Студентите од Филмската академија од Охрид да се префрлат на ФДУ, предлог на МОН

Студентите од Филмската академија од Охрид да се префрлат на ФДУ, предлог на МОН

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Целосната слика за работата на Филмската академија во Охрид ќе ја имаме само доколку се ангажира независна ревизорска куќа која ќе изврши ревизија на досегашното и сегашното работење на оваа институција, вели заменик-министерот Петар Атанасов

Домашните и странските студенти запишани на Филмската академија во Охрид го напуштија градот. Откако не ја ни започнаа новата академска година, поради нерегуларности во работата, сè уште не е надминат проблемот со најмладата филмска образовна институција во земјава.



Да се префрлат студентите од оваа академија на Факултетот за драмски уметности – ова е предлог на Министерството за образование и наука до Владата. Со ова треба да се реши проблемот, ни објасни заменик-министерот Петар Атанасов.
- МОН формира работна група која има изготвено и извештај и предлог-мерки. Ѝ предложивме на Владата да донесе решение за префрлување на студентите кои треба да ги продолжат или да ги довршат студиите од јавната научна установа Институт за филм – Филмска академија во Охрид на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Со ова треба да се реши проблемот со студентите.

Во рамките на одобрениот буџет, МОН треба да ги обезбеди потребните финансиски средства за реализација на програмата, односно за заокружување на започнатите студии на студентите што веќе биле запишани и студираа на студиските програми на Филмска академија во Охрид, на Факултетот за драмски уметности во Скопје - појаснува Атанасов.

Во изминатите години на овие студии се запишале 20-ина домашни и странски студенти кои истовремено биле корисници на владина стипендија. Од МОН, исто така, предлагаат Владата да именува привремен вршител на директор на Институтот за филм.
- Со цел да се утврди целосниот статус за Институтот и да се преземат трајни решенија, ќе бараме Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во работата на Филмската академија во Охрид. Но, целосната слика ќе ја имаме само доколку се ангажира независна ревизорска куќа која ќе изврши ревизија на досегашното и сегашното работење на оваа институција. Со ова ќе започне да се разрешува голготата на студентите од еден проект на минатата влада, кој од самиот почеток беше поставен на погрешна основа и не успеваше да ги задоволи или исполни бараните законски стандарди - смета Атанасов.


Петар Атанасов, заменик-министер за образование

Во ноември минатата година група студенти упатија писмо до јавноста во кое се пожалија дека и по повеќе од еден месец сѐ уште немале настава. Меѓу нив има и многу студенти од странство, од САД, Мексико, Либан, Индија, чии визи полека истекуваат и не знаат што да прават.

Филмската академија од Охрид почна да работи во ноември 2015 година во соработка со Филмската академија од Прага (ФАМУ). Професори од оваа славна филмска школа беа дел од предавачите на академијата.