Паметните телефони прават себични деца - технолошки напредни, но неписмени

Паметните телефони прават себични деца - технолошки напредни, но неписмени

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Учениците не се фокусирани на наставата, им пречат на тие што сакаат да се вклучат во наставата, немаат брза реакција при интерактивна настава. Не се сконцентрирани на тоа што се зборува, туку цело време мислат на тоа дали некој им пишал. Звукот не е исклучен, па се нарушува и редот на часот. Им поставуваш прашање, не се трудат да мислат воопшто, бараат на „Гугл“. Постојано може да се слушне вообичаениот звук на порака испратена на „Фејсбук“ – ова се само дел од коментарите што ги добивме на анкетата што ја отворивме на тема „Им требаат ли паметните телефони на децата на училиште?“



Во цел свет во училиштата постојат некакви регулативи како е најдобро да се постапи во врска со мобилните телефони. Некаде целосно се забрануваат, некаде се користат главно после часовите.
Мобилните телефони сè почесто се користат и како алатки со кои децата меѓу себе се снимаат, директно или индиректно предизвикуваат врсничко насилство.

Околу 55 отсто од анкетираните одговориле дека нивното дете носи мобилен телефон на училиште. Ги прашавме и наставниците како мобилните им влијаат врз наставата. 77,9 отсто од професорите (190 одговориле) велат дека не им дозволуваат на учениците да користат телефони за време на часовите.

- Фотографираат со нив, наместо да ја слушаат наставата, времето го трошат на социјалните мрежи. Учениците се отсутни и незаинтересирани за наставата. Преокупирани се со „Фејсбук“, кој им пишал на „Месинџер“ итн. На поголемите ученици им ги земам телефоните и ги ставам на катедра додека трае часот. Мобилните ја прекинуваат наставата, децата не внимаваат, играат игри, се допишуваат, приклучени се на „Фејсбук“ – велат анкетираните.

Професорите се жалат дека телефоните ја нарушуваат концентрацијата на другите, но дека ги користат телефоните и за да препишуваат.
- Постојано се гледа што има на „Фејсбук“, „Инстаграм“, уште ќе ѕвони, и најлошото - се фотографира, ги постираат тие фотографии без знаење/одобрение.


Еве дел од коментарите што ги добивме:

- Им ѕвонат, но не ми пречи доколку го исклучат звукот на телефонот.

- Ако знае наставникот како да ја користи смарт-технологијата во рамките на наставата, треба да се користи.

- Вниманието им е одвлечено од часот, а се случува да ги злоупотребуваат за фотографии со кои ја нарушуваат приватноста.

- Ученикот не е концентриран на работата на часот.

- Не можам цел час да следам дали некој пишува порака или е на „Фејсбук“ или игра игра на телефон, затоа што треба да предавам или да објаснувам, за што треба концентрација и не треба да се губи време, а деца како деца, колку и да е интересен часот, ќе се најде некој незаинтересиран.

- Ги користат на час, иако не треба.

- Не ја следат наставата и често ме сликаат мене, како и другите колеги и си прават фотошоп со сликите.

- Гледаат кога ќе ѕвони.

- Не ми пречат, ја контролирам нивната употреба.

- Не се сконцентрирани на лекцијата.

- На час се исклучени, но за време на одморите можат да си ги проверат повиците.

- Учениците немаат концентрација додека се на час поради паметните телефони. Тие се технолошка болест на 21 век.

- Се поставија правила кога смее да се користи телефон и доколку се злоупотреби, ќе биде одземен и вратен на родителот. Сега за сега не се злоупотребуваат.

- Губат концентрација, прават клипови и ги ставаат на „Јутјуб“. Катастрофа.

- Не пречат ако правилно се користат и се приспособат на наставата. Можат да се постигнат многу интересни резултати. Не смее да се забранува нешто што е „природен процес“. Напротив, треба да се приспособиме на нив.

- Децата не се внимателни на час. Од телефоните пуштаат различни звуци.

Прашавме и дали сметате дека паметните телефони треба да се забранат во училиштата, со оглед на тоа дека сѐ почесто се користат за предизвикување врсничко насилство? Дури 74 отсто од анкетираните одговориле дека треба да се забранат.

Доколку им се објасни на децата дека можат паметно да ги користат во наставата, тогаш ќе служат повеќе како помагало, а помалку како средство за предизвикување насилство, вели еден читател.



Повеќе коментари за ова прашање:

- Технологијата да биде дозволена во умерени граници, т.е. само на часови по информатика.

- Телефoните се веќе нужнo злo, требa сaмo пoгoлемa кoнтрoлa зa време нa чaсoвите oд стрaнa нa нaстaвниците и интерaкцијa нa учениците зa време нa нaстaвaтa, сo штo ќе се избегне злoупoтребa нa телефонот.

- Паметните телефони доведуваат до расеаност кај децата, поради потребата постојано да ги проверуваат пристигнатите известувања, тие го губат фокусот и немаат концентрација, а паметните телефони влијаат и врз способноста за усна комуникација кај децата и развојот на емпатија.

- Врсничкото насилство постоеше и пред појавата на смарт-телефоните, така што не е вината во користењето на телефоните.


- Паметните телефони се корисни за време на наставата, со нивната забрана за време на настава се добива контраефект, тие треба да бидат дозволени и на учениците да им се покаже која им е придобивката доколку ги користат правилно за едукативна потреба.

- Законска регулатива со која ќе се определи кога и како може да се носи паметниот телефон.

- Разочарана сум најмногу од родителите кои, сакајќи да им удоволат сè на децата, прават од нив луѓе кои ќе бидат навикнати да имаат сè и сега. Јас сум прилично строга како родител, но како наставник сум потолерантна бидејќи родителите со кои соработувам скоро секогаш го бранат своето дете. Паметните телефони прават од децата себични, технолошки напредни, но во суштина неписмени луѓе (немаат поим од општа култура и литература која се подразбира за нивната возраст).

- Треба да се дејствува со воспитување. Злоупотребата може да настане од кое било место.

- Треба да се работи на подобрување на моралните вредности кај учениците, а со тоа да се подигне и културата на живеење. Треба да ги научиме паметно да ја користат технологијата. Со забрани ќе создадеме негативен ефект зашто тоа што е забрането за нив секогаш е послатко.

- Не се само телефоните виновни... Контролата и воспитувањето во домот се испуштени од раце, секакви информации им се достапни на децата и од другите медиуми...

- Телефонот не може да биде причината, таа треба да се бара во работата на педагошките служби и домашното воспитување.

- Треба да се носат мобилните со нив во училиште за „не дај Боже“, но мој предлог е, секој професор, пред часот да им ги собере телефоните и кога ќе заврши часот, да им ги врати на учениците.

- Јас мислам дека треба да имаме и паметни телефони за на училиште, а не компјутери кои само ни пречат, а и не работиме на нив никогаш.