Емилија Колевска, најдобар студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер: „Едукацијата на младите е клучна за едно правилно современо општество“

Емилија Колевска, најдобар студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер: „Едукацијата на младите е клучна за едно правилно современо општество“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Од особено значење во студирањето ми беше разновидноста на наставната програма и колку таа беше сеопфатна во различни гранки од дејноста, вели Емилија Колевска, најдобриот студент на ФДТМЕ

Таа е прогласена за најдобар студент на Факултетот за дизајн на мебел и технологии со мебел и ентериер за академската 2017/2018 година. Емилија Колевска дипломирала со просек 9,6 и денес веќе работи по струката што многу ја сака.
Задовoлна е од тоа што го научила и од основата што ја добила на нејзиниот факултет и топло им го препорачува на матурантите со голема креативност, уметнички афинитети, сопствено чувство за стил и за комбинирање различни елементи во конкретен простор.
Со неа поразговаравме на повеќе теми поврзани со високото образование.


Емилија Колевска

Бевте прогласени за најдобар студент на Вашиот факултет. Ви значи ли тоа признание?

- Наградата за најдобро дипломиран студент за мене претставува афирмација за досегашните достигнувања во текот на изминатите години во целото мое образование. Да се биде најдобар студент опфаќа многу повеќе, односно тоа претставува самопромоција, мотив и инспирација. Оваа „отскочна штица“ исто така претставува поттик за понатамошни успеси и совладување нови предизвици што се појавуваат на повидок.

Што најмногу Ве радуваше во времето на студирањето на Вашиот факултет? Имавте ли убава соработка со колегите и со професорите?

- Најголема радост ми претставуваа сите моменти во кои учев нешто ново од теоретска и практична смисла на зборот во областа на дизајнот на ентериери и мебел. Од особено значење во студирањето ми беше разновидноста на наставната програма и колку таа беше сеопфатна во различни гранки од дејноста. Покрај стекнатото знаење на факултетот, стекнав и повеќе пријатели со кои заедно ги поминувавме студентските денови и креативно се надополнувавме. Соработката со професорите беше извонредна, секогаш беа достапни за секое прашање и консултација што ја имавме, како и подготвени да нѐ насочат во секој момент.

Би му препорачале ли на некој матурант да се запише на Факултетот за дизајн?

- Внатрешниот дизајн е архитектонско-дизајнерска дисциплина во индустрија која продолжува да расте со огромна брзина, особено интересна за оние со голема креативност, уметнички афинитети, сопствено чувство за стил и за комбинирање различни елементи во конкретен простор. На секој што го поседува горенаведеното топло му го препорачувам Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер со цел започнување успешна кариера како дизајнер на ентериер или мебел.


Дизајн на Колевска

Имавте ли омилени професори или такви чии предавања не сакавте да ги пропуштате?

- Предавањата на професорите д-р Владимир Каранаков и д-р Елена Никољски-Паневски би ги издвоила како лично најинтересни и интерактивни предавања со богата програма која е доста технички спремна. Но, сепак, не би можела да издвојам омилен професор бидејќи сите несебично ни ги пренесуваа знаењето и личното искуство во текот на целото студирање. Тврдам дека едукацијата на младите е клучна за едно правилно современо општество и тие можат да бидат иднината ако им се даде правилно водство, знаење и поддршка.

Што најмногу Ве привлекува во оваа област, што најмногу сакате да работите?

- Во овој современ свет, каде што главна одлика се брзите промени на нештата, нормално е луѓето постојано да бараат промена во својот дом и опкружувањe, a тоа претставува предизвик за мене. Оваа дејност во индустријата дозволува да одбереме од многуте разновидни правци, каде што воедно можам да кажам дека сѐ уште се пронаоѓам и секојдневно учам, но покрај тоа, моментално најпривлечна област ми е дизајнот на ентериери и нивата 3Д-визуализација. Сѐ почнува со разбирањето на желбите и потребите на клиентите, а потоа се имплементираат сите информации и идеи кон решението што сакаме да го добиеме. Тој дизајн треба да е перфектен спој на функционалноста и естетиката, како и соодветен меѓусебен баланс заедно со другите фактори - форма, текстура, боја, светлина, пропорција, рамнотежа и слично. Внатрешниот дизајн е процес кој им дава на клиентите збир на визуелно пријатни, но ефикасни опции за подобро искористување на просторот за кој станува збор.



Гледано од иновативен аспект, дизајнот на продукти и мебел ми претставува вид дејност во која исто би сакала да го проширам своето знаење. Интеракцијата на готовиот производ со потрошувачот/корисникот за мене претставува основен мотив за изготвување разни дизајни кои се естетски привлечни, но и ја оправдуваат својата функција.
Моментално работам во студио за дизајн на ентериери, екстериери и 3Д-визуализација. Мојот почеток во ова студио датира од декември 2017 година. Се здобив со неспоредливо практично знаење кое секојдневно до ден-денес сѐ повеќе се збогатува, а воедно за тоа од сѐ срце сум му благодарна на тимот. Студиото е едно од најдобрите во Македонија со долгогодишно искуство и многу реализирани проекти во повеќе категории - резиденцијални, комерцијални, културни објекти. Работните денови се исполнети со креативност, тимска работа и мноштво идеи во однос на дизајнот кои резултираат со успешни проекти.