Ева Зетнер, директорка на човечки ресурси на А1 Телеком Австрија групацијата: Успешна дигитална трансформација подразбира вработени што постојано учат

Ева Зетнер, директорка на човечки ресурси на А1 Телеком Австрија групацијата: Успешна дигитална трансформација подразбира вработени што постојано учат

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ева Зетнер, директорка на човечки ресурси на А1 Телеком Австрија групацијата, на втората конференција посветена на жената во дигиталната ера, организирана од Вип, говореше за тоа како дигиталната трансформација влијае врз менталната свест на вработените и што треба да направат компаниите за да им го трасираат патот

- Дигиталната трансформација значи дека многу работни места се менуваат, она што луѓето го прават секојдневно се менува, како и начинот на кој ја работат својата работа. За вработените, за компаниите, ова значи дека треба да се биде креативен, иновативен, да се мисли на различноста, а тука доаѓа улогата на жените. Дигиталната трансформација значи дека ни требаат флексибилни луѓе што знаат да работат агилно, кои се лидери и, најважно, постојано учат - вели Ева Зетнер, директорка на човечки ресурси на А1 Телеком Австрија групацијата во интервјуто за Факултети.мк.

На втората конференција посветена на жената во дигиталната ера, организирана од Вип, таа говореше за тоа како дигиталната трансформација влијае врз менталната свест на вработените и што треба да направат компаниите за да им го трасираат патот.


Ева Зетнер, директорка на човечки ресурси на А1 Телеком Австрија групацијата

Каде е жената во дигиталната ера?

- Жените се добро позиционирани. Она што е важно да се спомене е дека колку што светот станува сѐ подигитален, толку човечкиот фактор и допирот стануваат сѐ поважни. Токму тука жените може да одиграат важна улога, да го дадат својот придонес во бизнисот и општеството. Ситуацијата со жените во дигиталната ера драстично се разликува од земја до земја. Ако ја земеме, на пример, нашата групација, во Македонија во Вип, од вкупниот број вработени 43 проценти се жени и речиси исто толкав процент се на лидерските позиции. Тоа е многу добар баланс, но го немаме во секоја земја. Во Австрија, на пример, имаме само 18 проценти жени на раководните позиции. Гледаме дека и во нашата групација имаме различна ситуација од земја до земја. Така е и во дигиталниот свет - различни пропорции во поглед на родова еднаквост од земја до земја, но евидентно е дека нештата се менуваат. Денес има сѐ повеќе понуда и интерес од страна на жените за вработување во техничките струки, но секако дека е потребно уште многу да се работи на ова прашање. На добар пат сме во секој случај.

„Дигитална трансформација: Техничка револуција или еволуција на менталниот склоп“ е темата на која се говореше на конференцијата „Жените во дигиталната ера“ во организација на Вип. Што всушност значи дигиталната трансформација за вработените? Како им влијае?

- Дигиталната трансформација значи дека многу работни места се менуваат, она што луѓето го прават секојдневно се менува, како и начинот на кој ја работат својата работа. Тоа го гледаме постојано, се користат многу дигитални алатки, многу различни начини за пристап до информации. На располагање ни е широк дијапазон на дата-податоци кои ни се потребни, а кои може добро да ги искористиме за подобра функционалност на работните места, но и за да ги опслужиме нашите корисници. За вработените и за компаниите, ова значи дека треба да се биде креативен, иновативен, да се мисли на различноста, а тука доаѓа улогата на жените. Дигиталната трансформација значи дека ни требаат флексибилни вработени, кои работат агилно, кои се лидери и најважно - постојано учат. Мора да се биде во тек со развојот. Работните места се менуваат и секое едно работно место е под ова влијание. И важно е сите да сме во чекор со тие промени и развој, да еволуираме заедно со работните позиции.

Секоја промена има одредено влијание врз вработените, а особено технологијата. Какви алатки користи Вашата компанија за им го олесни овој пат?

- Ние имаме три принципи што нè водат - тим, доверба и агилност. Овие принципи за нас се темелот на заедничкото работење во компанијата. Врз основа на ова, се трудиме да обезбедиме ваква работна средина за секого. Одличен пример за тоа е нашата дигитална платформа за учење, која им е достапна на сите вработени. Потоа, имаме многу комуникациски алатки што ги користиме во групацијата. Благодарение на Workplace- интерната социјална мрежа за комуникација помеѓу сите вработени од сите земји, успеавме да го смениме начинот на комуникација во компанијата, како во односот на вработен со вработен така и во односот вработен-компанија. Речиси и да не испраќаме е-пораки, имаме работен простор каде што си ги постираме барањата, ги разменуваме видеата од сесиите, конференциите и слично.



Експертите велат дека ако компаниите не им дадат поддршка на вработените за да успеат во дигиталната ера, дигиталната трансформација е осудена на пропаст. Како се менува менталната свест на луѓето околу ова прашање?

