Цел месец наука на ПМФ и во Skopje City Mall

Цел месец наука на ПМФ и во Skopje City Mall

Добредојдени се сите граѓани, љубители на науката, добронамерници, секој што сака пријатна атмосфера, добра забава и секако да види, да проба и да научи

Подобар третман на природните науки и друштвата што ги популаризираат, подигнување на свеста за значењето на природните науки, нивната важност, примената, потенцијалите што ги нудат и секако, поголема природонаучна писменст за секој поединец во заедницата се целите на манифестацијата „Ноември - месец на науката“ кој во текот на цел месец ќе се одржува на Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ) и во трговскиот центар Skopje City Mall. Добредојдени се сите граѓани, љубители на науката, добронамерници, секој што сака пријатна атмосфера, добра забава и секако да види, да проба и да научи. Доцент д-р Боце Митревски, претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија раскажува што се ќе се случува во рамките на манифестацијата.



Факултети.мк: Во ноември ќе биде организиран настанот „Ноември - месец на науката“. Појаснете ни што и каде ќе се случува и колку време ќе трае?

- Настанот вклучува повеќе активности како, креативна работилница, предавања, тест натпревар, изложба и натпревар во изработки, демонстрации, експерименти, модели и симулации, посета на лаборатории, презентации, изложба на литература и слично. Сите овие активности ќе се случуваат на две места, Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ) и во трговскиот центар Skopje City Mall. Настанот ќе се одвива во текот на месец ноември година и тоа: 4 и 5 ноември - ученици и наставници од одделенска настава, 11 и 12 ноември - ученици и наставници од предметна настава и 18, 19 и 20 ноември - ученици и наставници од средните училишта.

Факултети.мк: Кому е наменет овој настан?

- На настанот може да се пријават и да учествуваат ученици од основните и средните училишта и нивните наставници - ментори. Изложбата со изработки, демонстрации, експерименти, модели и симулации е од отворен тип и неа може да ја посети секој посетител на Skopje City Mall. Добредојдени се сите граѓани, љубители на науката, добронамерници, секој што сака пријатна атмосфера, добра забава и секако да види, да проба и да научи. Покрај учесници од Република Македонија, на настанот ќе учествуваат ученици и наставници од странство.

Факултети.мк: Во манифестацијата се вклучени повеќе организации. Која е крајната цел на „Ноември - месец на науката“?

- Настанот го организираат Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Друштво на биолози на Република Македонија, Македонско астрономско друштво, Македонско географско друштво, Скопско астрономско друштво, Природно - математички факултет и Skopje City Mall. Целта на настанот е да се популаризира науката, природните науки и тоа не само кај учениците и наставниците, туки и кај граѓаните. Очекувањата се дека ќе се подигне свеста за значењето на природните науки, нивната важност, примената, потенцијалите што ги нудат и секако, поголема природонаучна писменст за секој поединец во заедницата. На овој начин, сите организатори даваме скромен придонес во одбележувањето на 10 Ноември - Меѓународниот ден на науката за мир и развој. Прогласен од УНЕСКО во 2001 година, овој ден се одбележува на светско ниво.



Факултети.мк: Во рамките на настанот ќе се одржи и 41. издание на Школата „Млади физичари“. Што е предвидено во нејзините рамки?

- Да, во рамките на настанот „Ноември - месец на науката“ ќе се одржи и XLI Школа „Млади физичари“. Тоа е манифестација со долга традиција што ја организира Друштвото на физичарите на Република Македонија. Всушност, предавањата од област физика, демонстрациите и експериментите од област физика, посета на лабораториите на Институтот за физика, сето тоа се активности посветени на талентирани млади физичари, но се разбира истовремено, тоа се ученици љубители на природните науки и општо на науката.

Факултети.мк: Дали овие настани делуваат мотивациски на учениците? Какви се искуствата од изминатите години?

- Секако, самата бројка пријавени учесници, повеќе од 1.000 ученици и околу 300 наставници и очекувањата дека настанот ќе го посетат повеќе од 30.000 посетители е показател за желбата да се учествува, да се биде натпреварувач, слушател на предавањата или едноставно само посетител. Тоа зборува за внатрешната мотивација кај учениците, желбата да се докажат, амбициозноста. Сличен настан, но од помал обем се одржа во ноември, минатата година, за време на одржувањето на XL Школа „Млади физичари“. Тогаш, восхитеноста кај учесниците покажа дека Природно-математички факултет е навистина прекрасно место, а интересот за учество премина во масовност. Од тие причини, ДФРМ и другите организатори одлучија дел од активностите од ПМФ да се преселат во Skopje City Mall. Се надеваме дека овој настан ќе прерасне во традиција, исто како што се негува долгогодишната традиција на Школата „Млади физичари“. И на крај, искуството покажува дека, она што недостасува е институционална подршка од релевантни институции. Како организатори на натпревари, на вакви и слични настани, не дозволуваме разочарување, песимизам и аматеризам. Посветени на професионалноста, со надеж и очекување за подршка и соработка со институциите, веруваме во подобар третман на природните науки и друштвата што ги популаризираат.