Сериски убијци од Македонија - три решени случаи, се утврди и последниот од годинава

Сериски убијци од Македонија - три решени случаи, се утврди и последниот од годинава

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Книгата „Сериски убијци: Криминални случаи од Република Македонија“ е издадена на англиски јазик и дава преглед на трите случаи на сериски убијци што се имаат појавено во Република Македонија од 2001 до 2010 година

Истражувањата на сериските убиства во Македонија од 2001 до 2010 година прераснале во книга за овие случаи, која е дел од неговите истражувања за магистерскиот труд. Не се случиле на филм, туку во вашето соседство. Не ги извршиле глумци, туку луѓе што можеби сте ги сретнале на улица. Овие појави се составен дел на секое општество, ги има и кај нас. Сепак, не треба да се крева паника – Македонија е релативно безбедна земја, а бројот на сериски убијци е исклучително мал, вели Димитар Стевчев, магистер по безбедност од Куманово.
Книгата „Сериски убијци: Криминални случаи од Република Македонија“ е објавена на англиски јазик (Serial Killers: Criminal Cases from Republic of Macedonia). Со Стевчев разговараме за случаите што ги истражувал, профилот на луѓето што ги извршуваaт овие злосторства, како се формираат.

Димитар Стевчев, автор на книгата

Автор сте на книгата „Сериски убијци: Криминални случаи од Република Македонија“. Кога ја напишавте и како воопшто се роди идејата да истражувате на ова поле?

- Идејата за истражување на овој вид криминал потекнува уште во времето на моите постдипломски студии за безбедност. Книгата е всушност извадок на поважни елементи од магистерскиот труд кој се однесува на сублимација на психолошки и социјални карактеристики на сериските убијци, каде што се проучува и дава комплетен преглед на самиот процес на станување сериски убиец – од раното детство, адолесценцијата и зрелоста, сè до начините, методите на извршување и прикривање на делата. Книгата „Сериски убијци: Криминални случаи од Република Македонија“ е издадена на англиски јазик и дава преглед на трите случаи на сериски убијци што се имаат појавено во Република Македонија од 2001 до 2010 година.

Македонија генерално се смета за безбедна земја. Дали е така?

- Да, ако се земе предвид целокупната состојба, Македонија претставува релативно безбедна земја. Сепак, како и во сите општества, криминалот од разни видови постоел, постои и ќе постои. За појавата на каков било вид криминал, потребни се одредени социјални, економски и политички услови. Факторите како сиромаштија, невработеност, социјални разлики, корумпирана и криминална власт, лоша економска состојба, низок животен стандард и тоа како можат да придонесат да се влоши состојбата, а со тоа и да дојде до појава на разни видови криминал, вклучувајќи ги и убиствата.


Насловната страница од книгата

Сиве фактори имаат директно негативно влијание, особено кон секој поединец. Мора да се напомене дека овие фактори се сè поприсутни во нашето општество, а тоа резултира со отуѓување на поединецот од општеството, создавајќи гнев, омраза кон одредени луѓе. Ниското социјално живеење и интерперсоналната не/толеранција доведуваат до намалување на солидарноста, а со тоа се уништуваат социјалното единство и општествениот систем.

Колку случаи на сериски убијци обработувате во книгата? Кога дејствувале, колку жртви имале, дали се фатени, биле ли осудени, каде се во моментот...?

- Сериските убијци не се нова појава. На овие простори досега имаме четири случаи на сериски убиства – три во периодот од 2001 до 2010 година и сегашниот нов случај во 2019, кој беше решен деновиве. Првите случаи на сериски убиства во Република Македонија јавноста ги има примено со голема доза на изненаденост, зачуденост, како нешто што се случува само во филмовите.

Првиот откриен сериски убиец е Лазе Радески. Овие убиства се одвивале од мај 2006 година до април 2008 година на територијата на Општина Охрид. Тој ги убивал жртвите со удар со чекан во главата и употреба на нож, а безживотните тела со автомобил ги носел на разни локации надвор од градот. Убиствата ги извршувал заради пари и користољубие. Сите три жртви на Радески биле дилери на девизи, сите се познавале и во извесен временски период заедно работеле во фабриката „Застава“ во Охрид. Начинот на кој се убиени жртвите е идентичен/сличен - биле убиени на суров и подмолен начин, удирани и бодени. Лазе Радески е осуден на доживотен затвор, согласно членот 123, став 3 од Кривичниот законик.

