Отворено со Саше Димовски: Да се живее со делумна ампутација на нога, бајпас, срцев удар и да не се чека судбината да одреди темпо

Отворено со Саше Димовски: Да се живее со делумна ампутација на нога, бајпас, срцев удар и да не се чека судбината да одреди темпо

Подготвил: Наташа З.

Лектор: Ивана Кузманоска

Дијабетес, делумна ампутација на ногата, операција за бајпас, па срцев удар со два стента, редовно третирање на дијабетско стапало... Звучи и опасно и страшно и никој не би сакал да поминува низ таква здравствена голгота. Но, тоа е реалниот живот на новинарот Саше Димовски, кој по две години има чувство дека повеќе е по болници отколку дома. И покрај тоа, тој е насмеан, пријатен и подготвен за секој нов ден. Има посебен марифет за болеста да не е поголема од него, а тоа е работа, ред, дисциплина и многу, многу шега.



Очекувам увоз на лекот „не нервирај се“

- Знаете како велат, шеќерот е царска болест, не боли, но ако не се дијагностицира навреме и не се интервенира, последиците се многу страшни. Дијабетес тип 2 е модерна болест која сè почесто му се припишува на стресот и зазема сè поголеми размери. Токму затоа и тешко е да се контролира. Колку и да имате добар лекар кој ќе ви ја одреди терапијата, секој треба да е свој доктор и да го проверува нивото на шеќер во крвта, пред и после секој оброк, и на тој начин да интервенира во количината на инсулинската терапија – вели Саше.

Се надева дека тој што ќе измисли лек кој кај дијабетичарите со тип 2 ќе го држи под контрола шеќерот веднаш ќе добие Нобелова награда.

- Затоа, многу е важно да се знае дека шеќерот кој реагира на стрес може да се покачи и на добри и на лоши вести еднакво. Сè уште очекувам да го увезат лекот „не нервирај се“ за да почнам да го земам. Тоа е лек за кој сите се „доктори“ и секојдневно ми го препишуваат, ама го нема по аптеките. Дотогаш, ќе мора сè да биде само ред, работа и дисциплина - раскажува.

Ногата спасена од целосна ампутација, ама стресот го зема данокот

Како резултат на шеќерот, прво се појавило дијабетско стапало, кое, како што раскажува, одредени лекари го препознале погрешно како циста.



- Ми направија операција од која поради недоволно лекарско внимание при преврските и појава на тромб, преку ноќ се појави флегмона (воспаление на масното ткиво кое забрзано се шири), па следуваше болничка хоспитализација и делумна ампутација на ногата, со дијагноза дека треба да се ампутира цела нога. Ја напуштив државната клиника на моја одговорност и заминав во друга, приватна, каде што ми беше направена нова операција, бајпас, за да се спаси ногата од целосна ампутација – вели Димовски.

Повеќе по болници отколку дома

Сето ова не било лесен процес - три операции на ногата за 45 дена, одење со патерици најмалку шест месеци, секојдневни преврски. Сиот насобран стрес од оваа состојба си зел данок, па лани летото преживеал и акутен инфаркт.

- Ми беа вградени два стента во приватна клиника, а дополнителните интервенции на срцето ги продолжив на државната кардиологија поради големите финансиски издатоци, бидејќи интервенцијата во приватната клиника не ја покрива Фондот за здравствено осигурување, а ситуацијата беше акутна и итна. Немаше простор за размислување каде да се прави, туку мораше да се интервенира итно. Затнатоста на крвните садови беше од 90 до 98 проценти – раскажува Саше. По сето она што му се случува во последниве две години, вели дека има чувство оти повеќе време поминал по болници отколку дома, а телефонскиот именик му е побогат со најмалку 100 нови пријатели - сите лекари или медицински персонал, со кои речиси секојдневно комуницира.



Драги луѓе на помош

- Првичните хируршки зафати ги прифатив како рутинска интервенција, така ми беа претставени, но кога бев хоспитализиран со гангрена, кога видов околу себе во собата уште шест пациенти со ампутирани раце или нозе, шокот беше неизбежен. Шеќерот скокна до небо, па инсулинската терапија ми беше наложена како нешто што веднаш мора да го почнам. Можеби, што би рекла една драга колешка која ми помагаше „да избегам“ од клиника, малку ми се врати насмевката кога доктор од приватната клиника се нафати со бајпас да ја спаси ногата од ампутација. Мислам дека и сите мои драги луѓе многу тешко го поминаа тој период, иако пред мене не покажуваа слабост – раскажува Саше.

Десетиците луѓе што му доаѓале на посета секој ден му покажувале дека не е сам и тоа не му дало простор, како што вели, да размислува за лоши нешта. Во тоа помогнал и дел од медицинскиот персонал, со совети, нега, терапија.

- Многу пријатели лекари дојдоа во посета, а најинтересно беше кога ме посети пријателка психијатар која ме следи и како пријател на „Фејсбук“ и која рече дека видела дека не ми треба нејзината помош - вели.

Лаптопот – главен вентил

За сето време седатив за смирување се напил 2-3 пати, за спиење, но видел дека нема ефект и воопшто не продолжил со таква терапија. Главен вентил покрај сите луѓе што биле покрај него му бил лаптопот, со кој и спиел во болничкиот кревет.

