Иконите не можам да ги заштитам единствено од човекот, вели д-р Ангелина Поповска, советник-конзерватор

Иконите не можам да ги заштитам единствено од човекот, вели д-р Ангелина Поповска, советник-конзерватор

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 90-тите години сè уште владееше ентузијазмот спомениците да се заштитат и да се води тековна грижа и мониторинг врз нив. Стручњаците дебатираа, се расправаа, но сѐ во контекст на заштитата, што несомнено во нас, помладите соработници, се вплоти како идна цел


Најкарактеристично оштетување на иконите е црвојадината. Друг „напаѓач“ е самиот човек, неговата игноранција или суета. Од тоа ниту конзерваторот не може да ја заштити иконата, вели д-р Ангелина Поповска, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар во Скопје. Таа неодамна ја промовира книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“, ретко дело од полето на оваа дејност во Република Македонија.


Д-р Ангелина Поповска на промоцијата на книгата во Музејот на македонската борба

Родена е во Романија, дипломирала во Соединетите Американски Држави, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Магистрирала на Факултетот за применети уметности во Белград, а докторирала на скопскиот Институт за национална историја... На три страници е испишано сивито на Поповска. Веќе 25 години работи во највисоката институција за заштита на културното наследство во земјава, во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Низ нејзините раце поминале многубројни предмети што се дел од нашето непроценливо културно наследство.

Неодамна ја промовиравте книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“. Во Македонија нема многу изданија посветени на конзервацијата. Како се роди идејата да ја напишете книгата?

- Основата на книгата е мојот докторски труд, кој обработува хронолошки конзерваторски постапки во континуиран развој од 70 години македонска конзерваторска практика, преку призмата на Охридската збирка икони, како најтретирана иконописна збирка кај нас. Зачетоците на конзервацијата на икони започнува со охридските икони во 50-тите години и публикуваните книги на конзерваторот Здраво Блажиќ. Но, тоа не значи дека конзерваторите во Република Македонија не пишувале, туку не публикувале. Сведоштвата за конзерваторско-реставраторските постапки се достапни во огромната архивска граѓа во ИНДОК-документацискиот центар во Националниот конзерваторски центар во Скопје и во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Охрид. Токму за овие икони! Идејата се роди кога детектирав голем број аномалии, споредено со европските и светски стандарди за чување, грижа и конзервација на дела од исклучително значење. Истовремено сакав да им оддадам почит на сите генерации, постари и помлади конзерватори во Македонија.

Процес на конзервација на икони   Фото: Национален конзерваторски центар

Со книгата одбележувате 25 години работа во оваа професија? Што Ве предизвика да се занимавате со конзервација?

- Уште кога бев дете, моите родители нашите излети ги организираа по убавите места каде што се наоѓаат нашите манастири, цркви, археолошки локалитети... Охридскиот иконопис најнапред ме зачудувал како сликарска традиција на оваа територија, за понатаму мошне случајно да се инволвирам во теренските активности на тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата во Скопје. За моја среќа, затекнав еминентни стручњаци кои безусловно го предаваа своето знаење и вештина за конзерваторските зафати. Во тоа време, во 90-тите сè уште владееше ентузијазмот спомениците да се заштитат и да се води тековна грижа и мониторинг врз нив. Стручњаците дебатираа, се расправаа, но сѐ во контекст на заштитата, што несомнено во нас, помладите соработници, се вплоти како идна цел.

Фото: Национален конзерваторски центар

Охридската збирка на икони е една од најзначајните и највредните во Македонија. Опишете ни го чувството кога работите на презервација на еден ваков експонат, единствен примерок? Има ли простор за грешка?

