Студентски лидер на УКИМ со истечен мандат, хакирана страница на бугарски јазик, замрено организирање. Среќен празник, студенти!
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
17 Ноември е Светски ден на студентите. Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ e во долгови, телефоните се исклучени, доменот на интернет-страницата е одземен
Новата академска година студентите во „Стив Наумов“ ја почнаа без топла вода, нивните „сојузници“ од „Кузман Јосифовски-Питу“, пак, катаден јадеа инстант-пире. Си кажаа гласно и дел од овие проблеми се надминаа, а дел малку се помрднаа. Денес е Светски ден на студентите - 17 Ноември, денот кога најпрогресивните во едно општество треба да кажат нешто гласно, да потсетат на најгорливите прашања што ги мачат во нивниот студентски живот. Кај нас малку е тивко.
Да се распишат избори за студентски лидер
Новата академска година во Македонија студентите ја започнаа со големи очекувања во врска со тоа што ќе им донесе новиот Закон за високо образование изгласан пролетва, според кој, се надеваат дека ќе добијат поголеми права во рамките на своите факултети и универзитети. Студентски лидер на најголемиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, иако со изминат мандат, сѐ уште е Давор Поповски. Тој беше избран во јуни 2016 година. Нов ќе изберат откако Собранието на Република Македонија ќе го изгласа Статутот на универзитетот, а деканите ќе распишат избори за ново раководство. Никој не знае кога ќе се случи тоа, а во ваква ситуација се сите државни универзитети. На УКИМ нема ниту студентски правобранител. Мобилниот телефон на последниот правобранител што е истакнат на
страницата е даден на приватен корисник, а фиксниот телефон е исклучен.
Им се обративме на неколку студентски парламенти со цел да провериме како функционираат. Од 22 факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ околу 15 се активни, ни сподели Поповски.
СПУКМ е посебна приказна. Неисплатени долгови зашто Ректоратот им нема префрлено буџет, исклучени телефони, канцеларија која едвај се одржува... Веб-страницата што СПУКМ ја користел некогаш
spukm.org.mk е хакирана и е на бугарски јазик. На страницата стои дека тоа е студентски блог на парламентот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Бугарија - Македонија.
Хакираната страница на СПУКМ
- По донесувањето на новиот Закон за високо образование, СПУКМ е во фаза на измена на своите интерни акти, Статутот и правилниците за работа. Имаме состаноци на кои ги дискутираме следните активности. Ќе ги искористиме сите граѓански и демократски средства за да ги вратиме организациите во нормала и да се бориме за студентските права надвор од универзитетските и факултетските тела зашто, според новиот Закон, СПУКМ не е тело што треба да биде во структурата на универзитетите и студентските парламенти и ќе се бори како сите други студентски организации што постојат на кампусот - објаснува Поповски и додава дека во изминатите две години организирале разни обуки за студенти, се обидувале да решаваат проблеми на студенти или групи студенти, а во повеќето случаи тоа било успешно.
Поповски објаснува дека се соочувале со финансиски проблеми зашто парите им ги исплаќале по завршувањето на учебната година.
- Досега факултетите требаше да распишат избори за новите студентски тела, односно студентски собранија. Истовремено, СПУКМ е исклучен од сите тела на управувања на Универзитетот, односно со други зборови, студентското организирање во моментот е тотално умртвено од страна на институциите. Се врши буквално маргинализирање на СПУКМ. Средствата што требаше да ги добиеме за последната година (2017/2018) сѐ уште ги немаме, а имаме и други проблеми и долгови. Оправдувањето е дека моментално Статутот не е изгласан и не знаат дали е правилно да ни ги исплатат средствата, а програмата за лани е одобрена од Сенатот. Им должиме на неколку коминтентни кои нè толерираат подолго време. Канцеларијата на СПУКМ е активна, има вработен кој нема земено плата неколку месеци. Во последните неколку месеци ми е исклучен и мобилниот телефон. Јас никогаш не сум бил недостапен. Сликата однадвор може да изгледа многу лошо, а сега може и струјата да ни ја исклучат - додава Поповски и објаснува дека откако е донесен новиот Закон, тој повеќе не оди на средбите на ректорската управа.
Активни студентски парламенти
Според новиот Закон за високо образование, студентите на факултетите се организираат во студентски собранија како тела на факултетите. Ни самите не знаат многу до каде се процедурите за да се избере нов лидер.
- Студентите од нашиот факултет се во исчекување, но подготвени сме да дадеме поддршка и да земеме учество во сите наредни активности како еден од предусловите за успешни студентски избори - ни одговорија од студентскиот парламент на еден факултет и нè замолија да биде анонимно.
Еден од поактивните студентски парламенти е тој на ФИНКИ.
- Примарна цел ни е подобрување на студентскиот стандард, заштита на студентските права и помагање на студентите полесно да се приспособат на нашиот факултет. Честопати организираме семинари за подобрување на меките вештини, организираме работилници за подобрување на знаењата и изучување нови технологии, го организираме саемот „Контакт“ за вработување и пракса, хуманитарни акции, крводарителски акции... Во периодов ја подготвуваме работилницата DIGIT, која ќе се одржи кон средината на декември.
Петар Барлаковски, студент на Правниот факултет во Скопје и активен поборник за студентските права, вели дека во моментов сите процеси се закочени.
- Факт е дека во моментов сите процеси се закочени додека не се изгласаат статутите во Собранието. Изборите на студентските лидери секогаш се полни со скандали. Се надевам дека сега откако деканите се задолжени да ги распишуваат конкурсите, ќе има поголема контрола и надзор над целиот процес. Со новиот Закон студентите добија поважно место и во одлучувањето. Ќе се делегираат претставниците за универзитетското студентско собрание. На секој факултет се избира студентски претставник за во Студентскиот парламент, а оттаму се делегира за универзитетското Студентско собрание - вели Барлаковски.
Студентскиот пленум, борбеното студентско движење кое бараше реформи и автономност на факултетите, е речиси неактивно. Оттаму не беа заинтересирани да поразговараме за студентското здружување во новата академска година.