Заборавете ги фразите „не знам“ и „не можам“. Тие не треба да постојат во вашиот речник. Оној што не знае, може да научи, а како ќе знаете дали можете ако не го дадете максимумот? Не плашете се од големи работи. Тој трнлив пат од бруцош до дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии се исплати и вреди, ох и тоа како вреди!
Има само 22 години, роден е во единствениот град во Македонија заштитен од УНЕСКО, дипломира во Скопје на Факултетот за електротехника и информациски технологии со просек 9,53 и деновиве ги почнува магистерските студии по биомедицинско програмирање на Техничкиот универзитет во Минхен (ТУМ). Никола Буџакоски од Охрид е инспиративен млад човек кој сака да го употреби своето знаење и да го смени секојдневието на луѓето во една од најважните сфери во постоењето на секој човек - здравствениот систем. Вели дека ФЕИТ е маратон кој не се трча спринт. Бара подготвеност, истрајност и континуираност. Ова е неговата приказна.
Никола Буџакоски: Ми беше важно секој предмет да го положам со знаење
Што Ве предизвика да се запишете на Факултетот за електротехника и информациски технологии, со оглед на тоа што станува збор за еден од најтешките факултети во Македонија?
- Голема улога во мојот избор одигра фактот дека техничките факултети ги отвораат вратите за пласман на вашиот труд, капацитет и знаење надвор од границите на оваа држава. Да соработувате и да работите со научници од светот, и можеби еден ден да станете големо име во тие научни кругови. Сиот прогрес кој се случува во светот денес се должи токму на експерименталните идеи на студенти кои доживеале соодветна реализација. Факт е дека технологијата го олеснува секојдневниот живот и нè носи кон една подобра иднина. Едноставно, сметам дека техничките науки дозволуваат преку нашите замисли да го креираме светот кој сѐ уште не го познаваме. Реченицата: „Еден од најтешките факултети“ сама по себе означува предизвик. А јас обожувам предизвици.
Зошто ја избравте токму Катедрата за компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика?
- Да бидам искрен, во тој момент не знаев. Сакав да учам нешто што е поврзано со применета математика. Тогаш првпат се запознав со зборот автоматика. Бидејќи немав кого да прашам, пребарав на интернет за да видам што всушност тоа подразбира. Тоа многу ми помогна. Секој иден студент треба да пребара надвор од страните на факултетите, за да види, да чуе искуства од студенти и универзитети надвор од земјата. Така барем ќе добијат некоја појасна слика што одбираат. Видов дека автоматиката во комбинација со роботиката дава слика за нешто футуристичко. Затоа одбрав насока која е просперитетна, дава можност да се учи нешто што е неизоставен дел од иднината и отвора можности за работа во повеќе области. Сега кога ќе се вратам наназад, многу сум благодарен за тоа мало истражување што ме однесе во вистинската насока.
Во една група од 66 талентирани, амбициозни, успешни студенти од 6 различни земји
Дипломиравте со просек 9,53. Што е пресудно за еден студент да постигне олку висок просек на еден од најтешките факултети?
- Работа, работа, викенд-пијанки-со-пријателите, работа и работа. Не постои начин, ниту пак ритуал за да се стигне до висок просек. Сите ние сме различни и имаме различен пристап. Просекот не е главно мерило за капацитетот, способноста и знаењето на еден студент, туку е само показател за напорна и посветена работа. Ако претерате и се преокупирате да го пеглате константно, за да биде што е можно повисок, тогаш ќе ја изгубите смислата на вашето образование. Сатисфакцијата не треба да биде во тоа да се има висок просек, туку студентите да се стремат да стекнат што поголеми вештини и знаења. Единствено ми беше важно секој предмет да го положам со знаење, со добро разбран материјал кој ќе остане како некомпромисна инженерска вредност во мојата глава кога сето тоа ќе заврши. На крајот, напорната работа што ја вложив за да ги стекнам знаењата кои ќе ме носат понатаму во животот резултира со една таква финална оценка, за која можам да кажам дека сум апсолутно задоволен и не би менувал ништо.
Тукушто завршивте со праксата во Германија. Како се случи контактот со институцијата/компанијата?
- Стипендист бев и дел од Internship Program Of German Businesses For The Countries Of The Western Balkans под покровителство на Фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“ и германското министерство за економија и развој (БМЗ). Во една група од 66 талентирани, амбициозни, успешни студенти од 6 различни земји кои сакаат да напредуваат во своите кариери. Процесот на аплицирање е долг и бара многу трпение, особено затоа што се соочувате со огромна конкуренција која нуди квалитет. Годинава од 1.500 пријавени беа одбрани само 66 студенти, од кои 9 од Македонија, што зборува за филтрите низ кои треба да се помине. Самата програма ја направи конекцијата помеѓу мене и фирмата ODW Elektrik, која се занимава со производство на делови за автомобилска индустрија, врз база на моите способности и нивните потреби. Би им ја препорачал оваа програма на сите млади студенти бидејќи навистина е искуство кое не само што ќе се најде во вашето CV туку и ќе ве промени на еден интересен начин и ќе ви помогне да напредувате во сопствената кариера.
