Полесно работење, побезбедни деца, комуникација со драги луѓе... Што покажа анкетата за позитивни искуства од комуникациската технологија

Полесно работење, побезбедни деца, комуникација со драги луѓе... Што покажа анкетата за позитивни искуства од комуникациската технологија

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Сведоци на невидена еволуција, сè оди брзо, напред и нема веќе враќање назад“

Комуникациската технологија прави големи промени во животот на луѓето. Ако се употребува наместо да се злоупотребува, може да придонесе за личниот развој, кариерата, олеснување на бизнисот, подобрување на квалитетот на животот, на здравјето, безбедноста на најмилите...
На анкетата „Ги бараме позитивните искуства од комуникациската технологија“ на Факултети.мк добивме 514 одговори, најмногу од млади читатели. Имено, 37,5 отсто од одговорите ги дале лица од 18 до 25 години, а 25 отсто од 25 до 35 години. Сепак, комуникациската технологија не е непозната за голем дел од повозрасните, па добивме одговори и од нив.



Мили луѓе, бизнис, безбедност, деца...

Полесно работење, брза комуникација и приватна и професионална, олеснување на тековните секојдневни активности, повеќе информации за работа се само дел од одговорите на прашањето: „Како комуникациската технологија Ви го олесни или подобри животот?“

Еве дел од коментарите на нашите читатели:

- Имам блиски што се иселија и сега сум во постојан контакт со нив. Замислете да треба да чекате писмо во сандаче. Плус, пред крај на работно време, уште од работа си ја вклучувам климата дома за да ми се стопли или да ми се излади.

- Побрзо завршувам значајни работи. Работата ми е врзана со комуникација, па сè е полесно.

- Особено сум благодарна затоа што ми овозможи да останам во контакт со мили луѓе со кои инаку не би можела поради големо растојание.

- Си ги подобрив социјалните вештини. Комуникациската технологија влијае врз информираноста, а и врз општествената одговорност.

- Дознав за помагало кое ми го олесни животот со здравствен проблем.

- Купувам онлајн, а брзо се информирам.

- Онлајн следам многу корисни, едукативни курсеви.

- Ми помага да се снајдам во непознат простор (мапи во странство), да комуницирам со луѓе кои физички не се до мене, а за кои би било прескапо телефонски да ги побарам (Скајп, Фејсбук, Вајбер... ). Материјалите што некогаш се праќаа по пошта сега ги доставувам на е-адреса.

- Имам предлог-решение за секој практичен проблем. А физичката оддалеченост не е причина за ретко гледање.

- Побрз и поквалитетен пристап до податоци при студирање, истражување, комуникација со блиски, сопствен развој, ширење на професионална и лична мрежа и овозможување нов начин на заработка.

- Откако останав без работа, на интернет си најдов за две недели. Тоа не е долго време за кај нас, нели?

- Имам двајца тинејџери дома. Но и програма на нивните мобилни со која следам каде се, кога сметам дека треба.

- Проверувам што отвора на интернет ќерка ми. Има 10 години и, нормално, не знае за тоа. Не дека не ѝ верувам, ама што си е сигурно сигурно си е.



Интервентна помош, подобар живот

Брзината на пренос на информацијата и достапноста за сите групи на населението се едни од почестите одговори за најдобрите страни на комуникациската технологија.
Ова се дел од коментарите на нашите читатели:
- Освен што нè прави толку мали и ситни на глобално ниво, на микро и локален план е добро што сме онлајн-поврзани, целото семејство!

- Информирање за евентуални природни несреќи, совети за подобар живот.

- Едукација и комуникација.

- Брзината и лесен пристап.

- Брза и навремена информација и секојдневна комуникација.



Неодамна професорот по психологија Огнен Спасовски од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје истакна дека сме сведоци на невидена еволуција, на прогрес незабележан во досегашната историја. Сè оди брзо, напред и нема веќе враќање назад.
- Фрижидер што самиот нарачува храна од маркет, ветерници што сами „одлучуваат“ кога да работат, електрични автомобили што сами дијагностицираат дефект и се јавуваат на сервис. Комуникациската технологија овозможи нови начини на истражувања, нови научни сознанија за тоа како функционира мозокот, огромен бран научни сознанија со кои дознавме многу за нашето функционирање, сознанија чија цел е да ја унапредат добросостојбата на луѓето. Комуникациската технологија има и силна социјална компонента, и влијае врз развојот на личноста, го менува животот - рече професорот.