Време е за македонски филм. Погледнете што се сними во 2018

Време е за македонски филм. Погледнете што се сними во 2018

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Публиката до недела ќе може бесплатно да види 25 филма. Ова не е само отчет за тоа што се случило на полето на домашната филмска уметност лани, туку и шанса сите филмови да бидат повторно прикажувани – нешто што не се случува постојано

Замислено како простор каде што ќе може да се прикажат сите македонски филмови од претходната година, денеска во Младинскиот културен центар во Скопје почнува првото издание на филмската ревија „Златна рамка“. Публиката до недела бесплатно ќе може да види 25 филма. Ова не е само отчет за тоа што се случило на полето на домашната филмска уметност лани, туку и шанса сите филмови да бидат повторно прикажувани – нешто што не се случува постојано.

Ана Василевска, уметнички координатор на ревијата

Ревијата ја организира Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Под мотото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани два долгометражни филма - „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски и „Враќање“ на Кастриот Абдили, седум документарни и 16 кратки филма. Сите лани добиле поддршка од Агенцијата за филм. Во трите ревијални дена ќе се одржи и Собрание на ДФРМ, презентација на „Медиа за Македонија: нудиме можности. Препознајте и искористете“ и тркалезна маса за филмската критика под наслов „Нема успешна кинематографија без филмска критика“.
Уметнички координатор на ревијата е Ана Василевска, новинарка и долгогодишен истражувач на македонскиот филм. Таа објаснува дека многу национални кинематографии организираат слични ревии кои се на некој начин отчет, рапорт пред својата публика.


Сцена од анимираниот „Готлиб“ на Крсте Господиновски

- „Златна рамка“ е именувана по најмалата филмска единица (фрејмот) и во ревијата се вклучени професионални филмови снимени со јавни средства. Потписниците на овие филмови имаат обврска да ги прикажат пред публиката. Ова е примарната идеја, но и одлична можност да се погледнат филмовите кои поради својот формат (краткометражни, документарни, анимирани филмови) не можат да се најдат на редовен кинорепертоар. Исто така, филмската фела ќе оддаде почит и на онаа армија „невидливи“ професионалци што се зад камерите, а оставаат многу и физички и креативен печат на филмовите. Преку тридневните дружби и конечно преку почесните награди ќе ѝ ја доближи на јавноста нивната улога во филмските остварувања – објаснува Василевска.

Простор за краткометражните и за документарците

Тоа ја заокружува идејата за „Златна рамка“, која секоја година на истиот начин ќе ги прикажува филмовите. Василевска вели дека ревијата има уште многу значајни придобивки - потребата на уметниците за поддршка, па и критичност од својата публика.
- Само на ваков транспарентен начин може да има прогрес во секоја уметност, особено во најкомплексната како што е филмот. Програмскиот дел ја вклучува и тркалезната маса „Нема кинематографија без филмска критика“. Се надевам дека младите и пасионирани вљубеници во филмот ќе учествуваат и ќе дадат свој осврт на некој од прикажаните филмови. Многу е важно да се мотивира критиката бидејќи таа е нераскинлив дел од секоја кинематографија - децидна е таа.



Ова е голема шанса и за филмските работници и за публиката – да добијат простор на едно место да ги видат краткометражните и документарните филмови кои тешко стигнуваат до кинопроекции. Според Василевска, дури и долгометражните македонски филмови, освен премиерата, одат на репертоар по две недели, и оваа дистрибуција не е доволна за масовна гледаност. Можностите за видливост на телевизиите се исто така ограничени, но сепак е шанса за претставување пред публиката.
- Прикажувањето на краткометражните и документарните филмови е ограничено со проекции на фестивалите. Но, тоа не е доволно. На оваа ревија е значајно што на проекциите ќе присуствуваат и дел од учесниците во филмските екипи, авторите, па публиката ќе може да учествува и во отворена дискусија по проекциите. Сè повеќе се наметнува потребата од една професионална киносала која ќе може да се користи за проекции на македонски филмови и редовни средби на професионалците - вели Василевска.

Награди за филмските работници

Дел од филмовите веќе имале премиери на значајни фестивали, меѓу краткометражните се и филмовите кои беа прикажани на отворањето и на затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“. Има интересни дебитантски остварувања, смели женски потписнички, темите се разновидни, изразот е модерен. Има филмови со многу оригинална камера, па дури и еден современ нем филм, извонреден експериментален филм, како и два анимирани филма. Документарните филмови исто така се разновидни, има со патописен мотив, потоа биографски, религиозен и други.
- Оние што не успеале да ги видат во кино треба да ги погледнат и двата долгометражни филма - вели Василевска.

Сцена од „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов

На Свеченото собрание на ДФРМ денеска во 11:30 часот ќе бидат соопштени добитниците на почесните награди. Ќе бидат доделени три статуетки со логото „Златна рамка“ - за филмски актер, филмски автор и филмски работник. Постхумно ќе биде доделена и награда на значаен филмски работник која ќе ја прими неговото семејство.
- Филмскиот еснаф се здружил во 1950 година и до денес успева да ги издржи сите трансформации во филмската дејност што ги носело новото време. „Златна рамка“ е нова активност која треба уште повеќе да ги здружи професионалците во интерес на македонската кинематографија, која е на добар пат да стане препознатлива, како што е случај со романската или бугарската кинематографија - вели Василевска.
За проекција бил поканет и филмот „Ругање со Христос“, но режисерот Јани Бојаџи одбил да учествува, а поканата не ја прифатиле и режисери на два кратки филма.