Денот на првиот македонски книжевник, духовник и учител

Денот на првиот македонски книжевник, духовник и учител

Името на Свети Климент чудотворец Охридски е и името на првиот македонски книжевник, духовник и учител.



Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ.Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј - заедно наречени Петочисленици - го помина Дунав, престојува како гостин при царот Борис од каде заминува во Охрид, во областа Кутмичевица каде во 886 година и ја формира Охридската книжевна школа или попозната како прв словенски Универзитет, од кој како подготвени излегле 3500 ученици. Климент Охридски е познат по тоа што ја има создадено кирилицата, која ја прави врз основа на грчката азбука но со модифицирани букви за прилагодување кон словенските фонетски карактеристики.

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско проветителски, Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и похвални слова како похвалата на Кирил Филозоф, похвалата на пророкот Захариј и св. Јован Крстител, за Кирил и Методиј, Јован Крстител, Михаил и Гаврил. Но, во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: Св.Ѓорѓи, Св.Тома, Св.Антониј, потоа слова посветени на Богородица и слова посветени за настаните од животот на Исус Христос. Се упокоил во 916 година и бил закопан во гробот што го ископал со сопствени раце во црквата посветена на Св. Пантелејмон на Плаошник.

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од страдања.