Маргарита Столеска, главен уредник на „Клуб ФМ“: Радиото е пораката што ја оставаш, емоцијата што ја создаваш, без право на грешка

Маргарита Столеска, главен уредник на „Клуб ФМ“: Радиото е пораката што ја оставаш, емоцијата што ја создаваш, без право на грешка

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Клуб ФМ“ ќе продолжи во пулсот на новото и модерното, без притоа да отстапи од матрицата дека најважното е: слушателот да го почувствува радиото како пријател, како некој свој и сличен на себе, кој те разбира, и пред сѐ, те сака. Бидејќи, посилно од љубовта нема, вели Столеска

Нејзиниот ведар и препознатлив глас е наш пријател веќе дваесет и пет години. Многу радиостаници и телевизии биле местото од каде што постојано ширела позитивни вибрации. Новинар, водител, репортер, уредник, во последните десетина година Маргарита Столеска, која е специјалист по менаџирање на медиуми и мултимедија и магистер по jавна дипломатија, го води тимот на „Клуб ФМ Радио“, фреквенција која го одразува пулсот на урбаната култура, позитивната мисла, но и конструктивната критика. Со својата емисија секое утро го открива различното „по светот и по дома“.

Маргарита и Викса

„Клуб ФМ“ има препознатлив белег од првиот ден, различни муабети и музика, радио за градски луѓе со урбани навики. Како успеавте да изградите бренд со уникатен стил?

- За успехот во секоја работа постои единствена формула, а тоа се вика професионализам. Идејата да го креираме „Клуб ФМ“ пред десетина години како градски клуб на индивидуалци со прецизни мисли беше до детаљ испланирана, исто како и нејзината реализација. Од самиот почеток е воспоставен концепт на обраќање, кој е свој и уникатен - било преку говор на водители, преку акцентиран дизајн било преку музика. Радиото комуницира со својата публика на начин кој е интернационален, модерен, креиран по светските примери, по траекторија која го поврзува далечното, притоа нотирајќи го гласно „своето јас“.
Сѐ во „целото“ е важно: кажаното мора да е точно, прецизно и интересно, говорот питок, јазикот литературен. Доволно се изнаслушавме во медиумите евтини приказни и уличен говор. Во студиото си сам, но од другата страна го имаш светот, кој или те прифаќа или едноставно те исклучува од играта. Промените се видливи, но и покрај напливот на квантитет, динамиката наметнува селекција која не прифаќа просечност. По природен пат, во 21 век ќе опстанат само оригиналите.

Дел од тимот на „Клуб ФМ“

И емисиите и музиката на „Клуб ФМ“ поседуваат препознатливо авторство, но сето заедно звучи беспрекорно тимски. Што сѐ треба да поседува еден професионалец за да биде дел од оваа „фреквенција“?


- Креативност, пред сѐ. Предизвик е да се работи тимски - со креативни индивидуалци. Водителите вешто ја изградија својата бележитост во емисиите. Игор „Во канцеларија“ и Драган „Во градскиот метеж“. Продуцентите, кои воедно се и меѓу најдобрите македонски диџеи, диџеј Јулијана Милутиновиќ, диџеј Џон Антонио и диџеj Бранко Миладиновиќ-Бранчез, се одличен тим за изборот на музиката заедно со неповторливиот Марти и неговиот „Lite Jazz“, Давор и Стефан се гениите од продукција, а најинспиративниот копирајтер на светот е Маријана. Горда сум на нашиот тим од креативни професионалци. Многумина велат дека креативците ги нема, дека сѐ е веќе измислено - во модата, во книжевноста, во музиката... дека сѐ се врти и се повторува, дека и големите технолошки предизвици денес не галопираат исто како во времето на технолошката револуција. Лично, сметам дека креативноста никогаш нема да изумре. На еден креативен човек можеш да му земеш сѐ, ама креативноста не. Не велам дека е лесно, но е одлично ако секој во тимот остане свој, а притоа „целото“ е компактно. Уникатните јазици секогаш одново и одново ќе се раѓаат.
Големите умови и големите уметници и понатаму ќе ги има. Креативноста е бесмртна.


Се школувавте и работевте во престижни медиумски центри кај нас и по светот. Каде научивте најмногу?


