Како клавијатурист на Били Ајдол, Кис и Алис Купер се најде на албумот на македонски бенд, раскажува фронтменот Наташа Миха

Како клавијатурист на Били Ајдол, Кис и Алис Купер се најде на албумот на македонски бенд, раскажува фронтменот Наташа Миха

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Новиот албум на „Station: Innermost“ беше само повод да поразговараме со Наташа Миха. Ни раскажа за соработката со Шеринијан, за целосната посветеност не само во текот на студирањето, туку и за магистратурата, класичната и рок-музика, за работата со деца, животот од музика...



Уште не ми е верно дека Дерек Шеринијан ги свири клавијатурите на две песни на новиот албум на „Station: Innermost“, вели Наташа Миха, вокалист и клавијатурист во овој прогресив рок-бенд од Скопје. За оние што не слушнале за него, Дерек Шеринијан е поранешен клавијатурист на Дрим театар, Били Ајдол, Алис Купер, Кис, Санс оф Аполо, Планет Икс... Првиот сингл од албумот „Exposure“ е веќе објавен на јутјуб-каналот на бендот, а за 22 мај е закажана слушачка промоција во „Винил“ во Скопје. На истиот ден „ Exposure“ ќе биде достапен на сите даунлоуд и стриминг-сервиси.

Новиот албум беше само повод да поразговараме со Наташа. Ни раскажа за соработката со Шеринијан, за целосната посветеност не само во текот на студирањето, туку и за магистратурата, класичната и рок-музика, за работата со деца, животот од музика...
Членови на „Station: Innermost“ освен Наташа, која е вокал и клавијатурист, се: Дамир Пух – гитара; Стефан Петановски – гитара; Дарко Фотиновски – бас; Дејан Апостоловски – тапани. Како гостин на „Exposure“, освен Шеринијан, се појавува и Ади Имери како вокал. Илустрациите се дело на Тхе Мичо.



Победа на натпревар за една песна, а втората...

Интересно е како овие музичари ја оствариле соработката со Шеринијан. Наташа и ден-денес е огромен фан на „Дрим театар“ и неговата музика, а особено е приврзана за нивните постари албуми. Вели дека никогаш во нејзиниот живот не ѝ паднало на памет дека ќе дојде ден кога еден од членовите на тој бенд ќе соработува и ќе биде дел од нивната авторска музика.
- Како испадна целата работа? Дерек имаше објавено натпревари (solo contests) на неговиот инстаграм-профил. Требаше да се испратат авторски песни, а победникот добиваше уникатно клавијатурско соло од Дерек лично. Победивме на еден од натпреварите. Во комуникацијата со него, која се одвиваше преку е-пошта, ни имаше напишано дека навистина му се допаѓа музиката што ја правиме, па така остваривме дополнителна соработка и сега го имаме Дерек како гостин на две песни - раскажува Наташа.

„Station: Innermost“ почна да функционира во 2018 година. Уште на самиот почеток меѓу членовите се наѕираше спој на убава енергија, заедничка музичка визија и амбиција.

- Многу спонтано почнавме со создавање авторска музика. „Exposure“ е нашето прво ЕП. Станува збор за 27 минути музичко патување, спакувано во 5 песни базирани на 5 лика и нивните животни приказни, сето ова гледано низ призма на нивните секојдневни (или несекојдневни) психолошки стадиуми наметнати од животот на денешницата. Како дополнување и продлабочување на приказните, за секоја песна има нацртан лик и поезија која служи како „backstory“, кои ќе бидат достапни во форма на буклети на физичките изданија - вели Миха.



Музиката е направена со многу внимание и чувство за детали, а секој од членовите си оставил сопствен печат на уникатен начин.

- Иако се работи за комплексна музика, се потрудивме секоја нота да е во функција на песните и на генералната емоција на приказните - раскажува Наташа.

Нашата соговорничка е магистер по соло-пеење, а и еден од најдобрите во генерацијата студенти. За време на студирањето и некое време по завршувањето на магистерските студии била целосно посветена на класичната музика и солистичките мултимедијални концерти, во кои вложувала многу љубов, знаење, труд и време.
 
- Но, како што поминуваше времето, препевањето композиции од различни автори ме засити. Не ми беше доволно. Сфатив дека во себе носам многу идеи за нова музика и многу неискажани работи кои би сакала да ги преточам во песни - вели Наташа.

Во моментов најголем приоритет ѝ е создавањето авторска музика, како и улогата на фронтмен на „Station: Innermost“.
- Навистина уживам во креативниот процес, преточувањето мисли, ставови и емоции во музика, како и играњето со вокалниот израз. Спојот на мојата bel canto техника на пеење со модерниот belting рок вокален израз ми дава уникатен стил и огромен простор за експериментирање во креирањето на вокалните делници - објаснува Миха.



И од учениците се учи


Освен ангажманите со бендот и работата во студио, таа работи и како наставник и професор по пеење.

- Работата со деца ме инспирира во секаков поглед, ме има направено подобар музичар, пејач и подобар човек. Децата се вистинско богатство и од нив може да се научи многу ако знаете како да ги слушате нивните мисли, идеи, констатации и ставови. Тоа најдобро го гледам на часовите по пеење, кои се секогаш супер забавни и опуштени, а истовремено многу продуктивни. Учиме техники на пеење и израз, слушаме добра музика и анализираме песни и пејачи. На часовите го имам и асистентот Славе, Славе the Muppet, кој на забавен начин ги поттикнува учениците на работа, дисциплина и одговорност кон музиката и кон себеси. Освен пеењето, секогаш се трудам уште повеќе да ја поттикнам детската љубов и креативност кон музиката и уметноста воопшто - објаснува Наташа.

Во нашата држава, смета Миха, е невозможно да се егзистира и да се живее само од создавање авторска музика и овој проблем се провлекува и во светски рамки. За да се има одредена комоција на живеењето, потребно е да се работи на повеќе проекти истовремено, без разлика дали се директно или индиректно поврзани со музика.
- Од друга страна, во секоја професија постојат тешки периоди, така што и покрај набиениот распоред и сите обврски, не би можела и не би сакала да се замислам себеси со поинаква професионална определба бидејќи кога човек го работи тоа што го сака, секоја тешкотија е лесно минлива. За мене лично, не секогаш материјалното богатство и материјалната сигурност се гаранција за среќен живот. Секој човек е успешен и среќен кога го работи она што го сака и кога покрај себе ги има љубовта, почитта и поддршката од најблиските - додава Наташа.

Фото: Стефан Рајхл