Од приведувањето на Лазе Радески / Извор: Јутјуб

Вториот случај на сериски убиства се појавува во Кичево каде што главниот осомничен за убиствата бил новинарот Владо Танески. Жртвите во овој случај биле главно жени во поодмината возраст. Сите жртви имале идентични/слични карактеристики - биле вдовици, работеле како хигиеничарки и имале низок степен на образование. Осомничениот во овој случај добро ги познавал жртвите, живеел во нивна близина во Кичево, бил љубезен, повлечен, мирен, имал одвоен живот со сопругата, имал слаб, речиси никаков контакт со семејството, што укажувало дека немал никаков проблем жртвите да ги намами, искористи и убие. Периодот на убиствата се одвивал од 2005 година до мај 2008 година на територија на Општина Кичево. Начинот на убиствата се состоел од силување, давење-задавување (убиство) и отстранување на телото (ставање на телото на жртвата во црна најлонска вреќа, врзување со кабел и носење на телото во депонија). Пред да биде изведен пред судот, Танески е најден мртов во затвор во Тетово, удавен, со главата во кофа со вода. Постојат одредени дилеми дали Танески е серискиот убиец од Кичево, но полицијата е 100% сигурна дека случајот е затворен, т.е. дека е виновен за убиствата иако нема судска разрешница. Интересен е фактот што по „самоубиството“ на Танески, убиствата на постари жени едноставно престанаа.

Владо Танески / Извор: Јутјуб

Третиот случај на сериски убиства – Виктор Карамарков, кој го има добиено прекарот Скопскиот Расколников, кој извршил 4 убиства, а има 3 дополнителни пријави за убиство во обид. Периодот на неговите убиства се одвивал меѓу март 2009 и октомври 2009 година на територија на Скопје. Причина за убиствата било користољубие, земање на вредните предмети кои потоа ги препродавал за да купи дрога. Карамарков бил и наркозависник. Ги селектирал жртвите според своја процена – оние што можеле да дадат најмал отпор. Тој бил многу интелигентен, иако потекнувал од нефункционално семејство. Инспирација за убиствата добивал од книгата „Злосторство и казна“ на Фјодор Достоевски. Пред да биде уапсен се обидел да се самоубие со поголемо количество таблети. Осуден е на доживотен затвор согласно членот 123, став 3 од Кривичниот законик.

Како се создаваат сериски убијци и по што се разликуваат од другите? Каков е нивниот психолошки профил?

- Serial Killers are made; they are not born. Сериските убиства (убијци) треба да се гледаат како сплет на комплицирани, сложени процеси поврзани со нивната психолошка состојба и околностите, причините од кои настанало, се појавило ова дело. Причините за сериски убиства се склоп, комбинација на индивидуални, лични карактеристики, поглед и разбирање на надворешниот свет, присуство на разни елементи на растројство на личноста и социјални елементи – невработеноста, сиромаштијата, нискиот животен стандард итн. Во рамките на тој процес на создавање сериски убиец најзастапени се 4 круцијални елементи: неефикасна социјална средина, трауматични настани, одговор кон тие настани (критички персонални карактеристики и обработка на тие настани) и акција кон другите.

Интеракциите меѓу индивидуата и членовите од семејството и врсниците се од суштинско значење за воспоставувањето врски во социјалната средина. Поединецот во детството ги учи општествените вредности и почитувањето на другите членови во општеството. Во неефикасна социјална средина, поединците не успеваат да ги развијат своите социјални/општествени вредности со членовите од семејството и општеството. Во ваква средина однесувањето на поединецот останува непроверено и неказнето од страна на родителите. Родителите, пак, што злоупотребуваат супстанции и/или учествуваат во криминални активности може да го поддржат погрешното однесување на поединецот и неговите перцепции. Без одредена контрола од родителите, индивидуата може да влезе во непродуктивни активности, каде што напорите на казнување на одреден антисоцијален акт стануваат залудни, а родителите и самата индивидуа таквото антисоцијално однесување го карактеризираат како нормално, дека сите индивидуи во таа одредена возраст влегуваат во неволја.

