолошкиот и интернет-напредок и врз неговиот личен развој, од префрлањето од пенкало и хартија на тастатура, па сè до замената на проспектите и брошурите со дигитален интернет-маркетинг.



- Модерната технологија што ја носи денешното време врши притисок врз потребата од личен развој, што е клуч на патот до успехот. Јас работам на мојата лична надградба со тоа што посетувам семинари од светски ранг. Да бидам искрен, тие ми ја променија свеста за начинот на живеење и работење. Ми дадоа многу свежина и ветар во грб во мојата менаџерска улога. Се чувствувам сигурен, знам што правам и знам каде одам. Ја гледам целта на моето дејствување, што е еден од најбитните фактори во мојата работа - вели Панчевски и додава дека неговиот совет за сите млади менаџери е да размислуваат и дејствуваат глобално, а не локално, оти локалното може да ограничи, а глобалното да отвори многу патишта.

Скопје, Охрид, Дубаи...

 - Со менаџерство се занимавам од многу млад, на 15 години бев дел од тимот на дискотеката МНТ во Скопје кога менаџиравме јуниор-забави за малолетни лица до 12 часот, а подоцна менаџирав дискотеки и кафетерии, односно угостителство, со кое се занимавав до мојата 27. година. Добив понуда од една голема скопска компанија која во тоа време раководеше со хотелот „Десарет“ во Охрид да бидам главен менаџер во него, како заслуга за добрата организација на еден настан во нивниот хотел. Така се роди првата љубов за хотелиерството која, за жал, не траеше предолго зашто по само една година компанијата го раскина договорот со хотелот и јас морав среќата да си ја барам на друго место - раскажува Панчевски.

На 29-годишна возраст заминал во Дубаи.



Вели дека неговото заминување за Дубаи го смета како втор живот кој сè уште го живее исполнет со среќа, зашто таму му се случиле сите промени за кои вели дека не можеле да бидат поблагородни и поблагодарни.

- Отидов и гладен и жеден за знаење, несвесен колку не знам и покрај моето високо образование што го стекнав во мојата земја. Желбата за промена и успех ме натера да го научам сето она што ми требаше за да успеам. Англискиот јазик, кој таму е службен јазик, го научив за нецела година, работев за една од поголемите компании за масовна продажба на гардероба АЗАДЕА груп, или во превод генерални застапници за арапскиот свет, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати, на Зара, Бершка, Масимо Дути, Вирџин... и се најдов на листата со најдобрите вработени. За кусо време успеав да станам и дел од спортскиот дипартмент како тренер по одбојка на еден од познатите франшизи на англискиот универзитет „Middlesex university Dubai” во Дубаи. Сето тоа траеше три и пол години, по што со мојата тогашна девојка Калина, а денес сопруга и мајка на нашите два ангела Бистра и Павел, решивме да се вратиме и среќата да ја побараме во Европа бидејќи сметавме дека во тој свет не дека не припаѓаме, туку според природата и културата во која сме пораснале, треба да бидеме што поблиску до нашите корени - вели Панчевски.



Хотелиерство во Грција

По враќањето од Дубаи нивна желба била да почнат да работат во хотелиерството, што многу брзо им се остварила.

- Искуството што го стекнавме двајцата го сметам за непроценливо, а одлуката да се преселиме во Европа се покажа правилна. Идејата да најдеме хотел во Грција беше заедничка и фамилијарна. Желбата ни се оствари, а ние не дозволивме да ја пропуштиме таа шанса. Напротив, ја искористивме и ѝ додадовме уште поголема вредност која сè уште трае. Да бидам скромно искрен, хотелот „Maya-Bay“ е наш успех и наша гордост. Тој е нашето прво бебе, кое оваа година ќе наполни 7 години - вели тој.



И покрај успехот и искуството, Панчевски е скромен човек кој цврсто гази по земја.

- Имам 37 години, искрен сум, чесен, работлив. Овие карактеристики ги сметам за моја доблест, можеби во денешно време и не се најсоодветни, ама така сум воспитан. Немам каприци и комплекси. Ги негувам семејните односи, пријателството, ги сакам луѓето кон кои отсекогаш сум негувал емпатија. Се трудам да бидам грижлив и одговорен сопруг и родител - додава тој.