Откажани тестирањата во „Орце“ и во медицинските во Скопје и Струмица. МОН попушти под притисокот на родителите
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Сите ученици со просек 5.00 ќе бидат примени во скопската гимназија „Орце Николов“ без да полагаат квалификациони тестови. Според последните неофицијални информации истото важи и за училиштата во „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје и „Димитар Влахов“ во Струмица, на насоките за медицински сестри на македонски наставен јазик. Револтираните родители утрово се сретнале со министерот за образование и наука Арбер Адеми во Министерството за образование и наука. Тој им кажал дека повлечена е одлуката на МОН да се задржат првичните квоти и сите ученици со просек 5.00 да полагаат квалификациони испити, освен тие што имаат дипломи од државни и меѓународни натпревари.
Директорот на гимназијата „Орце Николов“ Митко Димовски ни ја потврди информацијата дека нема да се полагаат тестови.
- Остануваат 9 класови, нема да се отвара нова паралелка. Сите ученици ќе бидат распределени во веќе планираните паралелки. Станува збор за 311 ученици, сите со просек 5.00 - ни изјави Димовски.
Вчера во училиштата пристигна официјално известување од МОН дека нема да се формираат дополнителни паралелки за учебната 2019/2020 година, а сите пријавени ученици со ист број бодови ќе полагаат квалификациони испити. Во „Орце Николов“ годинава има место за 285 ученици кои ќе бидат распоредени во 9 паралелки. Проблемот се случи кога за овие места стигнале 311 пријави на ученици со просек 5.00.