Уште како дете многу се интересирал за математиката и природните науки. Едноставно, уживал во решавањето математички задачи. Интересот кон информатиката и комуникациските технологии се појавил кога имал 18 години, во последната година од средното училиште
Од големата љубов кон математиката, преку тешкиот избор и трансферот кон информатиката, до соработка со најголемите научници денес.
Дарко Божиноски од Прилеп има само 28 години, а држи предавања заедно со професори кои се пред пензија. Средношколецот од гимназијата „Мирче Ацев“, кој дипломира на Факултетот за информатика при Универзитетот ФОН, во моментот живее во Брисел и работи како
постдокторанд во IRIDIA - лабoраторија за вештачка интелигенција на Université libre du Bruxelles. Ова е неговата приказна.
Д-р Дарко Божиноски, на едно од предавањата
Уште како дете многу се интересирал за математиката и природните науки. Едноставно, уживал во решавањето математички задачи. Интересот кон информатиката и комуникациските технологии се појавил кога имал 18 години, во последната година од средното училиште.
- Одлуката да студирам информатика не беше директна и лесна во тој момент. Не поседував компјутер и не бев свесен за предизвиците што беа пред мене. Тоа многу ме плашеше. Од моите родители имав целосна поддршка да го направам изборот што ми лежеше на срце. Сепак, не беше лесно да направам одлука помеѓу мојата долгогодишна љубов, математиката, и информатиката како нешто што беше прилично ново за мене. Разговарав со мојот професор по математика од средното училиште, кој длабоко го почитував. Тој ми пристапи со голема мудрост и ми помогна да ги разрешам сите дилеми. Неговите совети многу влијаеја врз одлуката да ја прифатам стипендијата на Факултетот за информатика при Универзитетот ФОН - раскажува Божиноски.
Младиот студент активно се вклучил во повеќе проекти. Денес вели дека тоа било од непроценлива важност за неговата кариера. Тој е дециден дека високиот просек не е гаранција за професионалниот успех на еден студент. Помага, но не гарантира.
- Здобивањето вештини и знаења кои можете успешно да ги имплементирате во различни сценарија е единственото нешто што е важно на пазарот на трудот. Тоа е еден од најважните принципи што треба да ги разбере секоја млада личност. Тоа беше мојата стратегија што ми помогна многу пати и ме издвојуваше од преостанатите кандидати во мојата професионална кариера - објаснува Божиноски.
Докторат за мобилни мултироботски системи
Образованието го продолжил на докторски студии во Италија, на Институтот за докторски студии Gran Sasso Science Institute. Во овој период имал можност да помине три месеци на Chalmers University of Technology во Шведска и една година како дел од Fulbright програмата на Carnage Mellon University, каде што имал извонредна можност да работи со еден од најдобрите научници во полето на self-adaptive systems, професорот Дејвид Гарлан.
Неговата докторска теза се однесува на мобилни мултироботски системи кои претставуваат класа на системи составени од множество роботи што работат заедно како тим.
- Тие оперираат во динамична околина која може да биде делумно или целосна непозната за да ја извршат зададената задача. Во мојата теза презентирам формален (математички) пристап кој овозможува адаптација на мултироботските системи во услови на неизвесности кои произлегуваат поради неправилна или непрецизна спецификација на задачи и оние што се појавуваат како резултат на проблем со безбедноста на системот - објаснува Божиноски.
Младиот научник е носител (прв од четворица потписници) на научен труд – еден од двата што на почетокот на годинава беа објавени во списанија со импакт-фактор. Едниот од трудовите носи наслов
Managing Safety and Mission Completion via Collective Run-time Adaptation, каде што тимот презентира пристап што се фокусира на адаптација на мултироботски системи балансирајќи го решавањето на проблеми поврзани со самата мисија на системот и неговата безбедност.
Втората студија со наслов
Safety for mobile robotic systems: A systematic mapping study from a software engineering perspective е систематска класификација на најсовремени методи и техники (state of the art) кои се користат за заштита на мобилните роботски системи.
Дополнително, на почетокот на годинава првпат бил поканет како почесен гостин и еден од главните говорници на конференција во Пакистан каде што ги презентирал најновите достигнувања во сферата на верификација на сајбер-физичките системи (Verification of Cyber-Physical Systems).
Постдокторанд во лабораторијата за вештачка интелигенција во Брисел
Во моментот нашиот млад научник работи како постдокторанд во лабораторијата за вештачка интелигенција на Université libre du Bruxelles како дел од проект спонзориран од Европскиот истражувачки совет.
- Моите истражувања се дел од проектот
DEMIURGE фокусиран на автоматизирање на процесот за развивање контролен софтвер за swarm robots. Мојата задача во проектот е развивање соодветен јазик за спецификација на мисии - објаснува Божиноски.
Што нуди Македонија за надежни студенти кои сакаат да истражуваат на тема роботски системи? Божиноски вели: „Не би знаел конкретно“. На оваа тема почнал да работи откако заминал на докторски студии во Италија. Сепак, категоричен е дека Македонија има многу слаба научноистражувачка дејност (со одредени исклучоци).
