ДЕЦАТА И ПАРИТЕ: Првоодделенчиња носат и по 100 денари во училиште

ДЕЦАТА И ПАРИТЕ: Првоодделенчиња носат и по 100 денари во училиште

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

На децата можете да им кажете дека може да ја купат посакуваната играчка, видеоигра или облека доколку заштедат од својот џепарлак. Така ќе го разберат концептот на вредноста на парите, времето и планирањето, а ќе доживеат возбуда кога конечно ќе ја заштедат потребната сума – вели психологот и психотерапевт Марија Котевска-Димовска



Сте се прашале ли како родители колку пари треба вашите деца да понесат со себе кога се в училиште или, пак, средношколците кога излегуваат в град? Во денешното особено изразено материјално време, кога децата ги разбираат парите и знаат колку пари им чинат и купените играчки, ова прашање тешко им паѓа на родителите, велат психолозите. Многу пати во недостиг на време за да им се посвети внимание, родителите мислат дека со повеќе пари в џеб ќе им надоместат на своите деца.

Првоодделенчиња со по 100 денари в џеб е сѐ почеста слика во нашите училишта. И тоа во ситуации кога децата имаат организирана исхрана таму каде што учат, но, сепак, родителите се „загрижени“ на нивните деца да не им затребало нешто, а најчесто купуваат грицки или слатки ситници. Има и такви родители што се борат со мнозинството и се трудат детето да го учат да биде задоволено со тоа што веќе му е обезбедено во училиштето.

-Моето дете е прво одделение. Имаат организирана исхрана секој ден, а оди и во дневен престој. И таму има топол оброк и проценувам дека на моето дете не му требаат пари за ништо. Доколку има некој оброк што не му е омилен, некое јадење, тогаш им даваат и алтернатива, така што нема основа моето дете да биде гладно. Но, не можам да се изначудам кога гледам дека негови врсничиња секој ден носат по 50 и по 100 денари и постојано купуваат глупости – лижавчиња, чоколатца, соленки, па дури купуваат топло чоколадо од кафемат. Можеби 100 денари не се многу за возрасен човек, но се прашувам каква порака им испраќаме на децата – за некоја година ќе ни бараат по 500 денари за дневни потреби? Сметам дека овие навики треба да ги стекнат од најмали нозе и затоа не треба да се претерува со парите. Гледајќи ги другите деца, и ќерка ми се залажува и веднаш почна да ме прашува зошто таа да не носела пари кога другите носеле. Се разбира, ѝ објаснувам сè што треба да знае – вели мајка која се обидува да не подлегне на ставот „па сите така прават“.

На темава поразговаравме и со доц. д-р психолог и психотерапевт Марија Котевска-Димовска. Таа укажува дека од суштинско значење за децата е да научат што претставуваат парите, зашто „во консумерско општество во кое живееме недостигот на вештини за располагање со парите може да доведе до сериозни проблеми подоцна“.

Токму од прво одделение и децата стекнуваат едукација за финансиската писменост, според современите наставни програми. Затоа, наставниците знаат да се пошегуваат дека тој дел од математика најлесно го совладуваат. Неделниот додаток или џепарлакот е почетна точка за стекнување вештини за управување со парите, вели таа.

-Треба да ги научиме децата која е вистинската вредност на парите и како паметно и рационално да ги трошат. Родителите имаат многубројни дилеми околу оваа современа проблематика. Најчесто се прашуваат кога е вистинското време да се почне со доделување џепарлак. Постојат многу теории, совети и примери за тоа кое е вистинското време да се почне со џепарлакот. Веќе на возраст од 5 или 6 години на децата полека може да им се воведува терминот џепарлак, во мали количини, кои ќе ги трошат или штедат под надзор на родителите. Подоцна, кога децата ќе ги совладаат првите сознанија за парите, оваа сума може постепено да се зголемува, но во согласност со нивото на одговорност на детето во вршењето на должностите и обврските – вели Котевска-Димовска.

Модел на детето за односот кон парите е родителскиот однос кон парите и финансиската состојба. Џeпарлакот може дефинитивно да придонесе за развој на културата кон парите, но не постои единствен одговор на прашањето за износот на пари, тоа зависи главно од возраста на детето, какво е вашето дете, што вие сметате дека е разумен износ, вашиот буџет и вашите куќни правила.

Еве неколку насоки за тоа што е потребно да ги учат децата за управување со парите.

Подготовка на детето за џепарлак
Џепарлакот може да придонесе за развивање здрав однос кон парите, но повеќе психолошки наоди препорачуваат дека пред одредување на нивото на џепарлак треба да се разговара со детето и да се утврдат правила околу начинот на трошење. Подготовката значи да се утврдат правилата за износот и денот на „исплата“, а како најважен аспект од овие подготовки потребно е да се направи јасен договор околу тоа на кои работи смее да се трошат парите, а на кои не смее и како ќе се распореди џепарлакот.

Разговор за пари
Децата често ги гледаат возрасните како трошат пари, но тие не го разбираат овој процес. Како резултат на тоа, кај децата може да се развијат заблуди за тоа како се управува со пари. Периодични разговори со децата околу сметки или заштеди, кои не треба да бидат премногу долги и премногу детаљни, може да имаат информативен ефект.

Користете соодветни зборови
Поимот пари може да биде тежок концепт за деца и тешко може да се заинтересираат за такви теми. Но, ако се објасни вредноста на парите преку едноставни контрасти и визуелни знаци, детето лесно ќе почне да го разбира концептот на временската вредност на парите.

Важноста на парите
Импулсивното купување е често и непожелно, па потребно е децата да се научат дека таков начин не е најдобрата опција. Ова нема да биде лесно бидејќи децата се многу возбудени кога ќе видат нешто што сакаат да го купат. Сепак, важно е да им се објасни дека ако навистина сакаат нешто, ќе мора да почекаат некоја специјална пригода, како што е роденден. Можете да им кажете дека може да ја купат посакуваната играчка, видеоигра или облека доколку заштедат од својот џепарлак. Така децата ќе го разберат концептот на вредноста на парите, времето и планирањето, а ќе доживеат возбуда кога конечно ќе ја заштедат потребната сума.

Мотивирање со пари
Може да се обидете да му дадете на вашето дете шанса да заработи пари - редовни дневни задолженија во куќата, како што е местење на своето креветче, наводнување растенија, прошетка на миленичето, ќе му помогне да ја преземе одговорноста за задачата и да биде награден за својот придонес. Постарите деца може дополнително да се мотивираат и наградат со задачи кои не се вообичаени и секојдневни.

Џепарлакот не смее да биде уцена
Потребно е да истакнеме дека родителите не треба да ги користат парите како средство со кое ќе го уценуваат своето дете, но тоа не значи дека надоместокот не треба да се заработи низ исполнувањето на обврските, на училиште, дома или со доброто однесување. Сепак, ако детето свесно греши, казната може да биде ускратување на џепарлакот. Наместо да го уценуваат или критикуваат начинот на кој детето ги троши парите, родителите би требало да коментираат за последиците и да го поттикнуваат детето да ја преземе одговорноста за своите одлуки.

Парите не се сè
Она што е најважно да ги научите децата е дека иако се важни во животот, парите не се сè. Можете да ги наградите своите деца на други начини, како што се давање пофалби, одење на патување или излет или, пак, подготовка на омилено јадење. Покажете им дека времето поминато со семејството и пријателите нема цена, но има голема вредност.