Интервју, Игор Томески: Со режисерот од Бродвеј ја испеавме „Зајди, зајди“
Тука постои систем на вредности во кои квалитетните индивидуи испливуваат на површина без никакви компромиси, одолговлечувања и пристрасност од страна на оние кои треба да го препознаат успехот. Американското образование, како најскапо образование во светот, се труди да ги задоволи интересите на сите ученици и како такво овозможува најдобри услови за развивање на една комплетно оформена личност
Тој е несомнено личност што ветува. Роден е во Тетово и има само 20 години, а веќе е запишан на листата на добитници на Нобелова награда. Се разбира, не не онаа официјалната, туку на Нобеловата награда за млади. Игор Томески е името кое деновиве често се спомнува во јавноста. Веројатно нема толку години колку што има идеи и реализирани проекти зад себе. Во моментот студира театарска и филмска глума и режија во Њујорк. Со него разговараме за образовниот систем во САД, наградата, моменталните активности и идни планови.
Факултети.мк: Раскажи ни за своите почетоци. Како стигна до Њујорк?
- Имам 20 години, доаѓам од Тетово. Од рана возраст, покрај училиштето, се ангражирав во културни случувања во Тетово, па меѓу другото пишував и режирав регионална телевизиска серија на само 12 години, која ја продуцирав во наредните години. По завршувањето на средното образование - приватното американско училиште Woodrow Wilson во Тетово, добив покана од Соединетите Американски Држави да членувам во Нобеловото национално здружение за високо образовни установи кое ги регрутира само најдобрите матуранти од светот. Поканата стигна на моја домашна адреса лично од Клејс Нобел, внукот на Алфред Нобел – основачот на Нобеловите награди, веројатно врз основа на моите достигнувања на рана возраст. Со тоа станав член на едно посебно општество и здружение на академци, лауреати, нобеловци.
Факултети.мк: Што поточно студираш во Њујорк и на кој универзитет?
- Студирам театарска и филмска глума и режија во Њујорк. Системот на факултети е флексибилен и овозможува партнерски однос со повеќе институции пред да ја добиете својата диплома, особено за нобеловеците. Бев примен на New York University, Boston University и неколку реномирани драмски академии токму во Њујорк како што се AMDA и American Dramatical Conservatory, во мали класови во кои има силна конкуренција. Моментално, оваа година извршувам дел од студиите во Manhattanville College, каде што ги имам најдобрите услови коишто ми се потребни во моментов да работам на моите проекти, покрај студиите. По завршувањето на проектите, вратите остануваат отворени за останатите уметнички институции во Њујорк. Како единствен македонски нобеловец, ослободен сум од плаќање на школарина на реномирани американски унивезитети врз основа на моите достигнувања. Во спротивно, сума од неколку милиони денари за целосно школување во САД е невозможна за самофинансирање, првично заради различноста во примањата во двете земји.
Факултети.мк: Неодамна ја доби Нобеловата награда за млади. Раскажи ни за тоа. Кој ја доделува, за што и во конкретниов случај, за што ја доби ти?
- Наградата ја доделува Нобеловото национално здружение за високобразовни установи на годишно ниво. Во здружението се влегува само со покана. Наградата ја добиваат само најдобрите членови на ова здружение на светско ниво, меѓу светска конкуренција. За да додели една Нобелова награда за млади, здружението разгледува неколку фактори: академски успех, научни или уметнички афинитети во одредена област, лидерски способности, способности да ја мотивира младината, како и да ги пропагира нобеловите вредности за еднаквост и мир преку однесувањето и проектите на студентот, како и ги оценува неговите проекти во неговата област од интерес. Во жирито има претставник од секој област – тоа се реномирани светски имиња коишто можат компетентно да го проценат талентот на номинираните студенти и само неколкумина се здобиваат со награда за областа во која покажуваат огромни квалитети и потенцијали и конкретни достигнувања. Мојата награда е доделена за Драма, лидерство и визија за моето 8-годишно непрофитно творење на филмски и театарски проекти од мали нозе во Тетово. Претставник на жирито од областа на филмот и театарот е познаниот холивудски оскаровец, Ед Харис – актер, режисер, продуцент, сценарист, коишто ги процени моите проекти.
Факултети.мк: Можеш ли да направиш куса споредба меѓу можностите за образование во Македонија и во САД. Кои се најголемите предности што ги добиваш таму?
- Пред се, тука постои систем на вредности во кои квалитетните индивидуи испливуваат на површина без никакви компромиси, одолговлечувања и пристрасност од страна на оние кои треба да го препознаат успехот. Американското образование, како најскапо образование во светот, се труди да ги задоволи интересите на сите ученици и како такво овозможува најдобри услови за развивање на една комплетно оформена личност, во мојот случај развивање на еден уметнички талент.
Факултети.мк: Студираш во еден од најголемите културни центри во светот, каде често се движат и светски филмски ѕвезди. Раскажи ни некоја анегдота...
- Интересно е кога поминувате низ Централ Парк и се вртите да се уверите дали покрај вас поминал актер од некоја серија која вчера сте ја гледале. Интерсна анегдота ми се случи токму на театарската сцена. Имав аудиција со режисер од Бродвеј – Том Фогарти, за театарска претстава, на која требаше да глумам и пеам. Не знаејќи, сум испеал еден американски класик со балкански примеси на претерано вибрато. Тоа му се допаднало на музичкиот директор, кој помислил дека тоа го правам заради уникатен музички печат и личен стилистички избор, додека јас, недоволно запознаен со музиката, не бев свесен дека тоа го правам. Хорскиот директор успеал дури да го убеди и жирито и режисерот Фогарти да ме исклучи од нивните планови за актерски улоги и да ме вклучи во музичкиот и хорски елемент за неговите замисли, што и му успеа. Беше малку збунет кога дозна дека немам десетгодишно музичко искуство, како што претпоставуваше, и дека мојот интерес и избор беа актерските улоги во претставата. Се заинтересира за балканската музика, особено народната, па заедно ја научивме и испеавме „Зајди зајди“.
Факултети.мк: Како изгледа едно секојдневие на 20-годишен Македонец кој студира во Њујорк? Имаш ли многу пријатели, дали обврските оставаат време и за опуштање и забава?
- Како некој што е комуникативен и прилагодлив, пријатели никогаш не претставуваат проблем. Луѓето се прифатливи и те поддржуваат во се што правиш, и се радуваат на туѓиот успех. Но, ако сакате висок академски како и вонакадемски успех во исто време, треба добро да го изменаџирате своето време за да најдете време за забава и релаксација. Меѓутоа, кога се работи со љубов и пасија, секогаш постои забава.
Факултети.мк: Кој е твојот најголем сон и каде се гледаш себе си за десет години?
- Џон Ленон вели: Животот е она што ни се случува додека ние си правиме свои планови. Јас оставам животот да ги открие своите изненадувања додека јас си ги правам своите планови. Единствео што знам е дека ќе продолжам да се занимавам со она што го работам од мали нозе – тоа е филмот и театар, сега веќе професионално, и ќе го изберам местото каде ќе имам најдобри услови за тоа. И верувам дека кога ќе пристапите и работите со искрена љубов, работите сами ќе си дојдат на свое место. Ако посакувате да стигнете до успехот, најпрво треба да се откажете од трката по него, бидејќи истото ве преморува. Работење со љубов, ценењето на работите што веќе ги имате во животот се најважните работи, а ако сте благодарни, работите квалитетно и трудољубиво, ќе ги привлечете вашите желби и вашиот труд ќе исплива на површина порано или подоцна.