- Во оваа професија во сѐ и од секого можеш многу да научиш. Учев од моите професори тука и во Лондон, Амстердам, Њујорк, Хонг Конг, од моите гости, од студентите, но најмногу од работата на терен. Почетоците ми беа поврзани со професионални медиуми каде што без авторство и детаљна подготовка беше невозможно да добиете минута простор пред микрофонот. Учев од врвни професионалци, кои несебично вложуваа во обука на тимот. Соработката во светските медиумски центри подоцна беше само потврда за добро научена лекција.
Радиото е пораката што ја оставаш, емоцијата што ја создаваш, без право на грешка. Публиката е селективна, со изострено сетило за квалитет и или траете или исчезнувате.



Со особен интерес кај публиката секое утро Вашата емисија го носи светот дома, ги следите урбаните движења, споредено кај нас и далеку од нас. Каде се раѓаат Вашите приказни?

- На патувањата. Се чувствувам како трагач по убавото и тоа ме направи граѓанин на светот, на кој секаде му е како дома. Оваа работа е незамислива ако ја водите од четири ѕида, само со компјутерот пред вас. Големите градови ја носат големата надеж во сѐ, па и во работата. Различното во погледот, архитектурата, јазиците, традицијата - сето ново е ново и за свежината во етерот која публиката ја очекува. По природа сум љубопитна и истражувањето ми е предизвик. Сѐ што сакам да видам, сакам да дознаат и моите слушатели. Секој сака да знае, ако е кај нас вака, како е во светот, и од таа компаратистичка нота не се откажувам. Но, во тие синтагми нема незадоволство, туку напротив, и градот и светот ги согледувам како убаво место за живеење, се разбира, ако знаеш како и каде да ги најдеш задоволството, спокојот и радоста. Целта на радиото е да направи да ти биде убаво. Кога ќе ја слушнеш музиката, да ти се разгорат емоциите, да размислиш (или можеби да ги ослободиш мислите), но во секој случај, да најдеш задоволство. Компаративната конотација со светот има мотивирачка нота затоа што ако си задоволен во себе, секаде може да биде твоето совршено место за живеење и обратно.


Диџеј Бранчез

„Клуб ФМ“ е препознатливо градско радио кое нуди бегство од клишеата. Како го постигнувате тоа?

- За жал, со мали исклучоци кои се за почит, денес заситува копипејст-индустријата. Сѐ повеќе говорот на радио се сведува на 2 збора од интернет и најави/одјави песна. Клишеизираниот јазик кој често се сретнува во етерот е оној што ние, во радиото, сакаме да го избегнеме. Главниот акцент е ставен на отворање кон светот, космополитското, нескротливото, позитивното, истражувачкото, тоа се нашите водечки лајтмотиви низ кои комуницираме со публиката. Што се однесува до музиката, „Клуб ФМ“ го цени меинстримот, но ја сака и авангардата. Тука се сретнуваат модерното и бестселерите, во различни стилови, но и groove, хаус, џез, а може да ја сретнете и Адел, но во рамките на нашата урбана клупска концепција. Оригиналноста е нашето обележје.



Сања и Игор

Иако радиото многу често е поим за забава, „Клуб ФМ“ се труди да биде многу повеќе од тоа и да нѐ потсетува на добро однесување, на емпатија и на чистотата на јазикот?


- Водени од идејата дека радиото забавува, но истовремено дека има огромна моќ да нѐ промени - на вешт начин, низ програмата се вметнати и креативни инсерти за поттикнување свесност за општествено-корисни комуникации: „Тргни од себе ако сакаш да направиш колективно добро“ е корисно мото. Радиските форми често имаат културолошка конотација. Се стимулираат добрите навики, кои никогаш не се ретро или демоде, се воздигнуваат храбрите и различните, се опоменуваат грешките, со цел да не се запостават универзалните вредности како хуманоста, доблеста, скромноста, емпатијата. Јазикот е едноставен, личен, близок и точен.

Диџеј Џон е дел од тимот на „Клуб ФМ“

Без исклучок, во медиумите треба да се користи само литературниот јазик. Главните пораки доаѓаат зад него, кога секој што ќе слушне ќе му дојде да размисли, пред да стигне до заклучокот.
„Клуб ФМ“ ќе продолжи во пулсот на новото и модерното, без притоа да отстапи од матрицата дека најважното е: слушателот да го почувствува радиото како пријател, како некој свој и сличен на себе, кој те разбира, и пред сѐ, те сака. Бидејќи, посилно од љубовта нема.