Со или без „Златна мечка“ јас ќе сум истата. Се радувам на сѐ што ми донесе Берлин

Со или без „Златна мечка“ јас ќе сум истата. Се радувам на сѐ што ми донесе Берлин

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Досега никој немал храброст да ми даде поголема улога. Мислам дека можеби и поради изгледот, дека не сум слаба и згодна. На Теона ѝ беше важен талентот, автентичноста, сѐ да доаѓа спонтано, вели актерката Зорица Нушева, која ја толкува главната улога во филмот „Господ постои, името ѝ Петрунија“


Актерката Зорица Нушева е од оние тивки, но гласни уметници. Скромна и борбена истовремено. Ненаметлива, непретенциозна и не е желна за публицитет по секоја цена. Дел е од ансамблот на „Театар Комедија“ од неговото основање (крајот на 2011 година), а беше една од најталентираните актерки уште од студентските денови. Една година по дипломирањето, во 2008 година, ја доби наградата за најдобра женска актерка во „Тартиф“ на Штипскиот театар, на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Со главната улога во филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска деновиве таа ужива во ѕвездената прашина што се крена за филмот на Берлинскиот филмски фестивал. Фестивалот ќе заврши утревечер кога ќе бидат доделени и наградите.
Поразговаравме со неа нецел ден по враќањето од Берлин, среќна, задоволна, но и реална дека животот продолжува и дека славата не ја удрила в глава.




Лабина, Теона Митевски веќе го заодија патот на овој значаен фестивал. Досега беа вклучени во неколку програми, а годинава и во официјална. Како Ве дочека Берлин?

- Чувството беше преубаво. Некогаш треба да излезете надвор за да видите колку некои луѓе вредат. Лабина и Теона се најјаките жени што ги имаме во оваа дејност. Бевме прекрасно примени, филмот помина многу добро и кај организаторите и кај критичарите. Верувам дека да не беше филмот квалитетен, немаше да се случи таков прием, фантастичен. За време на прес-конференцијата салата беше преполна. Имавме одлични прашања, новинарите од цел свет го разбраа филмот. Иако филмот се врти околу случка што е типична за нашиот регион, пораката стигна до сите. Петрунија скока по крстот заедно со сите мажи кандидати. Тука се отвора прашањето за местото на жената, што е проблематика во цел свет.


Нушева заедно со Теона и Лабина Митевски

Одличните критики за Вашата улога, а и за филмот сѐ уште не стивнуваат. Ви годеше ли вниманието?

- Неверојатно ми беше искуството што луѓе ме препознаваа на улица и ми приоѓаа, без разлика дали стануваше збор за обични граѓани или филмски уметници. Не можам да ви опишам како се чувствував. Имав и многу интервјуа, денот по премиерата, со новинари од многу земји. Жал ми е што не можев да се сретнам со некои од глумците што тие денови беа во Берлин оти имавме набиена агенда, ама се надевам дека ќе имам шанса. Од друга страна, бев сосема среќна што го делам истиот воздух со нив.
Ми беше чест што во едно списание во текст за фестивалот имаше фотографии од Кристијан Бејл, Дајан Кругер, Џона Хил и Зорица Нушева. Се надевам дека Петрунија ќе ми отвори убави соработки. Сѐ уште не можам да кажам што ќе ми донесе, ми останува да се радувам на овој успех.

Ова е Ваша прва главна улога на филм. Бевте ли изненадени кога ја добивте?

