Дисциплинската комисија предложи казна за инспекторот Илиевски! Денеска е закопана правната држава, вели тој
Новинарите не можеа да ја следат седницата на која се одлучуваше за дисциплинската постапка за Илиевски. Претседателката на комисијата, Валерија Анастасова, на новинарите им кажа дека не се најавиле. Обезбедувањето на новинарите не им дозволи да бидат присутни ниту во холот во зградата во која се наоѓа инспекторатот, па тие одлуката ја дочекаа на влезот, по четири часа
Предлог за дисциплинска мерка за просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски донесе денеска дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Одлуката ја донесоа по речиси четиричасовна расправа на која не присуствуваа новинарите бидејќи не им беше дозволено.
За седум дена ќе се знае казната за Илиевски
Портпаролот на ДПИ, Јане Николовски, изјави дека директорот Томе Спировски во рок од седум дена ќе одлучи дали и како ќе го казни инспекторот Илиевски. Тој образложи дека комисијата утврдила дека е сторен прекршок и дека затоа предлага дисциплинска мерка за инспекторот, но не кажа за каков прекршок станува збор.
- По изведување на доказите донесена е одлука со предлог за изрекување дисциплинска мерка против административниот службеник. Во законски утврдениот рок, раководното лице на институцијата треба да постапи по истата, во зависност од тоа како ќе одлучи, може истата да ја прифати или да постапи различно со тоа што ќе треба да даде образложение за тоа. Постапката против инспекторот Илиевски се водеше според Законот за административни службеници, односно согласно подзаконскиот акт кој произлегува од истиот, Правилникот за водење на дисциплинска постапка и образецот за тајно гласање – изјави Николовски.
Инспекторот Илиевски од новинарите дозна дека има предлог за дисциплинска мерка против него, иако одлуката ја чекаше во просториите откако заврши состанокот.
- Денеска е закопана правната држава во Македонија. Ваков чин на една дисциплинска постапка каде што не се дозволи да влезат медиумите, тоа е незамисливо. Сакав јавно да проговориме за државните функционери, да им дадеме порака и на сите други, како што јас се охрабрив и јавно кажав за незаконитостите што се случуваа со функционерите кои незаконски се унапредувале, незаконски добивале парични средства – рече Илиевски.
Инаку, второстепената комисија за инспекциски надзор пред неколку дена донела одлука со која ги укинува решенијата на инспекторот Илиевски, односно постапила позитивно по жалбата на тетовскиот универзитет. Инспекторот прашува зошто до него не стигнало тоа решение, зошто не бил известен дека е поднесена жалба по неговите решенија и како тетовскиот универзитет поднел жалби кога официјално не ги примал неговите решенија во кои утврдува незаконитости.
- Како е донесена оваа одлука, моите решенија не се примени од тетовски универзитет. А и да имало жалба, јас треба да дадам одговор по таа жалба. Ова е скандалозно нешто, невиден криминал – изјави Илиевски.
Мојот грев е што зборував со медиумите
Видно емотивен, Илиевски пред новинарите изјави дека негов најголем грев е што за незаконитостите проговорил јавно пред медиуми.
- Велат дека мојот најголем грев е што сум се јавувал кај вас, што сум ја кажувал вистината јавно, што сум ги известил Антикорупциска, Јавното обвинителство, што сум поднел кривични пријави и што сум имал средби со амбасади. Ако јас затајам нешто, тоа е кривично дело, и тоа нема да го видат од мене. Јас ќе продолжам со информирање на јавноста за правичноста. И мислам дека ќе победам. Каква дозвола јас да барам од директорот за давање изјави, да објавам незаконитост, кога тој ми вели ова да го сокриеш – изјави Илиевски.
Тој в понеделник има т.н. израмнување, по што вели дека ќе поднесе прекршочна и кривична пријава за одговорните лица од тетовскиот универзитет согласно Законот за инспекциски надзор.
- Не може да ме скршат. Очекувам отказ. Јас за шест месеци ќе одам во пензија и ќе добијам отказ. Ова ќе биде добро за историјата – рече тој.
Новинарите избркани од зградата
Инаку, новинарите не можеа да ја следат седницата на која се одлучуваше за дисциплинската постапка за Илиевски. Претседателката на комисијата, Валерија Анастасова, на новинарите им кажа дека не се најавиле и дека не може да ја следат постапката. Обезбедувањето на новинарите не им дозволи да бидат присутни ниту во холот во зградата во која се наоѓа инспекторатот, па тие одлуката ја дочекаа на влезот, по четири часа.
Портпаролот на ДПИ, Николовски, подоцна оваа одлука ја правдаше со немањето просторни капацитети, а на новинарско прашање врз основа на кој Закон или Правилник не им се дозволи на новинарите присуство на седницата тој рече:
- Постапката ја води претседателот на комисијата согласно Правилникот за водење постапка за дисциплински престап. Таму пишува дека присуствуваат претседателот на комисијата, членовите и лицето по кое се води постапката – рече тој.
И Здружението на новинарите на Македонија остро го осуди односот на вработените во Министерството за образование и наука и членовите на дисциплинската комисија кон новинарите што сакаа да ја следат денешната седница.
- Присуството на новинарите и на јавноста на седници од овој тип е од исклучителна важност за обезбедување фер и правична постапка, особено кога се работи за предмет кој е од интерес за пошироката јавност – изјавија од ЗНМ.
На средбата присуствуваа претставник од канцеларијата на Народниот правобранител и член на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тие го најавиле своето присуство, па затоа им било дозволено, рече портпаролот Николовски.
Инспекторот Илиевски тврди дека на состанокот незаконски присуствувал и адвокат ангажиран од Државниот просветен инспекторат и дека за истото имало реакција од претставникот на Народниот правобранител. Тој најави дека за целата дисциплинска постапка ќе води и судска битка.
Причините за покренувањето на дисциплинската постапка против Илиевски беа нецелосно утврдена фактичка состојба при извршен инспекциски надзор во Универзитетот во Тетово, неовластено давање информации во јавноста од негова страна со изнесување состојби во однос на инспекциски постапки вршени од страна на ДПИ кои се во тек, односно немаат правосилност и конечност, прекршување на наредбата од директорот на ДПИ, која гласи: „Секоја информација што се однесува на работењето на ДПИ, а во врска со извршените инспекциски надзори, да не се изнесува надвор од институцијата без претходно добиена согласност од директорот на ДПИ“.