Чоколаден Периоден систем на елементите. Хемичарките од Македонија се приклучија на светскиот тренд

Чоколаден Периоден систем на елементите. Хемичарките од Македонија се приклучија на светскиот тренд

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2018 година на Институтот за хемија при УКИМ на втор циклус студии се запишале 100 отсто студентки. На трет циклус студии за хемија се запишани вкупно 78 отсто студентки и 22 отсто студенти

Студентите се носечка сила во општеството, а статистиките покажуваат дека студентките се позастапени. Сепак, мажите се поставени на попрофитабилни позиции во општеството. Мајчинство, обврски во домот и на работа, научни истражувања кои се слабо поддржани од државата... Кои се предизвиците со кои се соочуваат хемичарките денес?


Слаткиот Периоден систем на елементите

Околу 40 жени хемичари и технолози од повеќе факултети, институти, средни и основни училишта, јавни и приватни компании дебатираа на овие прашања на Глобалниот женски појадок под наслов Empowering Women in Chemistry: A Global Networking Event што се одржа во Скопје. На иницијатива на IUPAC (International Union of Pure and Applied Chemistry), по повод 100 години од постоењето на оваа организација и 150 години од формирањето на таблицата на Периодниот систем, појадокот во Скопје го организира Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ).

Координатори беа доц. д-р Јасмина Петреска-Станоева и проф. д-р Марина Стојановска, а на гостите им се обрати и раководителката на Институтот за хемија, проф. д-р Марина Стефова. Сите дискутираа за интересот на учениците за природните науки, на младите да се занимаваат со наука, како влијание семејниот живот врз кариерата на жената, колку се рамноправни жените и мажите кога станува збор за науката и за раководните функции.

Интересни статистики

Учесничките развија интересни дискусии. Повеќето од нив ја потенцираат жртвата што ја прави жената за работата. Така, неретко жените се принудени да се вратат на работа и пред истекот на породилното отсуство бидејќи не може да се најде замена за нивните предавања на факултетот. Еден од факторите што влијаат врз развојот на кариерата на жените е мајчинството, вели проф. Стојановска. Во најголем број случаи жената е таа што е отсутна од работа заради грижата за семејството, а тоа оневозможува патувања за стручно усовршување и други работни обврски.
- Сепак, постојат други фактори што го отежнуваат вистинскиот напредок на науката и научноистражувачката дејност. Државата издвојува малку средства за развој на науката, недостигаат проекти и финансиски средства за учество на меѓународни конференции кои се неопходен дел од нашиот професионален развој, што е и предуслов за напредување во кариерата - вели таа.

Координаторките доц. д-р Јасмина Петреска-Станоева и проф. д-р Марина Стојановска

Според неа, денес во Македонија сè повеќе жени напредуваат во кариерата и се посветуваат на научноистражувачката работа. Жената може истовремено да биде успешна и на приватен и на професионален план.
- Јас, од моето досегашно професионално искуство, не сум почувствувала дискриминација, освен отсуството од работа поради мајчинство, кое неминовно влијае врз работните активности, особено доколку тие се поврзани со патувања. Но, сепак, мајчинството носи многу позитивни искуства и тој период во животот на жената не може да се замени со ниту едно истражување - категорична е Стојановска.

Таа ги потврдува статистиките дека во високото образование и науката поголем е процентот на жени - појава која не се случува само во Македонија, туку во целиот свет. На Природно-математичкиот факултет бројот на студентки запишани на прв циклус на студии во 2018 година е значително повисок од бројот на студенти.

Учесничките на Глобалниот женски појадок

- На студиите по хемија има 80 отсто студентки, а на двопредметните студии по биологија-хемија има исклучиво студентки. Слична е ситуацијата и на студиите за биологија, математика, математика-информатика и математика-физика. Бројот на студентки на студии по физика и по етнологија и антропологија се движи од 60 до 65 отсто. Незначително повеќе студенти има на студии по географија (52 %), а единствен исклучок се студиите по информатика и информатички технологии каде што има само 36 отсто студентки. Да сумирам, распределбата на машки и женски студенти на нашиот факултет е во корист на жените, и тоа 69 наспроти 31 отсто. Интересен е податокот дека во 2018 година на Институтот за хемија на втор циклус студии се запишале 100 отсто студентки. На трет циклус студии за хемија се запишани вкупно 78 отсто студентки и 22 отсто студенти - вели Стојановска.

Загадувањето и квалитетот на храната - големи предизвици

И Даниела Радевска, наставничка по хемија во скопското Основно училиште „Лазо Трповски“, е децидна дека студентите се носечка сила во општеството, а статистиките покажуваат дека студентките се позастапени.
- Сепак, иако тие ги носат одлуките и ги прават првичните чекори во научните истражувања, мажите се поставени на попрофитабилни позиции во општеството. Тоа говори дека жените не се сосема рамноправни со мажите кога станува збор за раководните функции - вели Радевска.
Според координаторката Петреска-Станоева, кога се зборува за хемијата како наука, треба да се има на ум дека таа е многу широка област и поради тоа хемичарите секојдневно се сочуваат со различни предизвици.
- Ние како жени хемичари треба да се стремиме да ги развиваме оние гранки на хемијата што ќе придонесат за подобрување и олеснување на животот. Еден од најголемите предизвици денес, за кој ние како хемичари би требало да имаме голем придонес, е проблемот со загадувањето, кој би требало да води кон хемиска анализа на составот на постојано споменуваните PM2,5 и PM10 честички - вели таа.

Сите се потпишаа на постерот со најпознатите жени-научници

Според Петреска-Станоева, втор важен предизвик е процена на квалитетот на храната што ја консумираме од аспект на застапеност на одредени нутритиенти, но и евентуално присуство на пестициди или тешки метали.
- Секако дека голем дел од нас работат и на развивање различни видови материјали кои ќе најдат примена во индустриски цели. Тука не треба да се заборават и предизвиците со кои се соочуваат наставниците - да им вродат љубов и да им дадат доволно знаење на учениците за хемијата. Постојат уште голем број предизвици во хемијата, меѓутоа, голем дел од нив не може да се реализираат поради лимитираноста од финансиска поддршка - вели таа.

За учесничките на појадокот, организаторките подготвија благо изненадување - чоколаден Периоден систем во кој нема отровни елементи и сите се јадат. Учесничките се потпишаа на постерот со неколку најпознати жени-научници.
- Ова беше едно прекрасно искуство за сите нас и затоа изразуваме благодарност до сите што присуствуваа на овој настан - велат организаторките.

Разменување искуства

СХТМ годинава ќе организира повеќе настани за одбележување на Меѓународната година на Периодниот систем. Идејата на IUPAC за организирање женски појадок беше да се соберат жени, хемичари и технолози вработени во различни организации за да ги споделат различните искуства во кариерата, да разгледаат можности за идни соработки. За овој глобален настан се организираа 150 индивидуални појадоци, во 44 различни земји од светот, меѓу кои и Хрватска, Србија, Бугарија, Грција.