Средношколци ни сосила нема да станат во недела наутро за да чистат, ако не сакаат
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Да ги оттргнам од телефоните, да го научат значењето на општествено-корисната работа, да се дружат меѓу себе, да бидат добри примери за другите, да научат да не очекуваат да добијат нешто за возврат ако направиле добро дело - ова се дел од лекциите што сакам средношколците да ги научат, вели професорката Марија-Магдалена Петковска-Микаровска од Битола
Насмеани лица по добро завршена работа
Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, професорка по англиски јазик во Средното медицинско училиште „Јован Калаузи“ од Битола, измотивира 18 ученици од својот клас II6 да излезат и да чистат во неделата наутро во запуштениот двор на Домот за доенчиња. Наставничката, која предава англиски јазик дузина години, го прифатила предизвикот на географското здружение „Геосфера“ од Битола и на Сојузот на жени од Битола за чистење со цел да се промени грдата слика од тој објект.
Петковска-Микаровска објаснува дека воопшто не било проблем да ги убеди учениците од втор клас да ѝ се приклучат на акцијата.
- Зарем мислите дека младинци на 16-17 години ќе станат во 9 наутро во недела доколку треба нешто да направат сосила? Нема шанса. На мојот предлог да чистиме заедно со географското здружение „Геосфера“ и со Сојузот на жени на Битола изреагираа срдечно и го прифатија предизвикот. Веќе некое време планиравме таква акција, но немавме опрема, ракавици, вреќи и сега кога се укажа оваа можност, веднаш ја прифативме. Јас ги учам децата дека ѓубрето е рефлексија на општеството. Ако го игнорираме, ние сме поголемо ѓубре од ѓубрето - вели наставничката.
Марија-Магдалена Петковска-Микаровска
Таа вели дека ова е само почеток и нема тука да застанат. Си зацртала неколку точки што сака да ги постигне кај децата.
- Да ги оттргнам од телефоните оти им ги опседнуваат животите. Да го научат значењето на општествено-корисната работа. Да се дружат меѓу себе. Да бидат добри примери за другите. Да ги мотивираат и другите. Да се научат да не очекуваат да добијат нешто за возврат ако направиле добро дело. Баш во неделата еден ученик ме праша: „Добро, ние сега излеговме 20-мина, но дали ќе успееме да ја покренеме свеста кај народот?“ Секој еден освестен е придобивка и тоа е процес - објаснува Марија-Магдалена.
Таа објаснува дека постојано работи на еколошката свест кај учениците.
- На моите ученици не им е тешко да си ја исчистат својата училница, да земат и метла. Постојано им кажувам дека школото има 1.000 ученици, 100-ина наставници, а тројца служители. И сите треба да се трудиме да ја чуваме околината. Тие никогаш не коментираат од типот: „Да бе, ние не сме комунално претпријатие, па да чистиме“ - споделува класната раководителка.
Во акцијата таа ги вклучила и своите две деца, Хелена (9) и Макс (5).
- Се надевам дека ќе ги измотивирам и другите мои колеги од Битола, но и сите наставници во земјава да им бидат пример на своите ученици. Оти ние сме многу важни во развојот на децата и треба со добар пример да ги учиме. Состојбата со ѓубрето во земјава е алармантна. Мора да сфатиме дека овде не станува збор за политичка партија, ова никој не го прави заради пари. Ја поздравувам иницијативата на актерката Ирена Ристиќ, која позитивно влијае врз многу луѓе. Секој треба да даде свој придонес за да се реши овој проблем - вели Петковска-Микаровска, која додава дека имала можност да живее во Англија, во САД и вели дека сака позитивните примери на добар однос кон околината и екологијата оттаму да ги пренесе и во својата земја.
Фото: Ивана Кочов