ФЕИТ ми даде платформа да ги развијам своите експериментални идеи
Имате контакти со колеги од други земји. Во поглед на стручната подготовка, како котира еден студент што излегол од ФЕИТ во однос на конкуренцијата? Колку факултетот Ве подготви за понатамошните предизвици?
- ФЕИТ ми даде платформа да ги развијам своите експериментални идеи. Во една професионална атмосфера ги градев основите на мојата кариера и на крај, моите очекувања што ги имав како средношколец беа задоволени. Македонија испорачува квалитет, ова секогаш го тврдам и стојам зад кажаното. Студентите на ФЕИТ можат да се носат рамо до рамо со студентите на кој било технички факултет од светот. Во неколку наврати сум имал можност да споделам искуства и неоспорен факт е дека ФЕИТ испорачува знаење и нашите студенти можат да се вклучат во разни проекти, дебати, да ги употребат своите знаења стекнати тука, да даваат критичко мислење, да предлагаат, да се натпреваруваат и да победуваат. Да создаваат и да донесат придонес во одредени иновации од областите што тука се работат. Неизмерно сум среќен што на ФЕИТ доаѓа еден бран на нови, млади, инспиративни професори и асистенти, кои пред сѐ се достапни за разговор и совет, а потоа максимално посветени безрезервно да го пренесат своето знаење. Со тоа само се докажува дека ФЕИТ секојдневно расте и се развива како институција за да им овозможи што повеќе придобивки од сите аспекти на студентите што студираат тука. Моето место на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ќе го продолжам своето образование, е уште една потврда за квалитетот што се создава на ФЕИТ. Секако дека тоа најмногу зависи од самиот студент - факултетот дава платно и бои, а од нас зависи каква слика ќе создадеме. Моите способности, критичко размислување, идеи, проекти, искуства стекнати токму таму ми овозможија да се справам со строгите критериуми на оваа институција, која по четврти пат беше прогласена за најдобар технички универзитет на Германија (според QSWorld University Ranking), влезе меѓу најдобрите 25 универзитети кога станува збор за природните и инженерските науки и се најде на 48. место на Шангајската листа.
Добивте стипендија или приватно си ги финансирате постдипломските студии?
- Моментално сум стипендист на моето семејство, кое застана зад мене и целосно ги презеде трошоците за моето образование, знаејќи дека моите аспирации за професионална кариера не можат да бидат остварени во Македонија. Драго ми е што зад себе имам луѓе кои ме разбираат и ме поддржуваат во секој чекор и сум многу благодарен што секогаш имале отворен ум, разбирање и наоѓале сили и средства за да ги остварат моите соништа. Без нивна помош, не би бил тука.
Предизвик му се телеоперацијата и креирањето глобален облак за дијагнози
Зошто го избравте токму биомедицинското програмирање?
- Тргнав од сопствените животни случки. Сакам моите знаења да ги употребам, да ги вложам во нешто што ќе го менува секојдневието на позитивен начин. Сведоци сме на разни апликации кои на некој начин го подобруваат нашето постоење, но ако не ги лоцираме најважните проблеми на човештвото, тогаш сме потфрлиле како инженери. Сметам дека ние, инженерите, треба да се насочиме кон решавање на проблемите во една од најважните сфери во постоењето на секоја индивидуа – здравството и здравствениот систем. Би сакал да работам на подобрување, усовршување и интегрирање на роботските раце во операционата сала. Така би се подобриле постојните операции и би се надминале грешките што се јавуваат поради замор или треперење на раката на докторите. Телеоперацијата и креирањето глобален облак за дијагнози се области во кои исто така би сакал да учествувам. Биомедицинското програмирање, кое се темели на математика, програмирање, процесирање на слика и машинско учење, е млада, перспективна, футуристичка, иновативна наука, која сѐ уште се развива, но дава простор сопствените идеи да се интегрираат во креации кои можеби ќе станат неизоставен дел од здравствениот систем. Нејзината интердисциплинарност е само доказ за комплексноста, која зборува за предизвиците што ги носи, па затоа ја одбирам за моја идна професија.
Што би ги советувале студентите што сакаат да студираат на ФЕИТ?
