„Википедија“ на македонски ќе се збогати по научно-образовниот камп во Берово

„Википедија“ на македонски ќе се збогати по научно-образовниот камп во Берово

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Основци од повеќе училишта претстојниот викенд ќе се дружат и ќе учат како да создаваат содржини на „Википедија“

„Википедија“ на македонски јазик ќе добие нови содржини како резултат на тридневниот научно-образовен камп што ќе се одржува од денеска во претстојните два дена во Берово. Кампот го организира Здружението на граѓани „ГЛАМ Македонија“, во кое учествуваат ученици што се ангажирани да создаваат нови статии на „Википедија“ на македонски јазик, како и нивно збогатување.


Секој учесник ќе потпише минимум три статии во текот на три дена.

Создавањето статии и нивното збогатување се вршат преку превод од изворен текст на статија на друг јазик, како и со внесување текстови или делови на текстови од академски изданија. Внесувањето текстови, уредувањето на „Википедија“ и збогатувањето на содржината се набљудувани од искусни корисници на „Википедија“ и уредувачи кои имаат долгогодишно богато искуство во рамките на оваа семрежна енциклопедија.

Во текот на Вики-кампот ќе се одржи обука за уредување и правилно користење на „Википедија“. Обуката ќе ја одржат организаторите, членови на „ГЛАМ Македонија“, кои воедно се и стари искусни корисници на „Википедија“. Учесниците ќе се обучат за тоа како да пребаруваат статии, како да почнат нова статија, но и ќе бидат упатувани за тоа што ја прави една статија академски прифатлива и какви принципи и начела треба да се земат предвид за да се напише една добра статија што ќе биде објавена на „Википедија“ на македонски јазик.

Учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на две предавања. Едното предавање ќе биде воведен курс за уредување на „Википедија“. Во ова предавање учесниците ќе имаат можност подетално да се запознаат со „Википедија“ и практично да ги применат уредувачките алатки што ги дава енциклопедијата. Обуката ќе биде одржана од искусни „википедијанци“. Другото предавање ќе биде предавање за фотографија и употреба на фотографијата на „Википедија“. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основните начела на фотографирањето, како и со искористувањето на фотографиите на „Википедија“ и нејзините објавени статии.