И покрај Дауновиот синдром, Христијан студира, танцува хип-хоп, се натпреварува во пливање

И покрај Дауновиот синдром, Христијан студира, танцува хип-хоп, се натпреварува во пливање

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

По средно сите се запишаа на некој од факултетите, па сакав и јас. Сакам книги, ги сакам библиотеките и весниците што се таму. Сакам да учам. Сестра ми ми помага да пишувам семинарски работи. Седи до мене, јас запишувам во тефтер, а таа пишува на компјутер, вели Кико

Ведар, позитивен, со одлична смисла за хумор и желба за учење и дружење. Вака ќе го доживеете 23-годишниот Христијан Стојанов од Скопје, кој не дозволил Дауновиот синдром да го ограничи многу и да не ги прави работите што ги сака.
Христијан е студент во втора година на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, насока библиотекарство. Завршил во средното училиште „Георги Димитров“ за техничар за пејзажна инфраструктура. Основно завршил во „Димо Хаџи Димов“ во Влае.
Освен студиите, Кико заедно со своите пријатели е и член на танцовиот клуб „Dancers United“, група со која растураат на светски фестивали и се враќаат со медали. Токму вечерва тие ќе имаат концерт во Домот на армијата, во 19:30 часот, од хуманитарен карактер.


Цако му е идол

Се запознавме со неговото прекрасно семејство. Неговата мајка Лидија ни објасни дека кога завршил средно училиште, му понудиле дали сака да работи нешто или да се запише можеби на факултет. Второто го избрал без никакво негодување.
- Се дружиме со Цако (Александар Матовски-Цако), кој дипломира на претшколска возраст и на Кико му е идол. Затоа мислам дека и толку посака да студира. На групата на библиотекарство се малку студенти, петмина. Но, и кога ги видовме предметите, помисливме дека тоа ќе може да го учи затоа што го интересира таа област. Професорите се добри, имаме добра соработка, повеќето соработуваат, некои повеќе, некои помалку, односно некои се и скептични дека би можел да го заврши факултетот - вели мајка му Лидија.

Христијан Стојанов (фото: Радован Вујовиќ)

Кико оди редовно на часови и оди сам. Најчесто се вози со автобусот број 21, кој е негов омилен број. Има прекрасни колеги кои му помагаат во учењето, но и многу се забавуваат.
- Кога завршивме средно, сите се запишаа на некој од факултетите, па сакав и јас. Сакам книги, ги сакам библиотеките и весниците што се таму. Сакам да учам. Сестра ми ми помага да пишувам семинарски работи. Седи до мене, јас запишувам во тефтер, а таа пишува на компјутер - вели Кико.

Пишувам семинарски заедно со сестра ми

Марија е една година помала од Христијан и многу му помага во учењето.
- Пред некоја недела правевме семинарска за Галичката свадба по предметот социологија, кој му е изборен предмет. Се погоди интересно што и ние сме Галичани по баба ми и со многу ќеф ја пишувавме семинарската - објаснува Марија, која е студентка во прва година на Односи со јавноста на Правниот факултет во Скопје.

Марта, Олгица, Дамјан се неговите колеги кои многу му помагаат. Кико признава дека многу сака кога се дружат и пијат кафиња. Со Марта, која е во инвалидска количка, се познаваат од основно училиште.
- Многу ни помага и Диме од „Студентски прашања“, за сѐ ни се наоѓа - вели Христијан.
На некои предавања се со студенти од повеќе групи, но тоа е многу поретко.

Христијан и сестра му Марија во дворот на „Георги Димитров“, каде што завршиле и двајцата

Христијан вели дека многу сака да работи во библиотеката „Браќа Миладиновци“, каде што има секакви книги, весници и списанија.
Марија објаснува дека Христијан во сѐ ја имитира и некогаш за да учи тој, мора и таа да учи, без разлика што нема за учење. Таа е многу среќна што нејзиниот брат е добро прифатен и вели дека општеството мора да се отвори повеќе за лицата со попреченост.
- Секој може да биде полезен во некоја професија. Кога им се дава шанса на вакви лица, тие се многу среќни и им се зголемува самодовербата. Јас забележувам огромна разлика во неговото однесување по средното образование, откако се запиша на факултет. Христијан сега знае да направи муабет, претходно се срамеше, се повлекуваше, сега многу повеќе зборува, се шегува. Професорите се многу добри - вели Марија и ни објасни дека токму минатата година, кога од училиште учествувале на некаква конференција по библиотекарство, гласно им се заблагодарила на професорите што соработуваат со студентите како Христијан.


Секое патување го прави побогат и посреќен

Тој е многу активен и во неколку здруженија, како што е „Крик“. Пред да заврши средно школо, заедно со момче со оштетен вид од Охрид поминал два месеца во Љубљана работејќи на проект од програмата „Еразмус+“. Таму работеле во градина, имале програма за соработка со деца, комуницирале со деца од цела Европа, со и без попреченост. Неговата сестра вели дека се вратил како друго дете оттаму, позрело.

Тој исто така и плива и учествува на натпревари на параолимпијади. Ни призна дека на последниот настап во Белгија го дисквалификувале затоа што ги допрел плочките кога не требало.
- Во средно намерно се запишав во истото училиште. На почетокот не ни знаеја дека Кико ми е брат зашто тој и не сакаше да оди со мене, туку сам. Во прва година имав конфликт. Зад мене седеше еден другар кој искоментира нешто навредливо за лица со попреченост. Другарот рече: „Замисли дете да има и Дауннов синдром и епилепсија“. Учевме нешто за болести, а го кажа на шега. Му се свртев и му одржав лекција за да научи подобро. Се зачудив и јас што така изреагирав. Треба отворено да зборуваме. Ако дома не ве информираат, ако немаш дома или во роднини, не знаеш ниту како да реагираш - признава Марија.
Таа додава дека порано многу поретко и самата поканувала друштво дома, но дека со растењето тоа го надминала и дека сега Христијан редовно е во нејзиното друштво.

Колекционер на списанија за автомобили

Кико многу сака да го шета своето куче Ада од расата лабрадор. Од мал е колекционер на автомобилчиња и на списанија за автомобили и нема автомобил што не го знае по својот вид. Многу сака да вози „фолкваген буба“, а како мал сакал да стане таксист. Многу сака да гледа и филмови со автомобили. Нема пропуштено ниту едно од осумте продолженија на „Брзи и бесни“. Многу плачел кога дознал дека главниот актер Пол Вокер починал, ни призна сестра му.

Dancers United годинава станаа светски шампиони во хип-хоп

Негови омилени групи се „Мизар“ и „Архангел“, а ни призна дека имал многу симпатии. Вели: „Јас сум како Сулејман“.
- Сака историја. Има фотографска меморија. Двапати да ја прочита, знае на која страница нешто прочитал - вели Марија.
Во тимот на „Dancers united“ е од основањето, пред пет години. Многу е среќен кога имаат часови, но и кога патуваат. Годинава тие освоија прво место на Светското првенство во Полска.
- Супер си поминавме. Ги прошетавме Будимпешта, Краков, Киелце, Белград. Многу ми беше забавно по пат - вели Кико.