- Свесни сме колку е мала можноста за снимање филмови кај нас, а особено да се добие главна улога. Но, кога го добив повикот за аудиција, како да чувствував дека станува збор за преубава можност и дека морам да се обидам. Со ликот веднаш се поврзав. Верувам дека сите жени ќе се почувствуваат блиски со Петрунија. Досега никој немал храброст да ми даде поголема улога. Мислам дека можеби и поради изгледот, дека не сум слаба и згодна. На Теона ѝ беше важен талентот, автентичноста, сѐ да доаѓа спонтано. И откако го изгледав филмот, сфатив дека токму тоа што сум јас дебелка му дава една убава длабочина на ликот. Таа е лик што се бори со стереотипите на општеството, а изгледот на жените денес и тоа како подлежи на тие стереотипи. И ако тоа допре до девојчиња кои се изгладнуваат за да изгледаат како да се од насловна страница на списанија и им даде мотивација да обрнат внимание на тоа што е здраво за нивното тело, а пред сѐ за нивниот ум, тогаш сме завршиле голема работа. Признавам дека и јас кога гледам нешто ги коментирам истите работи. Треба многу да се зборува за ова да се надмине. Пораката на филмот е повеќеслојна.



Филмот го снимавте во Штип. Постоеше ли страв кај Вас како ќе се соочите со ваков голем предизвик, со оглед на тоа дека претходно имавте мала улога во филмот „Лазар“?

- Сѐ беше професионално. Теона беше таа што држеше сѐ под контрола. Немаше шанса да толерира несериозност и тоа од почетокот беше расчистено. Теона ми даде голема поддршка. Нешто што најмногу чувствував кога снимавме беше стравот, затоа што ми беше прв пат. Јас постојано ја прашував: „Дали си задоволна?“, а таа никогаш не ми одговори, но ќе се насмееше. Јас сум дете родено и пораснато во мало гратче, Делчево, и дојдов во Скопје да завршам факултет. Знам што значи да си сиромашен, ги знам стереотипите што владеат во малите градови, прашањата што си ги поставуваш во однос на таа очекувана природа и што треба да бидеш како жена. Во сите тие погледи сме апсолутно блиски со Петрунија. Разликата е во тоа што јас имам среќа да го работам тоа што го сакам. Чувствував голема болка додека го играв ликот, стомакот ми беше нонстоп во грч, психички ми беше напорно да се издржи тоа темпо. Тоа ми беше голем предизвик.

Снимањето филм многу често подразбира интересни моменти за актерите, предизвици и правење работи што никогаш претходно не сте ги правеле. Овде моравте да скокате во студена вода...

- Брегалница беше многу ладна. Снимавме во февруари. Сцената беше таква што немав можност за подготовка на телото зашто Петрунија влегува во водата непланирано. Тоа беше шок за организмот. За разлика од момците што се веќе во водата, јас морав сува да скокнам. Скокав пет пати! И дојде Теона и ми рече: „Знаеш ли како изгледаш пред да скокнеш? Преплашена, нормално!“ Јас се плашев дали ќе преживеам. Таа ми рече: „Тоа не е Петрунија. Мора да бидеш храбра“. Ми се стресоа нозете кога ми кажаа дека пак ќе треба да скокам, но кога сфатив дека ќе скокам во бротче за да се снимат крупните кадри, ми олесна.



Работите во „Театар Комедија“. Убаво ли е понекогаш да се излезе од еден жанр и да се втурнете во нешто ново?

- Неодамна ја имавме премиерата на „Нема да платам“ што ја режира Александра Кардалевска, која одлично помина кај публиката.  Кога сте дел од специјализиран театар, публиката очекува да глумите на еден начин. Да бидам искрена, јас се борам против тоа и се трудам да не градам исклиширани улоги. Јас многу комотно се чувствувам во драма, во комедија, на филм, секаде каде што има добра режија. Ги правам работите да се карактеристични за мојата природа, а не за некој вид жанр.

Сонувавте ли за големи успеси уште како студентка?

- Отсекогаш ја имав вербата. Може ќе звучам нескромно, ама никогаш не престанав да верувам во себе. Не верував дека постои еден голем лик што мора да го изиграм. Не сум била почитувана како што сум мислела дека треба да бидам. Јас, на пример, не чекав да ми даваат улоги во МНТ, каде што ме ангажираа на паушал и буквално „не ме играа“. Затоа одлучив да одам во театар каде што мислев дека ќе играм и тоа се случи со „Комедија“.

Што ако добиете „Златна мечка“?

- Ќе бидам истата личност. Талентот е тој, може само други луѓе да го препознаат.

Фото: Berlinale.de