- Објавував вести и многу статуси иако рацете ми беа полни со канили и инфузии. Сестрите ми правеа фаци кога ќе им речев да дојдат за пет минути со терапијата за да ја објавам веста. Навреме увидоа дека сум „специјален случај“, но само таквото однесување направи да останам психички стабилен. А, што може човек да направи друго освен да тера шеги на своја сметка, како еден од начините да заборавиш зошто си тука – се смее Саше.

Кој ќе полуди навреме, нему сè му е полно-рамно

Има една поговорка што вели - кој ќе полуди навреме, нему сè му е полно-рамно. - Јас сега така се однесувам и тоа ми е најголемата придобивка. Сè терам на шега, барем во приватната комуникација. Тоа ми е и мотив да го прифатам тоа што ми се случи, да научам да се шегувам на своја сметка или да се приспособам колку што можам и да направам да живеам релативно нормален живот, со сите можни ограничувања - објаснува.



Менито за исхрана му е прилично рестриктивно зашто мора да внимава на внесот на шеќери, терапијата да ја прими навреме, се откажал од сè што значи брза храна, газирани пијалаци, алкохол..

- За многумина е чудно, но јас многу лесно почнав да се приспособувам, за во последната недела од старата година сите испитувања да покажат подобрување на резултатите. Но, морам да споменам дека во последниве месеци имам тим доктори што се грижат за мене, да не речам повеќе од мене лично. По нивни препораки правам контроли, испитувања, секој втор ден и натаму одам на преврски и третмани за заздравување на ногата. Сето тоа ми зема голем дел од времето, но како што велат, здравјето пред се! - раскажува Саше.

„Че идеш додека не ти прекипе“

Откако ги поставиле стентовите, по инфарктот во јули 2017 година, пријателка на Саше, која пак е пријателка со кардиологот, се обидела на фин начин да му ја пренесе пораката од докторот да не падне во депресија бидејќи возраста околу 40-тата е критична за мажите што претрпеле такви проблеми.

- Мојата прва реакција беше да му пренесат на докторот дека нема потреба од грижа зашто иако сум сместен на петтиот кат, не планирам да се симнувам низ прозорец до приземје, туку ќе го користам лифтот! Од прв ден сам станував, шетав, се туширав, и покрај настојувањата на персоналот да ми помогне. Тоа ми помогна да ја вратам самодовербата веднаш, да не се чувствувам зависен од туѓа помош и нега – вели Димовски.



И по операциите на ногата, кога одел на патерици, само неколку дена по излегување од болница почнал да се движи пешки, колку и да му било тешко. Петстотини метри поминувал за 40 минути, со болки, препотување, но тоа му помогнало што побргу да ги остави помагалата, за само шест месеци.

- Јас имав фобија од игли, од боцкање, со сестрите се молевме за вадење крв, за инјекции, за разлика од сега, кога веќе сè ми стана рутина. Сите што ме знаат не можат да поверуваат дека сега сам си боцкам инсулин, а лани секое утро и вечер одев во брза помош за инсулинска терапија. На пример, бев на семинар во Берово и бев атракција кога се појавив во брзата помош со инсулинско пенкало и им објаснував дека не можам сам да си ставам терапија. Не само што ме гледаа чудно, туку ми бараа и доказ дека навистина примам инсулин. Но, зборовите на сестрата беа многу илустративни: „Че идеш додека не ти прекипе“. Така и беше, еден ден ми прекипе, со сестрите вежбав да боцкам на кајсија, па некоја макета на папок, и решив да не малтретирам луѓе и пробав сам. Затоа, многумина и сега се шокирани кога ќе ме видат, а разбрале за сите мои проблеми, а гледаат дека јас и натаму терам турбо. Сега, се мислам уште дали да го прифатам предизвикот на д-р Митко Караѓозов и да се оженам за докторка или медицинска сестра, која ем ќе ме негува ем ќе го спасам докторот од сите ургенции на кои беше изложен од многу жени пријателки што му се јавувале за мене – се шегува Саше.

Сам можеш најмногу да си помогнеш, од лелекање нема фајде

Пред неколку недели прифатил да биде дел од говорниците на трибина во Велес на која се зборува за дијабетесот. Им ги посочил сите негативности што можат да бидат дел од животот на луѓето, дел по нивна вина, дел поради разни околности.

- Мој совет е дека никој не може да ви помогне колку што можете сами. Секако, помошта од сите е добредојдена, но во дел од денот или ноќта мора да останете некое време сами. А, тогаш, гласно разговарајте со себе, што сакате да постигнете. Една докторка, која јас ја обвинувам за лоша дијагноза од почетокот, ми рече дека треба да се помирам бидејќи тоа ми била судбина! Јас не сум толкав верник кој нечии грешки може да ги нарече судбина и затоа гледам да го диктирам сам темпото на животот, а не да чекам судбината да ми го одредува темпото. Не се откажав од патувањата по светот, како дел од професионалните обврски, на кои барам клиники кои можат да ми направат преврски или да добијам терапија ако имам потреба. Од плачење и лелекање нема фајде. Затоа, самодовербата мора да ја гради секој сам. Само така, како што реков, „кој навреме ќе полуди“, нему сè би можело да му е наредено во животот. Затоа, индивидуално е кој колку ќе дозволи да „полуди“. Но, колку побргу и колку повеќе, тоа може многу да го олесни сечиј живот. Мојата борба секако продолжува со секој нов ден – додава Саше.