Фото: Wikipedia

Трауматизацијата се дефинира како „дестабилизирачки настан“ и се јавува кај секој поединец. Може да биде предизвикана од смрт во семејство, болести, развод, сè до злоупотреба, нестабилност и др. Сите овие трауми се случуваат барем еднаш во животот. Од директните и индиректните трауми, како што се физичко, психичко и/или сексуално насилство во рамките на таа неефикасна социјална средина, стресот создаден од таа траума, индивидуата може да не успее успешно да закрепне. Ваквиот нерешен стрес може да предизвика, да бара засолниште во одредени мисловни/психолошки фантазии, каде што преовладуваат темите на доминација и контрола. Сиве овие настани влијаат врз социјалниот развој на поединецот. Директната физичка или сексуална злоупотреба може да прерасне во постојан период на возбуда, кој потоа се поврзува со траумата, а со тоа се менува перцепцијата на индивидуата за меѓучовечките односи.

Од трауматичниот настан може повеќе да се развиваат негативните персонални особини (за разлика од позитивните), па овие лица не успеваат да формираат силни меѓучовечки односи. Па поради општествена изолација, тие се потпираат на фантазијата. Во негативните критични персонални особини се вклучени: социјалната изолација, агресијата, хроничното лажење и автоеротизмот. Преку овие негативни особини личноста го обработува трауматичниот настан, па развива модели кои доведуваат до искривена перцепција и толкувања, а со тоа и поголема понатамошна социјална изолација на самиот поединец.
Со овие три елементи тој веќе формира сопствен модел на прифатливо однесување. Тоа може да биде манифестирано со суровост кон животните, негрижа за другите, агресија, подметнување пожари, крадење, уништување на имот и др. Поради недостигот на ефикасно казнување во рамките на неефикасна средина на поединецот, негативното однесување станува зајакнато/засилено и се изведува почесто во нормалните социјални услови. Без социјална интеракција, негативното однесување на поединецот останува непредизвикано од општеството и авторитетните личности. Така тој не успева да го види своето однесување како неприфатливо во општеството, станува самобендисан и функционира во рамките на сопствената фантазија.

Со присуство на други фактори - сиромаштија, низок животен стандард, употреба на дрога и друго, оваа личност не може да го рационализира негативното или абнормалното.

Како да се откријат и спречат сериските убијци?

- Тоа зависи од степенот и нивото на организираноста на самиот сериски убиец, но и од способноста на лицата одговорни за откривање и изведување на овие лица пред правдата. Без разлика која е причината поради која се извршуваат убиствата, постојат два вида сериски убијци:

Организиран сериски убиец - претставува најтежок тип за идентификување и фаќање, т.е. приведување. Имаат висок коефициент на интелигенција, многу се организирани, методични, внимаваат и посветуваат големо внимание на секој детаљ поединечно. Секој детаљ во извршувањето на убиствата е однапред испланиран. Многу се внимателни да не остават инкриминирачки докази/елементи зад нив. Карактеристично за овој тип убијци е што долгорочно ја набљудуваат потенцијалната жртва, сè додека не се сигурни дека ја имаат одбрано посакуваната жртва согласно нивните стандарди. Откако ќе ја одберат, тие се впуштаат во шармирање на жртвата за да стекнат доверба. По добивањето на довербата, овие убијци одбираат локација за извршување на убиството. По самото убиство, сторителот ќе ги преземе сите можни мерки за да се осигури дека жртвата нема да биде откриена. Овие типови убијци се гордеат со својата „работа“ и често го следат развојот на настанот. Еден од мотивирачките фактори присутни кај овие типови убијци е „поигрувањето“ со полицијата, но и со семејствата на жртвите.

Фото: МВР

Неорганизиран сериски убиец - за разлика од организираните убијци, овие воопшто не посветуваат внимание на планирањето на убиството, туку ги извршуваат случајно. Карактеристично е што жртвите на овие типови убијци се „појавуваат“ во погрешно време на погрешно место. Убиствата ги извршуваат по случаен избор, без претходно планирање. Не преземаат мерки на претпазливост да не остават докази зад себе. Имаат предиспозиција често да ги менуваат работните и местата на живеење. Втора карактеристика кај овој тип убијци е ниското ниво на интелигенција и се антисоцијално настроени кон општеството. Склони се да не се сеќаваат на извршеното дело бидејќи мотивираноста за извршување на убиствата доаѓа од имагинарен извор.

Велите дека во САД оваа појава се случува на секои 700.000 жители, во Европа на секои 1,5 милион жители. Што говори овој генерален просек за случаите во Македонија? Каква е состојбата кај нас?

