Спин офф компанија

Спин офф компанија "Смарт тек" - Спој на искуство, знаење и ентузијазам

Секоја компанија треба да овозможи младите студенти да извршуваат практикантска активност, велат студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, кои своето теоретско знаење го практицираат во спин-офф компанијата „ДТК Смарт-тек“. Со оваа констатација се сложува и доцент д-р Живко Кокoлански, управител на компанијата.


„Како универзитетски професори, но и како компанија, сме привилегирани да работиме со студентите. Освен што соработуваме со професорите од Факултетот, даваме добар пример за соработка со одличните студенти кои се ангажираат во работата на компанијата. На овој начин, всушност, правиме функционален спој меѓу академскиот свет и индустријата“, објаснува Коколански.


Компанијата Смарт-тек е формирана да помогне на компаниите при зголемување на енергетската ефикасност и при контролата на трошоците за електрична енергија. Компанијата е добитник на грант од Фондот за иновации и технолошки развој и делува во насока на развој, услуги и едукација на компаниите. Тимот на Смарт тек е фокусиран на хардверски и на софтверски решенија на системи за менаџмент со електрична енергија, кои постојат во светот, но се многу скапи за нашето стопанство.

„За жал, цената на овие системи е премногу висока, а со тоа и периодот за повраток на инвестиции често е премногу долг. Токму цената на системите е еден од основните предизвици на нашата компанија. Хардверската и софтверската реализација на нашите системи, покрај другото, овозможува интегрирање и на постоечка мерна опрема која значително ја намалува цената на чинење на системот. Дополнително, конкретните иновативни решенија овозможуваат поедноставување на хардвер¬ската реализација без да се нарушат метролошките карактеристики“, вели Кокoлански.



Според неговиот колега, студентот Филип Симјаноски, системите овозможуваат следење на потрошувачката на електрична енергија, а за понатамошни заштеди неопходно е да се додаде и соодветна експертска анализа на мерните податоци и врз основа на тоа, да се предложат соодветни корективни мерки. Исто така, следењето на потрошувачката на енергија и тенденцијата за нејзино намалување, која ја овозможуваат нашите системи е предуслов за имплементација на стандардот ISO 50001 за управување со енергија. Секако, потребно е и да се обучат и сертифицираат вработените во компаниите за менаџирање со електричната енергија, вели Симјаноски.


„Секако дека професорите се носечкиот столб во научната област, но заедно со нашите нови идеи, енергија и труд, ќе направиме одличен спој на теоријата и праксата. Вака, неизбежно е да се создаде иновативно решение кое ќе им помогне на компаниите кои ќе го имплементираат во процесот на нивното работење“, вели студентот Бодан Велковски кој исто така е вклучен во активностите на Смарт-тек.


За него, работењето на професорите, научниците и студентите во една целина претставува спој на искуство, знаење и ентузијазам. „Можноста да се учи и истражува во еден ваков тим претставува одлично искуство за нас, а воедно и поттик за личен и професионален напредок“, додава Велковски.