- Придонесот што Македонија го прави во наука главно е незначителен и занемарлив. Тешко е да се зборува за научноистражувачка дејност во средина каде што се издвојуваат минимални средства за наука. Сепак, постои конкретна можност за имплементација на ваквите системи и создавање стартапи во кои може да учествуваат многу студенти - објаснува Божиноски.
Роботика, Internet of Things... Со ова темпо на развој на технологијата, како ќе изгледа денот на еден просечен човек за 50 години? Што сè ќе преземат роботите (апаратите, машините)? Божиноски вели дека развојот на технологиите се движи во две насоки.
- Првата е автоматизирање на сè поголем број процеси. Сите задачи што се тривијални и повторливи, како и оние задачи каде што постои сериозна опасност кон човечкиот живот, ќе бидат автоматизирани во најскоро време. Втората е конектирање на сè поголем број уреди на интернет. Уредите што ги користиме во секојдневниот живот - телевизор, фрижидер, микробранова печка, звучници - се градат на тој начин да бидат способни да паметат податоци и со нивно конектирање во мрежа ќе им се помогне на луѓето да донесуваат подобри одлуки.
Оттука може да замислите сценарио на smart home каде што домот на едно семејство се состои од паметни уреди кои се поврзани во мрежа. Членовите на семејството добиваат нотификации врз основа на нивниот дневен распоред. Тривијалните задачи како затоплување на просторија, вклучување светла би се одвивале врз основа на распоредот од активности на секој член од семејството. Дополнително, self-driving cars постепено навлегуваат во нашата перцепција за секојдневието. Во блиска иднина претпоставувам дека управувањето на возила би добило сосема различна димензија: концептот на управување на возило би се состоел од две компоненти: автоматско и мануелно управување каде што крајната цел би била целосна автоматизација на овој процес. Како и да е, за ова да стане реалност, потребно е многу работа во различни полиња на дејствување. Постојат огромни предизвици од најразлична природа (техничка, социјална и етичка природа) кои најпрво треба да се решат - вели Божиноски.
Клучот е во доживотното учење
Во наредните десет години својата кариера ја гледа во комбинација на наука, технологија и лидерство. Покрај научноистражувачката дејност, активно е вклучен во неколку проекти за популаризирање на науката во јавноста, особено помеѓу младите.
- Моментално мојата енергија е насочена повеќе кон разбирање на потребите на пазарот на трудот и како научната фела ги адресира тие потреби. За 10 години се гледам како редовен професор на универзитет каде што повеќе би се насочил на работа на проекти во соработка со големи компании - вели Божиноски.
Тој смета дека студентите што имаат големи амбиции и работат напорно, на еден или на друг начин најчесто ги постигнуваат своите цели. Но, сака да им порача на другите студенти да бидат отворени кон концептот на доживотно учење. Со постојано здобивање нови вештини тие стануваат отворени кон различните можности што постојано се околу нив, стануваат поконкурентни на локалниот, но и на глобалниот пазар.
- Вашето образование не трае само 3-4 години. Потребите на пазарот се менуваат постојано, а со тоа секој студент има потреба од постојана надградба на здобиените вештини. Внимателно одбирајте ментор во почетокот на кариерата. Многу е важно секоја млада личност да избере ментор од кој може да научи лекции за својата професија, но и за животот. При изборот многу е важно да се види големата слика: како овие вештини би ви помогнале во професионалниот живот. Прашањето што треба да си го постави секој млад студент е: „Што можам да научам од мојот ментор?“ Доколку мислите дека можете да научите многу од некоја личност, корисно е да ѝ пристапите да побарате да работите за неа, дури и бесплатно, со цел да ги научите потребните вештини. Бидете упорни. На крајот на денот никој не ги брои вашите порази. Тоа што се брои е колку пати сте успеале - вели Божиноски.
Последната порака е за студентите што имаат големи амбиции и високи оценки. Единствена гаранција за успех е здобивањето вештини и знаења кои можете успешно да ги имплементирате во различни сценарија. Тоа е единственото нешто што е важно на пазарот на трудот.
- Многу ми е жал кога читам написи на македонски портали дека најдобар студент на одреден факултет не успеал да добие добра, ситуирана државна функција. Млада и интелигентна личност никогаш не треба да се ограничува само на државна функција во малечка земја како што е Македонија. Тоа е преголемо ограничување за личност која била една од најдобрите на својот факултет. Успешен човек секогаш го има предвид глобалниот пазар на трудот затоа што тој пазар нуди многу повеќе можности. Македонија е прилично мал пазар, така што моја препорака е младите да бидат насочени кон глобалниот пазар и глобалните трендови. Со тоа си давате повеќе можност на себеси и станувате многу понезависни во нивното дејствување. Ова не важи за сите професии, но сигурно дека важи за поголемиот број.