- Кога би дала точен одговор на ова прашање, веројатно би добила Нобелова награда. Мислам дека најважно е на вработените да им се обезбеди средина во која ќе можат непречено да ја работат својата работа. Во овој процес, се разбира, менаџерите и одговорните лица имаат голема улога. На вработените им е потребен некој на кого ќе се угледаат, но исто така е потребно да се вработуваат и нови, млади луѓе, кои веќе го имаат овој мајндсет. Така, луѓето што се веќе во компанијата ќе видат дека тоа функционира и дека ќе можат да се адаптираат. Важно е да се биде искрен и транспарентен пред вработените за да знаат што се очекува од нив. Треба да им се објасни зошто се случуваат тие промени и зошто се важни за компанијата.

Вие сте директорка на човечки ресурси во А1 Телеком Австрија групацијата. Како изгледа еден Ваш работен ден? Кои Ви се најголемите предизвици во работата?

- Типичен работен ден за мене значи многу состаноци. Го водам централниот тим во Виена, но постојано имаме видеосостаноци со тимовите од човечки ресурси од другите земји. Нашите секојдневни предизвици се насочени кон тоа потребите на вработените од секоја земја да се стават под еден чадор, во една рамка. Затоа, како компанија се трудиме да ги задржиме локалниот шмек и флексибилноста, но сепак да бидеме една компанија. Од перспектива на групација, никогаш не велиме: „Вие во Македонија мора и треба да го правите ова и ова“. Тоа не сме ние.

Колку потребите на вработени се слични во земјите каде што работи А1 групацијата?

- Изненадувачки, но не се разликуваат многу. На луѓето им треба работа која ги исполнува, тоа е најважното нешто. Новите генерации што доаѓаат во компанијата сакаат да го разберат значењето на она што го работат, да бидат дел од значајна приказна, да го дадат својот максимален придонес. Секако дека се важни и платата и колегите со кои се работи, или пак менаџерот. Но, за поновите генерации, повеќе разлика прави нивната задача и што всушност работат, која им е целта. Сакаат да се развиваат.

Во Македонија младите често бараат работа во јавната администрација. Плата на 1-ви, без поголема визија за кариерата, на многумина им е сосема доволно. Како да се смени свеста околу ова прашање?

- Македонија навистина има што да им понуди на младите во дигиталната ера, имате добар образовен систем, добри кадри кои излегуваат од универзитетите, а има и многу жени од техничките полиња.
Човечкиот фактор може да направи голема разлика. Можеби токму ова треба да им се објасни на младите. Приватните компании треба да бидат поотворени за условите што им ги овозможуваат на вработените, па оттука младите може да придонесат и да бидат дел од таа нивна успешна приказна.

Стратегиите за човечки ресурси се фокусирани на развојот на луѓето и вештините, како и управувањето со перформансите. Како оваа дејност ќе се развива во иднина? Што ќе биде важно за човечките ресурси?

- Мислам дека во иднина голем дел од административната работа што денес ја работиме ќе биде заменета од технологијата. Таа ќе игра важна улога. Човечките ресурси во иднина ќе треба да работат повеќе на поддршка на тимовите и соработка со поголеми групи. Тоа е нешто на што не сме навикнати. Оваа гранка има две таргет-групи, и тоа: менаџери и вработени. Но, никогаш не ги гледаме тимовите. Тоа ќе ни биде предизвик за иднината. И тоа тимови кои можеби ќе треба да работат заедно три месеци или една година, тимови од различни земји итн. Во иднина можеби повеќе ќе има самоорганизирани тимови кои нема да ги води никој, па прашањето е што ова ќе значи за човечките ресурси и како ние ќе може да помогнеме да се организираат ваквите тимови. Кој кому ќе одговара? Сега имаме менаџер на кој му одговара вработениот, но што ќе правиме во иднина?

Имате успешна кариера, мајка сте. Веројатно добивате многу прашања за тоа како успевате да балансирате со кариерата и семејството. До кога ова прашање ќе им се поставува само на жените?

- Ако ме прашавте само како успевате да балансирате со кариерата и децата, веројатно јас ќе ве прашав дали ова прашање би му го поставиле на маж. За жал, во многу општества очекувањата се дека жената се грижи за семејството, а мажот се грижи да ги донесе парите дома. Ова мора да се смени. Ако темата е семејство и кариера, секако дека ќе одговорам и сакам да зборувам за тоа. Но, навистина и јас се прашувам зошто ова прашање им се поставува само на жените. Мислам дека семејствата не се однесуваат само на жените, секако, ако не се работи за самохрана мајка. Но, имаме и самохрани татковци. Во иднина секако дека ќе се смени визијата за тоа што претставува семејството.