Биофизичарот д-р Томислав Станковски - автор на труд во Reviews of Modern Physics, најпрестижното научно списание за физика

Биофизичарот д-р Томислав Станковски - автор на труд во Reviews of Modern Physics, најпрестижното научно списание за физика

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Станува збор за мултидисциплинарно научно списание во кое објавувале Ајнштајн, Хајзенберг, Фејнман и многу други нобеловци. Има фактор на влијание (IF) од 36,9, а излегува од 1921 година. Објавениот труд веројатно е прв таков од областа физика во Македонија


Д-р Томислав Станковски, биофизичар

Биофизичарот д-р Томислав Станковски е првопотпишан автор на научниот труд објавен во едно од најпрестижните светски списанија - Reviews of Modern Physics, каде што свои трудови објавувале физичари како Алберт Ајнштајн, Вернер Хајзенберг, Ричард Фејнман, Питер Хигс, Алберт Барабаши, а традиционално секоја година објавуваат и добитниците на Нобелова награда за физика. Coupling functions: Universal insights into dynamical interaction mechanisms е насловот на трудот на кој покрај д-р Станковски се потпишани уште тројца негови колеги. Reviews of Modern Physics е најпрестижното мултидисциплинарно научно списание во областа физика. Има фактор на влијание (IF) од 36,9, а излегува од 1921 година. Објавениот труд веројатно е прв таков од областа физика во Македонија. Станковски е раководител на Катедрата за медицинска физика при Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на насоката Компјутерска техника, информатика и автоматика при Факултетот за електротехника и информациски технологии, при УКИМ. Образованието го продолжил на Универзитетот во Ланкастер, Англија, каде што докторирал во областа биофизика, или поточно на нелинеарна биомедицинска физика. На истиот универзитет работел на постдокторски истражувања. Веќе три години работи во Македонија, активно истражува и им предава од областа биофизика на студентите од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ. Тој е еден од ретките кадри што по докторирањето на престижен универзитет во странство се вратиле во земјава. На прашањето зошто, тој кусо одговара: - Тука е дома...

Што обработува трудот објавен во Reviews of Modern Physics?
- Подготвивме прегледен труд кој ги опфаќа најбитните публикации на тема „Функции на спрега“ (или впрегнувачки функции, од англиски coupling functions). Многу од системите во природата не се изолирани, туку имаат некаква меѓусебна интеракција. Функциите на спрега содржат детални информации за функционалните механизми и физичките закони под кои се одвиваат интеракциите. Бидејќи се директно поврзани со функционалните зависности, тие не се однесуваат само на тоа дали постојат, туку повеќе како се одвиваат интеракциите. На пример, кардио-респираторните функции на спрега детално покажуваат како дишењето ја забрзува или забавува работата на срцето. Клучна карактеристика на функциите на спрега е формата на функцијата – таа дава нова димензија и перспектива која директно ги опишува механизмите на интеракција. На овој начин тие може да опишат квалитативни транзиции помеѓу различни состојби на системите, како на пример транзиции во и надвор од синхронизација, или пак да овозможат декомпозиција на одделните придонеси од секој систем во некоја интеракција. Значи, функциите на спрега покажуваат многу повеќе од корелации и статистички ефекти – тие ги разоткриваат механизмите на интеракции.



Колку функции на спреги се изучуваат во медицината воопшто, кај нас и во странство?
- Можеби сè уште не толку за функции на спреги, тие се во зародиш, но за интеракции сигурно учат. Кога ќе се стигне до одредено ниво, веќе наставата во медицината станува интердисциплинарна. На пример, во невронауката, додека студентите учат за епилепсија или мозочни бранови, сигурно учат нешто и на оваа тема. Во делот на биофизика тоа пошироко се обработува, јас кратко им споменувам на нашите студенти, но би сакал тоа да е повеќе. На напредните универзитети во светот оваа тема и интердисциплинарноста генерално се далеку позастапени во медицината.

