Како шармантната тинејџерка Јана од Охрид матира на шаховската табла

Како шармантната тинејџерка Јана од Охрид матира на шаховската табла

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ученичката во прва година гимназија раскажува за тоа како се поврзани шахот и животот, иако е многу млада, го цитира поранешниот светски шампион Михаил Таљ: „Животот е партија шах во милион потези“



Првото освојување на титулата државен шампион во шах, третото место во севкупна категорија мешано машки – женски (а воедно прва кај девојките) и второто место за учесници до 14 години на „На брановите на Дунав“ во Турну Северин, Република Романија, ѝ се најдрагите успеси на 15-годишната шармантна охриѓанка Јана Анѓелкоска. Да игра шах научила од татко ѝ, ужива во брзите партии, но и во победите. За тоа како се поврзани шахот и животот, иако е многу млада, го цитира поранешниот светски шампион Михаил Таљ: „Животот е партија шах во милион потези“.


Се чинеше едноставно да се победи, но...

Јана е членка на шаховскиот клуб „Алкалоид“, а тренер ѝ е интернационалниот мајстор Дејан Стојановски. Освен што оди на тренинг-кампови, со тренерот вежба и на интернет.
Јана е државен шампион меѓу девојчињата 6 пати по ред, од 2011 до 2017 година, во соодветните категории. Таа е и актуелен средношколски шампион.

Во шахот речиси сè е еднакво значајно.
- Шахот има отворање, средишница и завршница. Еднакво се важни и стратешките и тактичките моменти. Најчесто сакам да ги исклучам чувствата додека играм, да бидам сконцентрирана само на играта и калкулациите. Дали чувствувам задоволство додека играм? Тоа доаѓа со победата – вели Јана.



За да развие интерес за шахот, клучна улога одиграл татко ѝ Методија.
- Гледајќи го татко ми како игра шах, ме привлече играта. Прво почнав да играм против компјутер, на најниското ниво, и се чинеше дека е едноставно да се победи. Но потоа, токму татко ми, почна да го менува нивото на играта на компјутерот и јас морав да се задлабочам и да размислувам повеќе за да стигнам до победа. Така, може да речам дека интересот го поттикна „занимацијата“ на татко ми Методија – раскажува Јана.

Немам распоред, сепак сум тинејџер

Ученичката во прва година во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид многу ја интересира хемијата. По завршување на средното училиште сака да го продолжи образованието на Фармација, но во последно време многу размислува и за психологијата.
- А за тоа какви други интереси имам... Па, спиење - се смее Јана.
Таа има приоритетни задачи кои ги исполнува во текот на еден ден, но вели дека не прави распореди.
- Немам распоред, сепак сум тинејџер. Училиштето го ставам пред шахот. Но наоѓам време и за шах. Сакам таканаречени блиц-партии, кога шахистите за целата партија имаат меѓу 3 и 5 минути – додава таа.
Ја радуваат успесите во училиштето и на шаховската табла. А кога станува збор за другарството и за тоа како се забавува нејзината генерација, вели:
- Тука речиси ништо не е поврзано со шахот. Ако ги исклучам татко ми и брат ми.



„Што би направила ти ако беше од другата страна?“

Татко ѝ Методија вели дека за нив, како родители, многу се важни образованието на децата, љубовта кон својата земја, Македонија, и семејството.
- Јана ја воспитуваме во духот на македонската традиција, но, сепак, не сакаме да направиме од неа фанатик во ниту една област - ниту културолошка, ниту религиозна, ниту социолошка. Никогаш не избегнуваме комуникација, разговараме за предизвиците со кои се соочува, не влијаеме врз нејзините избори во животот. Сметаме дека е доволно разумна за да прифати совет без да ѝ биде присилно наметнат – вели Методија.

Тој објаснува дека како шахист, мора да размислува и за потезите на противникот и тоа го користи како факт.
- Затоа, за среќа ретко, доколку се најде во конфликтна ситуација, ја потсетуваме да одговори на прашањето: „Што би направила ти ако беше од другата страна?“ Ја учиме секогаш да го сослуша авторитетот, професор, наставник, ментор, но никогаш да не го прифати здраво за готово тоа што е кажано, туку да дојде до логично објаснување – зошто определен факт е факт, и дали е факт воопшто – вели Методија.