Учениците имаат голем проблем со писменоста

Учениците имаат голем проблем со писменоста

Подготвил: М.Ф.

Загрижува нивото на јазична писменост кај учениците во предметна настава, па дури и средно образование, периоди од школувањето во кои повеќето, веќе треба да го имаат усвоено правописот. „Децки“,„прецедател“ „куча“, „лјубов“, „незнам“, „сеуште“,„сваќа“, проблемот со употребата на мали и големи букви се најчестите грешки кои наставници ги забележале кај своите ученици. Интересен феномен за кој ни кажаа наставници потекнува и од употребата на компјутерите, па има ученици кои буквата „ј“ ја пишуваат без точка, буквите „ќ“ и „ѓ“ речиси и да не се користат.



- Имам ученици кои пишуваат „лј“ наместо „љ“- вели наставничка од основно училиште.

Наставниците се сè позагрижени за нивото на писменост кај учениците. Бројот на ученици кои завршуваат основно училиште, а кои наставниците ги идентификуваат како слабо писмени сè повеќе се зголемува.

- Ако порано проблем со писменоста имаше кај две, три деца, сега повеќето од учениците прават големи грешки, што ги ставаат во категоријата слабо описменети. Предавам во средно училиште и состојбите се катастрофални. Кога им давам диктат, нема ниту еден ученик што целосно го завршува без ниту една грешка. Секако дека проблемот потекнува од основното образование, па потоа во средно, кога веќе им се усвоени знаењата, потешко е да се делува - вели Марија Синадиноска, професорка по македонски јазик и литература.

Таа објаснува дека не се проблем само правописните грешки, кои со многу труд и може да се поправат, туку и познавањето на македонскиот литературен јазик и пишувањето на есеи и текстови.

- На многумина тешко им е да напишат текст во кој мислата ќе им тече логично, не знаат да прераскажуваат или да напишат состав или есеј. Ова е вака бидејќи не читаат или родителите не им читале кога биле мали. Затоа мој совет до родителите е да се делува од мали нозе, читајте им додека се бебиња, натерајте ги да ја засакаат книгата. Само така ќе читаат и кога ќе пораснат и ќе сакаат да научат и правопис - вели Синадиноска.

Наставниците се едногласни дека и надлежните мора да ги утврдат овие состојби, да истржат кои се причините за овој проблем и сите заедно, вклучувајќи ги и родителите да работат на подобро описменување кај децата.