Кому му припаднаа 1.700 стари монети откако Сосиете женерал ѝ ја продаде Охридска банка на Шпаркасе?
Судбината на нумизматичката колекција пред 12 години ја разбранува јавноста откако Сосиете женерал заедно со мнозинскиот пакет во Охридска банка ја доби и колекцијата од 1.700 монети датирани од 6 век пред новата ера до 19 век
Кому му припаднаа 1.700 монети заштитени со Закон од колекцијата на Охридска банка, откако доминантниот сопственик, француската групацијата Сосиете женерал, пред два месеца продаде најголем дел од акциите на Шпаркасе банка, чиј сопственик е австриската Штаермеркише банк?
Монетите пред десетина години беа изложени во Охридската чаршија/Фото: Wikimedia Commons
Судбината на нумизматичката колекција пред 12 години ја разбранува јавноста откако Сосиете женерал заедно со мнозинскиот пакет во Охридска банка ја доби и колекцијата од 1.700 монети датирани од 6 век пред новата ера до 19 век. Стручњаците тогаш дебатираа дали монетите можеле да биде предмет на тргување, бидејќи тие беа заштитени како посебна нумизматичка колекција. Колекцијата содржи и монети од римскиот републикански и царски период до падот на Римското Царство, од раниот византиски период, времето на Јустинијан Први, на Јустин и нивните наследници. Има монети ковани во злато, сребро и бронза. Византиската хронологија се следи од 12 до 14 век – времето на Комнените, Ангелите и на Палеолозите. Има српски сребрени динари од Драгутин, Урош Први, од Стефан Душан, од Волкашин и од Марко. Во колекцијата има и венецијански грошеви од венецијанските дуждови од 13 и 14 век.
За колекцијата директно е надлежен Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, како и Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура. Кога беше формирана колекцијата, беше изложена во посебна поставка во Старата чаршија во Охрид. Во меѓувреме, со дислокацијата на седиштето на Охридска банка во Скопје, беше преселена и колекцијата. Од Охридска банка за Факултети.мк велат дека монетите денес се изложени во соодветно адаптиран простор, специјално уреден за таа намена во центарот на Скопје, каде што се наоѓа и депото.
Дали се планира изнесување на збирката?
- Монетите се чуваат по пропишани стандарди. Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид назначи овластено лице-конзерватор кое ја посети банката за да ја провери состојбата на монетите, начинот на чување и условите во кои се чуваат. По посетата Музејот издаде извештај во кој се потврдува соодветноста на условите за чување музејски збирки од ваков вид и ја потврди добрата состојба на монетите. Банката издаде и книга-каталог „Монетите од нумизматичката збирка од Охридска банка“, која беше споделена со голем број институции, компании, амбасади итн. Охридска банка, како сопственик на колекцијата, апсолутно е отворена за посети. Секој што е заинтересиран, со претходна најава може да дојде во дирекцијата во Скопје и да ја посети нумизматичката поставка - велат од Охридска банка.
На прашањето дали се планира поместување на монетите во странство, од банката се децидни:
- Не се планира дислоцирање на нумизматичката колекција во странство. Во согласност со решението од охридскиот Завод и музеј, колекцијата има својство на споменик на културата - велат од Охридска банка.
Формирана во 2004 година
Охридскиот завод и Музеј неодамна исконтактирал со централата на Охридска банка во Скопје, вели Елеонора Новаковска, директорка на Заводот.
- Добивме основни информации за збирката, која се чува и е соодветно изложена во трезорот и e достапна за одредени гости на банката. Планиран е состанок и увид во состојбата на монетите, да се разгледа и документацијата што ја има во банката (поврзана со збирката) и очекувам дека ќе се воспостави соработка помеѓу двете институции - вели Новаковска.
Таа објасни дека Охридска банка побарала ангажман на стручен кадар во 2016 година кога збирката била преместена од стари во нови нумизматички витрини. Тогаш бил извршен увид во збирката од страна на стручните лица Климент и Билјана Балеви, констатирана била состојбата на монетите и биле преземени соодветни заштитни интервенции. Од увидот е изготвен Извештај за извршена конзервација и поставување на Нумизматичка збирка на Охридска банка АД - Охрид (бр. 03-59909/1 од 21.11. 2016 година).
Фото: Википедија (Од колекцијата на НБРМ)
Според документацијата со која располага охридскиот Завод и музеј, Охридска банка А.Д. Охрид во 2004 година од нив побарала стручна соработка околу формирањето на колекцијата монети кои банката ги стекнала со откуп.
- Следствено на тоа, извршена е официјализација и регистрирање на културното наследство. Донесено е Решение за утврдување својство споменик на културата на Нумизматичка збирка од Охридска банка АД - Охрид (бр. 15-546/1 од 14.07.2004 година). Врз основа на ова решение, збирката е запишана во Регистарот на движни споменици на културата на подрачјето на Општина Охрид, под рег. бр. 330. Споменикот на културата е регистриран во Централниот регистар на движни споменици на културата на РМ под рег. бр. 103 – објаснува Новаковска.
Чии се надлежностите
Таа објаснува дека во согласност со пропишаниот режим на заштита утврден во решение, имателот е задолжен збирката да ја чува во трезорот на банката, обезбедена со алармни уреди, а по потреба да ја изложува во поставки со организирана физичка и техничка заштита.
- Од документацијата што е достапна во нашиот ИНДОК-центар, може да се види дека од формирањето на збирката, односно нејзиното прогласување за движно културно наследство, не е изработен Елаборат за ревалоризација на збирката каде што би се утврдил и пропишал нов режим на заштита (услови на чување, изложување, вклучително и периодични увиди во состојбата) и би се извршило преоценување на вредностите на збирката и нејзина категоризација, во согласност со Законот за заштита на културното наследство. Можеби една од причините за тоа е и недостигот на стручен кадар, односно пензионирањето на Даница Бачевска, нумизматичар, која дала голем стручен придонес за формирањето на збирката. Но, и без оглед на тоа, во изминатиот период редовно се вршеле увиди од страна на стручните лица од Заводот и се преземале неопходните конзерваторски зафати - објаснува Новаковска.
Фото: Википедија (Од колекцијата на НБРМ)
На прашањето дали постои каква било можност монетите да бидат изнесени од земјава, таа вели:
- Во согласност со Решението за утврдување својство на споменик на културата е дефинирана сопственоста на нумизматичката збирка. Банките се само иматели и немаат право на отуѓување, односно ги наследуваат обврските за чување на збирката согласно утврдените норми.
Охридска банка и Народна банка на Македонија се единствените две банки што се иматели на нумизматички колекции.