Недостасуваат учебници за цели одделенија
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Првачињата не добија ниту една книга, за цело одделение нема учебници. Децата буквално се шетаат до училиште и назад. Ни рекоа дека најдоцна до 15 септември ќе ги добијат, но ги нема – вели родител на ученик од основно училиште од општина Ѓорче Петров.
Иако помина речиси цел месец од почетокот на новата учебна година, во некои училишта сè уште недостасуваат учебници, па учениците нема од каде да го совладуваат новиот материјал. Родител на прваче кое учи во училиште во општина Ѓорче Петров вели дека децата сè уште не добиле ниту една книга.
- Бараме одгвор, но никој не кажува каде е проблемот со учебниците и зошто сè
уште ги нема. Првачињата не добија ниту една книга, за цело одделение нема учебници. Децата буквално се шетаат до училиште и назад. Ни рекоа дека најдоцна до 15 септември ќе ги добијат, но ги нема – вели тој.
Мајка на ученик во седмо одделение во училиште во општина Аеродром вели дека до минатата недела немале учебници, но почнале да пристигаат. Сè
уште им недостасуваат учебници по географија и историја.
- Проблемот беше тоа што оваа генерација има повеќе ученици. Нашите деца ги наследија книгите од минатата генерација, но бидејќи се во поголем број, веројатно чекале да им достават нови. Повеќето книги што ги доби син ми се нови. Сега чекаме само географија и историја – вели таа.
Директорот на Основното училиште „Блаже Конески“, Раде Жегарац вели дека поголемиот број на учебници се доставени до учениците.
- Нешто ситно само недостасува, не е тоа никаков проблем. Поголемиот број на учебници се доставени и немаше никакви пречки во наставата – вели тој.
Информации за тоа кога бидат доставени бесплатните учебници за основците, од Факултети мк. постојано бараат родители. Од Министерството за образование и наука велат дека за одредни учебници по странски јазици се уште се во тек жалбени постапки, па затоа ги нема, но дека прават максимални напори сите деца да добијат книги.
- Учебниците за кои се склучени договори се дистрибуирани до училиштата. За оние учебници за кои имаше поголема нарачка од бројот на ученици во генерацијата, МОН правеше дополнителни проверки за утврдување на точниот број на потребни учебници и се прават максимални напори учебниците да бидат дистрибуирани до училиштата во наредниот период. За одредени учебници по странски јазици, уште се во тек жалбени постапки, а штом добиеме решение кој е овластен дистрибутер на истите, договорите ќе бидат склучени, a учебниците дистрибуирани до училиштата. До доставување на новите учебници, во училиштата треба да се користат учебниците од минатите години – велат од Министерството за образование и наука.
Се јавивме во неколу училишта да побараме информации дали имаат проблем со доставата на учебниците и во повеќето ни одговорија дека учебниците доцнат, но не знаат зошто. Наставници ни рекоа дека засега се снаоѓаат, но дека ако наскоро не ги добијат, тоа ќе се одрази на наставата.