- Не плашете се од предизвици. Фокусирајте се кон својата цел и трасирајте сопствена патека до таму. Бидете храбри, секогаш кажете го она што мислите дека е точно и исправно, ако за сето тоа имате соодветни факти. Не одбирајте ја линијата на помал отпор - огромниот труд ќе резултира со награда. Секогаш. Не сомневајте се во себе, она што не се постигнува со малку работа се постигнува со многу работа. ФЕИТ е маратон кој не се трча спринт. Бара подготвеност, истрајност и континуираност. Можеби до целта ќе подзастанете неколку пати, но важно е да не се откажете. Не губете го сопственото време на калкулации, посветете се на материјалот, имате сѐ што е потребно за да бидете успешни. Во приказната 10 отсто талент и 90 отсто работа има многу вистина. Зграбете ја секоја можна шанса, не само за да ја напишете како парче информација во вашето професионално CV, туку навистина да ги искористите овие четири години како можност да соберете знаење и искуство. Можеби понекогаш ќе ви фали сон и ќе се прашувате кое кафе ви е денеска, ќе ви се склопуваат очите и ќе бидете на работ од откажувањето, но секогаш поместувајте ги вашите граници на издржливоста. Прашувајте - нема глупави прашања и не треба да се срамите да прашувате. Колеги, асистенти, професори... Прашувајте, прашувајте! Материјали, книги, збирки, совети од постари колеги... Во животот најважно е да ја имате вистинската информација. Не е срамота да не знаеш, срамота е да не научиш! Не дозволувајте да ја изгубите идејата за вашата професионална кариера. Во тој маратон ќе сретнете многу луѓе кои можеби и ќе се потсмеваат на вашите замисли и ќе ги оспоруваат вашите соништа. Ако верувате во нешто, останете на тоа, не дозволувајте некој да ви каже дека не можете, затоа што можете.
Неуспехот да ви биде мотивација следниот пат да „растурите“
Понекогаш се случуваат неуспеси. На нив гледајте како на патокази кон успехот - наместо разочарување, нека ви бидат мотивација наредниот пат да „растурите“. Сѐ што ќе ви се случи на тој пат е искуство, верувајте ми, искуството, без разлика дали е позитивно или негативно, е бесценето! Не помислувајте на отпишување и откажување, не сте дошле тука за да се откажете. Има куп сесии на кои можете да го претставите најдоброто од себеси, ако не сте успеале во претходните, само присетете се на овие зборови - работа, работа, работа! Во целиот овој процес не заборавајте да се дружите и да ја зголемувате својата мрежа на нови личности. Насочете ја целата енергија на себеизградување, имате една феноменална институција која може да ве претвори во она што отсекогаш сте го сонувале. ФЕИТ ви нуди многу можности, но како ќе ги искористите, зависи од вас. Не бидете студент со оправдание, туку бидете студент со успешна приказна. Најтешкото не постои, тоа е само психолошка состојба со која ја оптоваруваме нашата глава. На некој ќе му требаат три часа, на некој двојно повеќе да го совлада истиот материјал. Но, факт е дека секој може да се оствари себеси во успешен студент, човек, инженер, без разлика какво е неговото минато во образовниот процес. Она што е потребно е цврста волја, ангажираност, посветеност, одлучност, работа и секако мала награда како викенд-излегување за да ја напумпате сопствената мотивација. Одберете го она што вие го сакате и работете секојдневно да бидете најдобри во тоа. Заборавете ги фразите „не знам“ и „не можам“. Тие не треба да постојат во вашиот речник. Оној што не знае, може да научи, а како ќе знаете дали можете ако не го дадете максимумот? Не плашете се од големи работи. Тој трнлив пат од бруцош до дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии се исплати и вреди, ох и тоа како вреди!
За 10 години се гледа себеси како доктор на науки
Каде се гледате себеси за десетина години? Ви нуди ли Македонија предизвик да се вратите тука и да работите во некоја од нашите институции?
- Она што го научив досега е да не бидам скромен во своите замисли за иднината. Колку повисоко целам, толку поголеми работни обврски си задавам себеси, а со тоа работата ја завршувам попосветено и секојдневно се надградувам. Сакам со секое ново утро да се справувам со предизвици, а не работата да ми биде досадно рутинско повторување на веќе видени работи. Сакам иновација, сакам напредок, не би сакал мојата кариера да доживее точка на сатурација, од која ќе нема следно ниво. Сакам да се движи по една нагорна линија и да биде ставена во функција на науката и подобрување на животот на обичниот човек. За 10 години се гледам пред сѐ како доктор на науки, најверојатно во областа на биомедицинското програмирање.
Искрено би сакал да започнам сопствен старт ап, кој се надевам би прераснал во компанија која би се проширила во светски рамки. Сметам дека имам доста идеи кои би добиле соодветна реализација, а исто така начинот на кој знам да се справам со критика, тимската работа, лидерските способности, менаџментот на времето и насоченоста кон иднината и сопствените цели би придонеле за успешна реализација на таа моја замисла. Секако, со секоја секунда сѐ се менува и не можеме да знаеме каде ќе нè однесе животот. Себеси се сметам за дете на светот бидејќи обожувам да патувам, така што не би се врзал за одредена држава. Македонија, Германија, САД, можеби некоја сосема нова локација, кое било место што ќе донесе авантура, предизвик и секако нов пазар за да се пласира она што јас сум го замислил. Дали би се вратил во Македонија? Да, ако зборуваме за развој на сопствен бизнис. Да бидам искрен, засега не се гледам себеси, ниту мојата кариера, во која било институција во Македонија. Од тоа што моментално се нуди, апетитите за мој професионален развој не се задоволени таму. Затоа одбирам кариерата да ја продолжам надвор од нашите граници.