Во „Орце“ не се отвора дополнителна паралека - 276 ученици со просек 5.00 во петок полагаат квалификациони тестови

Во „Орце“ не се отвора дополнителна паралека - 276 ученици со просек 5.00 во петок полагаат квалификациони тестови

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Проблемот се случи кога за 285 слободни места стигнале 311 пријави на ученици со просек 5.00

Во скопската гимназија „Орце Николов“ пристигнало официјално известување од Министерството за образование и наука дека нема да се формира дополнителна десетта паралелка во прва година во учебната 2019/2020 година. Сите пријавени ученици со просек 5.00 во петок (21 јуни) ќе полагаат квалификациони испити по предметите македонски јазик и математика, изјави за Факултети.мк Митко Димовски, директор на средното училиште.

- Емпатичен сум, но мора да се водам според тоа што го налагаат прописите. Испративме барање до МОН да се формира дополнителна паралелка за сите пријавени ученици со просек 5.00. Стигна официјално соопштетние дека барањето е одбиено. Дефинитивно ќе се полагаат квалификакциони тестови – рече Димовски.

Според пропозициите скопската гимназија годинава има место за 285 ученици кои ќе бидат распореднеи во 9 паралелки. Проблемот се случи кога за овие места стигнале 311 пријави на ученици со просек 5.00.

- На прелиминарната листа пишува. Во оваа фаза примени се само 35 ученици кои доставија дипломи за награди и признанија од учества на домашни и меѓународни натпревари. Со тоа веќе имаат повеќе бодови. Само тие нема да ги полагаат тестовите. Сите други ќе се борат за останатите 250 места – вели Димовски.



Сè уште не одредено во колку часот во петок почнува тестирањето. Извесно е дека претставници од Бирото за развој на образованието и од МОН веќе работат на подготовка на тестовите. По завршувањето на тестирањето во петок, комисиите ќе мора да ги прегледаат тестовите во најкраток рок. Конечната листа мора да биде истакната во текот на денот.

Според Димовски, вчера имало стотина дополнителни пријави. Но, кога веќе станало очигледно дека во редовната квота нема да влезат учениците со сите петки, родителите веднаш ги повлекле пријавите со по една или неколку четворки.
Сепак, според моментната состојба, 26 ученика со просек 5.00 кои ќе бидат последни на листата од квалификационите тестови ќе мора да бидат одбиени. Димовски вели:

- Надлежните мора сериозно да му пристапат на проблемот. Догодина веќе ќе имаме генерација без екстерно тестирање, значи напливот на кандидати ќе биде уште поголем – вели тој.