- Убиствата се шират трансверзално низ времето, просторот и културите. Сепак, сериските убиства се релативно ретки. Во САД се јавуваат на секои 700.000 жители, додека во Европа, каде што традиционалните морални норми и вредности се поцврсти и поизразени, сериски убиец се појавува на секои 1,5 милион жители. Како што се развива и менува општеството, сериските убијци се менуваат, адаптираат, како и секој друг поединец во општеството. Македонија влегува во рамките на тој европски просек. Сериските убиства на нашата територија се малку, но сепак се појави кои го згрозуваат општеството. Во два од три споменати случаи на сериски убиства причините се стекнување материјална корист – пари, накит итн. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, убиствата во Македонија имаат тренд на опаѓање. Најголем број убиства имаме од 2001 до 2006 година (меѓу 51 и 75 убиства), додека од 2007 до 2019 има тренд на опаѓање. Најмалку извршени убиства имаме во 2016 година (16 убиства). Статистиката покажува дека од 2010 до 2017 година стапката на убиства (на секои 100.000 жители) се движи меѓу 0,91 (најмала стапка за 2013 година) и 1,82 – стапка за 2010 година. Може да се заклучи дека убиствата на нашата територија се на ниско ниво, додека сериските убијци на уште пониско ниво.

Во Македонија не се практикува смртна казна. Што вели практиката, која е најсоодветна казна за овој вид злосторници?

- Најголемата казна со која ќе се соочат овие типови злосторници е доживотен затвор. Во САД смртната казна е составен дел од казнената практика. Во рамките на истражувањето беше направена и анкета за да се добие увид во јавното мислење за овие сторители. Голем број од испитаниците се изјаснија дека досегашните практики (казни) не соодветствуваат со тежината на извршеното дело и дека сторителите на овие убиства заслужуваат поголеми и поекстремни казни од досегашните. Беше поставено и прашање дали сметаат дека треба да се воведе смртна казна за овие сторители (имајќи предвид дека ваквите убиства се извршувани со високо ниво на свирепост). Дури 72% од вкупниот број испитаници изјавија дека смртната казна би бил единствениот начин на казнување на овие сторители. Македонија е земја потписничка на договор за почитување на човековите права и доживотниот затвор е најголемата сегашна казна со која ќе се соочат овие сторители.

Во последнава година имаше повеќе случаи на убиства или исчезнати луѓе во Македонија. Постојат ли индиции за четврти случај на сериски убиец? Треба ли граѓаните да бидат загрижени?

- Деновиве се расветлува и случајот со телата пронајдени во резервоарот на браната „Турија“ во Струмица. Сторителот е веќе пронајден. Анализата на случајот укажува на тоа дека овој сторител влегува во т.н. комбинирана група на сериски убиец со елементи на организираност и неорганизираност (планирање на убиството и планирање на прикривање на телото, т.е. отстранување на телото и недоволно посветено внимание во однос на оставањето инкриминирачки материјали – докази). Карактеристичен е односот на жртва-сторител, т.е. сторителот и жртвата се познавале, што укажува на тоа дека сериските убиства најчесто се извршуваат заради односите жртва-сторител. Во однос на овој случај на сериски убиец, граѓаните не треба да бидат загрижени бидејќи убиствата имаат опаѓачки тренд, а самите сериски убиства се малку на број и главна карактеристика има односот на жртва-сторител.

Браната „Турија“ кај Струмица / Извор: Јутјуб

Во сите овие случаи исклучително е важно медиумите да избегнуваат сензационални наслови и информирање, без претходно проверени информации од официјални лица. Тоа може да создаде паника, за која во одредени случаи нема место.

Во однос на исчезнувањето на луѓето, најголеми можности за пронаоѓање на исчезнатите има во првите 24 до 72 часа. Во овој временски период посвежи се сеќавањата на лицата што имаат какви било сознанија за детали во врска со исчезнувањето. По 72 часа сеќавањата почнуваат да избледуваат, се забораваат детали кои би биле многу важни во самата истрага. По овој период, со секој поминат час, ден, недела, месец, шансите за пронаоѓање на исчезнатите лица се намалуваат. Голема улога во овие случаи имаат социјалните медиуми и воопшто масовните медиуми. Загрижувачки се елементите на бесчувствителност кои, според мене, се присутни во нашето општество – „Ова мене не ми се случило, па нема потреба да се реагира“. Ваквиот став е сè поприсутен во нашето општество, почнувајќи од поединци до самите институции.