Каде сè се користат функциите на спрега?
- Тргнувајќи од теоретскиот опис кој е генерален и дел во физиката, функциите на спрега имаат универзално значење и може да се применат на системи од различни области. Во трудот ние прикажуваме апликации за реконструкција и примена на функции на спрега во хемија, физиологија, невронаука, социјални науки, механика и телекомуникации.

Кои се Вашата потесна специјалност и интерес?
- Јас работам на напредни методи за реконструкција на функции на спрега од интеракции на биомедицински системи. На пример, имаме студирано и објавено за кардио-респираторни, мозочни и кардио-респираторно-мозочни функции на спрега и како се менуваат кај различни болести и состојби кај човекот, вклучувајќи анестезија, променливо дишење, хипертензија, стареење, мозочни состојби со отворени/затворени очи... Всушност, ова беше делумно и дел од мојот докторат и сè уште силно ме интересира.

Како може овие истражувања да помогнат во лекувањето на луѓето?
- Сè уште е многу рано и не се осмелувам да дискутирам во тој правец. Патот на науката до примена во лекување на луѓето е многу долг и комплексен процес. Но, крајната цел е да се направи дијагностички метод кој ќе ти укаже преку следење мерки, квантитативни бројки, да донесеш заклучок и да го искористиш за одредена состојба или болест.



Како се случи токму Вие да го пишувате трудот и кој сè учествуваше во него?
- Во последните десетина години имаше доста публикации на тема функции на спрега. Оваа опфаќаше теоретски студии, методи и нивна апликација во различни области. Така природно се заокружи една научна целина за која имаше потреба од еден голем прегледен труд кој ќе ги обедини и систематизира сите публикации. Ние, како автори, ги имавме едни од најреномираните истражувачки публикации на тема функции на спрега (вклучувајќи и во Phys. Rev. Let. и Phys. Rev. X), со теоретски и методолошки студии, како и повеќе примени во физиологија и невронаука. Следствено, ние ја добивме довербата од едиторите на Rev. Mod. Phys. да го напишеме споменатиот прегледен труд. Бевме четири коавтори - јас го покривав општиот опис, методолошкиот аспект и различните апликации. Колегата Тиаго Переира, кој работи применета математика, беше задолжен за теоретскиот дел, а професорите Питер Меклинток и Анета Стефановска имаа значајни придонеси од нивното долготрајно искуство во областа. Трудот се одвиваше под раководство на професорката Анета Стефановска, која има потекло од Македонија. Таа даде огромна поддршка да се создаде и да се заврши трудот. Ѝ беше посебно драго што ваков престижен труд се објави од Македонија.

Долго време се образовавте и работевте во Англија. Пред три години се вративте и работите во Македонија. Може ли да направиме споредба во научно-образовната дејност во двете земји?
 - Секако дека во Англија условите за научни истражувања се далеку подобри. За жал, во Македонија поддршката за научна работа практично и да не постои. Нема национални научни проекти, нема стипендии за докторанди, нема помош за млади истражувачи... Науката се сведува на едно скапо хоби. А без системски и систематски вложувања и следење на најновите научни и технолошки достигнувања, чиста илузија е да се очекува Македонија да има конкурентни и иновативни производи, индустрија и социоекономски прогрес. Од друга страна, во однос на условите, научниците и научната работа во Македонија се на доста високо ниво. Имам впечаток дека има акумулирано доста длабоко суштинско знаење. Можеби треба малку повеќе да се поработи на тоа како да се презентира во форма која е денес препознатлива за современата наука. Но, ова е мал и краткорочен предизвик во однос на суштината која се создавала долго време. За крај, мислам дека наставната дејност, конкретно на УКИМ, е релативно добра. Мене лично ми е задоволство и предизвик да им го пренесам моето знаење и современите научни достигнувања од биофизиката, на еден поблизок и поинтересен начин, на идните лекари и фармацевти во нашата држава.