Баухаус моќен како пред 100 години. Студентите на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се вклучија во јубилејот

Баухаус моќен како пред 100 години. Студентите на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се вклучија во јубилејот

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

На изложбата своите дела ги претставија студентите од четврта година на ФДТМЕ, во рамките на предметот Индустриски дизајн - современи движења кај проф. д-р Елена Никољски-Паневски

Цртежи од мебел и опрема според дизајнот на учителите и носителите на револуционерното движење баухаус изложија студентите од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Така тие се придружија на светското одбележување 100 години од основањето на училиштето Баухаус, кое УНЕСКО го има прогласено за светско културно наследство.

На изложбата своите дела ги претставија студентите од четврта година на ФДТМЕ, во рамките на предметот Индустриски дизајн - современи движења кај проф. д-р Елена Никољски-Паневски.

Проф. д-р Елена Никољски-Паневски

- Токму во април 1919 година е формирано училиштето кое денес слави 100 години од своето постоење. Staatliches Bauhaus познато како училиште Баухаус во Вајмар било германско државно уметничко училиште кое работело од 1919 до 1933. Училиштето Баухаус ги поврзува занаетите и фините уметности и било многу познато поради односот кон дизајнот и модерната мисла во Германија во тој период - објаснува Никољски-Паневски.

Училиштето Баухаус на 1 април 1919 година го основал архитектот Валтер Гропиус (1883-1970). Иако германскиот збор bauhaus во буквален превод значи „градење куќа“ и фактот дека неговиот основач бил архитект, училиштето во почетокот немало оддел за архитектура.

Комбинација од занаети и уметност

Создадено со идеја да ги здружи сите уметности, меѓу кои и архитектурата (Gesamtkunstwerk), училиштето имало здружение на занаетчии и уметници под управа на уметници-предавачи. Целта била заедничко истражување на професорите и студентите во примена на нови техники, материјали и форми во архитектурата, производство на мебел и употребни предмети.
- Замислено како комбинација од занаети и уметност, училиштето било познато по пристапот кон дизајнот и начинот на кој се предавало. Проектите што се работеле во училиштето подоцна биле реализирани, така што односот теорија - практика бил на завидно ниво - вели Никољски-Паневски.



Во рамките на изложбата на ФДТМЕ повеќе студенти изработувале проекти посветени на правецот баухаус. Моника Павловска во трудот „Десетте безвременски предмети од баухаус“ се осврнува и на основните карактеристики на школата.
- Познати по развојот на карактеристични, модерни дизајни креирани по принцип на едноставноста, наставниците и студентите од школата баухаус ги дизајнирале највлијателните објекти за во домувањето до ден-денес. Нивните парчиња биле дизајнирани за да бидат пред сè функционални. Сведени на нивните основни елементи, основните компоненти како плотни или ногарки се намалени на едноставни геометриски форми. Дизајнерите во баухаус имале цел да креираат естетски перфектни предмети, но сакале нивните продукти да бидат и масовно продуцирани. Едноставниот дизајн од секое парче мебел го олеснувало нивното ефикасно производство - пишува Павловска.

Заборавените жени на баухаус

Студентката Моника Бојковиќ се осврнала на „Заборавените жени на баухаус“.
- Не е за изненадување фактот дека иако дел од движењето баухаус биле голем број жени, главни дела што се паметат во историјата на уметноста се оние на Јозеф Алберс, Марсел Бруер, Василиј Кандински и Пол Кле, во основа - мажи. Без намера да ја дискредитираме работата на овие уметници, предизвикува еден вид разочарување тоа што кога зборуваме за ова големо движење во современата уметност жените во основа се исклучени од наративот. Или ако се споменати, тие се напишани како сопруги или соработнички на големите уметници. Во изминатата деценија сѐ повеќе се открива дека овие жени не биле само придружнички на големите умови, туку дека некои од нив се формативни уметници на движењето баухаус - пишува Бојковиќ.
Таа прави кус осврт на творештвото на седум жени од движењето баухаус, чие влијание оставило траен печат врз современата уметност - Гунта Столцл, Ани Алберс, Маријане Бранд, Бенита Кох-Оте, Оти Бергер, Гертруда Арнт и Маргарет Хејман.



Училиштето егзистирало во три града - Вајмар (1919-1925), Десау (1925-1932) и Берлин (1932-1933), а го управувале тројца директори/архитекти: Валтер Гропиус (1919-1928), Ханс Мејер (1928-1930) и Лудвиг Мис ван де Рое (1930-1933).
- Под притисок на нацизмот училиштето било затворено бидејќи било обоено како центар на комунистичките интелектуалци. И покрај тоа, наставниците на училиштето продолжиле да ги шират идеите и перцепциите на движењето баухаус откако емигрирале насекаде низ светот. Движењето баухаус имало влијание врз разбирањето на феноменот дизајн, на модерната во архитектурата и во едукацијата, консеквентно и врз уметноста, графичкиот дизајн, ентериерите, индустрискиот дизајн и типографијата - вели Никољски-Паневски.