Ако не се преземат мерки, може да се затворат цели стручни училишта, предупредуваат директори
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Се случувало да ни кажат од фирми дека деца што им оделе на пракса не знаеле да читаат техничка документација. Мораме вистински да им се посветиме на учениците. Сите ученици што ги имаме во моментов можат да се вработат, вели Кенан Асани, директор на училиштето „8 Септември“
Менаџерите и наставниот кадар на средните стручни училишта го користат периодов за да им го привлечат вниманието на родителите и на идните ученици. Професори од техничките училишта ги посетуваат основните училишта и на полуматурантите им ги предлагаат своите струки. Реалноста е дека работа за овие струки има и е добро платена, но дека интересот за учење е мал.
Директорот на Средното машинско училиште „8 Септември“ од Скопје, Кенан Асани, објаснува дека целиот наставнички кадар е ангажиран за да се привлечат повеќе ученици и да се смени очајната слика со бројот на деца.
- Од првиот ден откако сум на ова место се фокусирав на тоа да донесеме ученици. Лани беа запишани само тројца ученици во македонска и 11 во албанска паралелка! Пред 12 години нашето училиште имаше 900 ученици, а сега се стотина. Ние соработуваме со многу компании што нудат работа за учениците. Деновиве речиси сите наши професори се во посета на училиштата низ Скопје и во соработка со класните раководители на полуматурантите презентираат што им нудиме - вели Асани.
Сите компании со кои тој веќе искомуницирал кубурат со вработени. Околу 650 машинци можат веднаш да се вработат, посочува тој.
- Се случувало да ни кажат од фирми дека деца што им оделе на пракса не знаеле да читаат техничка документација. Мораме вистински да им се посветиме на учениците. Сите ученици што ги имаме во моментов можат да се вработат. На 16 и 17 мај ќе имаме саем на кој се поканети 50-ина компании. Ќе биде интересно и информативно и за родителите и за децата - вели Асани.
Ова училиште пред десетина години имало 900 ученици, денес - стотина!
Ова училиште е едно од најголемите по површина во земјава и има дури три згради.
За првиот човек на „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев, државата треба повеќе да го поддржува средното стручно образование. Тој смета дека не треба да се дозволува гимназиското образование да се шири, односно да се отвораат нови паралелки, туку треба постојните да се намалат во корист на средните стручни училишта бидејќи стручниот кадар е дефицитарен во земјава.
- Дуално образование всушност е учење преку работа. Во Австрија почнало пред 50 години. Самите компании ги наоѓаат учениците и ги запишуваат во стручни училишта и тие поминуваат шест до десет недели на училиште, а сето друго време - во фабрика. Ние сме единствено училиште во моментов каде што имаме паралелка, т.н. 20-20-20, ЕВН паралелката од следната учебна година зголемена со плус шест големи компании каде што освен носечката ЕВН Македонија, во неа се вклучени и „Арчелор Митал“, „Макстил“, „Ван Хол“, „Усије Титан“, „Виталија“ и „Раде Кончар -ТЕП“ каде што учениците се стипендирани на месечно ниво, плус земаат надомест кога се на феријална пракса во текот на летниот распуст. Сѐ уште сме далеку од тоа како треба да функционира дуалното образование - објаснува тој, но сме на добар пат да го реализираме со помош на сите образовни институции.
Директорите на средните скопски технички училишта, каде што во тек се кампањи за привлекување ученици
Ѓорѓиев вели дека треба повеќе да се допре до родителите и да се посочи дека секое дете не треба да се запише на факултет и дека многу брзо ќе дојде време кога техничарите со средно стручно училиште ќе заработуваат повеќе или исто како и оние со факултет.
И од ова училиште посетуваат основни училишта и ги информираат за условите што ги нудат вршејќи презентации и промоција на училиштето заедно со претставници од седумте компании во присуство и на родителите. Отворен ден на училиштето ќе се одржи на 18 мај во 11 часот во самото училиште.
Средните технички училишта се соочуваат со огромни проблеми, вели Ферид Кочан, директор на АСУЦ „Боро Петрушевски“.
- Министерството за образование и наука треба максимално да се ангажира за да го зголемиме бројот на учениците, инаку ќе ни се случи многу наскоро да треба и училишта да се затворат. А стопанството го бара нашиот кадар. Мора да се покаже поголема грижа за средното стручно образование. Џабе тие измислуваат дуално образование кога на секој чекор прошируваат гимназиски, економски, медицински паралелки. Не смее да се дозволува во овие училишта да има паралелки со 35 деца и повеќе - вели Кочан. Ова училиште денес има околу 600 ученици, а некогаш можеле да се пофалат и со 1.500!
СУГС „Владо Тасевски“, за разлика од другите три стручни училишта, има две струки по кои е уникатно (електротехничар за електроника и телекомуникации и техничар за транспорт и шпедиција) и поради тоа има поголем број ученици.
Директорот на ова школо, Александар Сибиновски, вели дека во моментов имаат 1.280 ученици распоредени во 54 паралелки (40 на македонски и 14 на албански наставен јазик).
- Сепак, ја делиме истата мака како и другите стручни училишта. Дуалното образование го спроведуваме со многу ниски предзнаења на учениците. Некако се незаинтересирани за пракса, а најважен за нив е тој дел од образованието, оти сепак сме стручно училиште - вели Сибиновски.