Како со театар, филм и креативност се победува дискриминацијата, раскажува Мухамед Ајваз од ХЕРА
Подготвил:
Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кај дел од присутните претставите предизвикуваа смеење, а на моменти предизвикуваа и бес, особено поради тоа што голем дел од здравствените работници и пациентите Роми се пронаоѓаа во некои од улогите, раскажува Ајваз
На дискриминацијата се одговара со повторна дискриминација, погрден речник или говор на омраза - имаме цела низа вакви примери во нашето опкружување. Но, како вистински да се победат стереотипите, да се развие свеста и емпатијата, очигледно огромен дел од нас треба да научат. Особено кога тоа се прави на креативен и интересен начин.
Мухамед Ајваз е проектен координатор во ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а инаку е дипломиран психолог и студент на постдипломски студии на програмата за политички науки и човекови права. Ни кажа неколку идеи за тоа како чекор по чекор се решава дискриминацијата и се развива свеста, а сите учиме како полесно да се прифатиме меѓу себе.
- На позицијата координатор на проектот „Промена на негативниот наратив кон Ромите во здравствените установи“ стапив во септември 2018 година. На почеток беше предизвик да се работи со здравствени работници бидејќи тие се исклучително важни за нашето општество и се претставници на најодговорната професија од која секојдневно зависат стотици животи. Истовремено, како активист имав обврска барем да се обидам да придонесам за унапредување на пристапот кон Ромите во здравствениот систем.
Како го решивте овој предизвик?
-Проектот „Промена на негативниот наратив кон Ромите во здравствените установи“ претставува мост помеѓу пациентите Роми и здравствените работници, помеѓу кои де факто постои бариера која е предизвикана од административните лавиринти, површната комуникација, предрасудите и стереотипите кон двете страни.
Овој проект треба да ги приближи пациентите Роми и здравствените работници ставајќи ги во различен контекст од вообичаениот. Така, ординациите и чекалниците ги заменивме со театарски и филмски сали. Долгите чекања, стресните ситуации и навреди ги заменивме со заеднички филмски вечери, креативни работилници и форум-театарски претстави. Би ги издвоил форум-театарските претстави во кои здравствените работници можат да бидат во улога на пациенти. Така се обидувавме да ја зголемиме емпатијата кај нив бидејќи можеа од поинаква перспектива да ја гледаат нивната секојдневна реалност.
Какви реакции предизвикуваа претставите?
- Кај дел од присутните претставите предизвикуваа смеење, а на моменти предизвикуваа и бес, особено поради тоа што голем дел од здравствените работници и пациентите Роми се пронаоѓаа во некои од улогите.
Организиравте и работилници за раскажување приказни и креативна работа...
- На работилниците за раскажување приказни и креативна работа здравствените работници дознаа низ што сè поминуваат младите Роми додека да го завршат своето образование и да се изборат за своето место на пазарот на трудот. Дискриминацијата, предрасудите, одбивноста од несензитивен наставнички кадар, изолацијата, нетрпеливоста и нетолеранцијата од соучениците беа само дел од негативните причини што некои од младите Роми ги направија посилни, но некои од нив ги натераа да се откажат. Од друга страна, здравствените работници споделија искуства за многуте неспиени долги ноќи, тешките подготовки на испитите и силната конкуренција, лошите услови за работа, секојдневната работа со различни профили на луѓе и влијанието врз нивниот живот и надвор од работата. Овие приказни беа раскажувани со солзи, предизвикувајќи емотивна катарза за здравствените работници и младите Роми, а тоа беше причината поради која се оствари квалитетна врска и се создаде доверба помеѓу нив.
Зошто е добар креативниот пристап за да се надмине негативната енергија што владее?
- Сметаме дека со креативни алатки можат да се одмрзнат долгогодишните негативни наративи кон ромската заедница, недовербата на пациентите во здравствените работници и целата негативна енергија што владее. Преку заедничко поминато време, дискусија за проблемите и потребите, сметаме дека може да се врати довербата и почитта меѓу здравствените работници и пациентите.