Изборите ги задоцнија студентските стипендии. МОН смирува - до крајот на мај ќе бидат исплатени!
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Студентите се револтирани затоа што Министерството за образование и наука доцни повеќе од еден месец со исплата на нивните стипендии. Многу писма и јавни реакции стигнаа до нашата редакција. Нивните барања ги упативме до МОН, од каде што велат:
- Исплатата на стипендиите доцни поради ограничувањата што ги наложи организирањето на изборниот процес. Во текот на мај стипендиите ќе бидат целосно исплатени и студентите ќе ги добијат сите заостанати рати.
Студентите речиси цела академска година на тема стипендии ја поминаа во очекување. Зимата чекаа и по два месеца за да излезат резултатите од конкурсот. Сега кога веќе знаат кој добил право да користи стипендија, пак, чекаат да ги добијат парите што им требаат во месеците додека студираат, а не налето.
- Студент сум на Фармацевтскиот факултет и веќе подолго од еден месец јас и другите студенти чекаме пари од добиените стипендии - втора рата или исплата на прва рата за оние што оваа година земаат стипендија првпат. Имено, по долгата агонија за објавување резултати каде што повторно бевме манипулирани и чекавме повеќе од 3 недели од првично дадениот рок, сега како студенти чекаме исплата на истата. Впрочем, иако се ближи крај на учебната година, а целта на стипендиите е подмирување на нашите трошоци и олеснување на домашниот буџет, исплата нема! - вели студент во писмото што го испрати до нашата редакција.
Тој додава:
- Сите затворени врати на кои наидовме и постојаниот „технички проблем“ на кој нѐ упатуваше МОН, а потоа како оправдување претседателските избори, нѐ натера да се обратиме до новинарите - вели студент во писмото што го испрати до нашата редакција.
На фејсбук-страница посветена на студентските стипендии, студенти постојано го поставуваат ова прашање: Дали има нешто ново со исплатата на стипендиите? Дел од нив во коментари ги оставаат пораките што ги добиле од службите во Министерството за образование и наука. На некои стои датум од месец април, а од МОН им одговориле дека средствата ќе бидат исплатени до крајот на месецот.
Студентите и пред еден месец го поставуваа истото прашање до МОН
Засегнатите студенти редовно се обраќаат во МОН со истото прашање и добиваат ветувања за исплата на стипендиите до крајот на месецот.