- Сликаријата на охридските иконописи сите нè остава без здив бидејќи е светски позната збирка. Од друга страна, мултидисциплинарните истражувања откриваат извонредна сликарска технологија и ексклузивен материјален состав во изработката на сите системски слоеви. Ако ја споредиме конзервацијата со медицината, би требало да кажеме дека кон сите икони и нивните затекнати оштетувања мораме да пријдеме најпрофесионално и без предрасуди. Без разлика на нивниот ранг, затоа што ние го носиме кодексот на заштитари, негувачи на нашето културно богатство. Јавноста го има насочено својот фокус кон охридските икони, сепак, маргинализирајќи го конзерваторскиот удел. Денес, институционалната заштита е доведена до ниво на амбулантна кола, а нашите убавици - охридските икони заслужуваат клиничка дијагноза за нивната реална состојба и опсежни конзерваторски истражувања неопходни за идните внимателно одбрани конзерваторски одлуки. Конзервацијата е повторлив процес и изискува секојпат влез за повторен приод кон оригинално ткиво, како и приод кон кондицијата на конзерваторскиот удел, што исто така е подложен на стареење и деградација. Степенот на ваквата интеракција и синергија помеѓу оригиналот ревитализиран од процентот на конзерваторски материјал ја оддава и реалната состојба на овие икони... а добрата дијагноза анулира грешки.

Пред и по конзервација   Фото: Национален конзерваторски центар

Која била најтешката задача со која сте се соочиле? Која икона (од кој период и која збирка) и што требаше да преземете?

- Погрешно е мислењето дека колку е постара иконата, толку е потешка конзервацијата. Напротив, постарите икони содржат подобра, традиционална технологија која полесно ја третираме. Додека иконите од понов период, особено оние од почетокот на 20 век, каде што евидентираме еклектичен сликарски материјал, претставуваат сериозен проблем во предлогот за конзервација на делото. И додека третирате еден системски слој, другиот може да претрпи ризик. Затоа се потребни голема вештина, внимание, знаење и искуство во текот на спроведувањето на конзерваторскиот третман. Искрено, не можам да издвојам некоја икона или групација на икони од иста сликарска школа затоа што во својот работен стаж секогаш ги сакав предизвиците. Многу од нив биле во алармантно девастирана состојба и изискувале посложени процеси за нивен спас. Но, можам да посочам кон исклучително непроодните патишта за транспорт на иконите од планинските цркви до лабораторијата за икони.

Црвојадина - најчесто оштетување на дрвото   Фото: Национален конзерваторски центар

Иконите најчесто се изработени на дрво – материјал кој е подложен на многу оштетувања. Што најмногу ги напаѓа иконите и која е улогата на конзерваторот за да ги заштити?

- Првично, оштетувањата на дрвениот носач претставуваат извор за сите последователни оштетувања. Тие резултираат како оштетувања на сликарските слоеви, како платното, подлогата и боените слоеви, а најкарактеристично оштетување е црвојадината настаната од аnobium punctatum (инсект н.з.). Во ваков случај се налага уништување и дезинфекција на дрвото, за понатаму, под стерилни услови да се реализираат и останатите конзерваторско-реставраторски третмани врз другите видови оштетувања. Друг „напаѓач“ е самиот човек, неговата игноранција или суета, а од тоа не може ниту конзерваторот да ја заштити иконата.

Работна атмосфера на конзерваторите   Фото: Национален конзерваторски центар

Со години во јавноста се зборува дека има недостиг на конзерватори во Македонија. Каква е реално состојбата со овој кадар во институциите за заштита на културното наследство?

- Во Македонија има многу споменици на културата и повеќе од 30.000 регистрирани и евидентирани икони. Во институционалната заштита сè уште постои дефицит од овој вид стручен кадар, а ситуацијата воопшто не е променета ниту со нашето осамостојување како држава. На ФЛУ постои насока конзервација во која се произведуваат овие кадри, но тие никако да бидат вработени во соодветни институции каде што ќе продолжат практично да се занимаваат со оваа дисциплина.

Откако ќе ја заштитат иконата   Фото: Национален конзерваторски центар


Иконите се нашите ексклузивни експонати кои одвреме-навреме патуваат на големи, светски изложби. Во каква кондиција се нашите ремек-дела? Можат ли да го издржат транспортот?

- Современите транспорти, амбалажи, обезбедувања при транспортот, микроклиматските услови... не секогаш биле на завидно ниво при изложувањето на групи охридски икони во странство. Но! Прашањето е дали овие дела воопшто треба да се изнесуваат?! Или ние треба да направиме странската публика да се навикне да ги гледа кај нас, во домашни подобрени услови?! Неколкупати постоеше апел од страна на стручни лица за неизнесување на охридските икони што не беа во добра кондиција. Сепак, политичко-општествениот фактор се истакна како пресуден модел за афирмацијата на нашето културно богатство и игнорирање на стручното мислење.