Средношколците еко-герилци од Преспа им порачуваат на скептиците: „Со мали напори можеме многу!“

Средношколците еко-герилци од Преспа им порачуваат на скептиците: „Со мали напори можеме многу!“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Да го зачуваме ова парче земја што ни е подарено затоа што немаме резервно. Ова може да стане и натпревар, а наградата ќе има огромна вредност - чиста и здрава животна средина, порачуваат младите ресенци

Еколошката свест на нашите соученици без грижа на совест можеме да кажеме дека е на ниско ниво. Не сме свесни на кој начин ѝ наштетуваме на планетава. Секојдневно ја гледаме таа слика на валкано и во потсвеста ни се врежува дека едноставно така треба да биде. Нашите соученици сметаат дека една мала група не може да постигне ништо и дека брзо ќе се откажеме од ова, а ние ги побиваме со тоа што им кажуваме дека не може да се откажеме од љубовта кон планетата Земја – велат средношколци од гимназијата „Цар Самоил“ од Ресен. Мартин, Александра, Наталија, Дејан, Наум, Ѓорѓи се дел од еко-ентузијастите што на оригинален начин покажуваат како од ништо може да се направи нешто. Од стари автомобилски гуми тие направија канти за ѓубре за дворот на нивното училиште, а од вчера нивните „уметнички дела“ служат и како цвеќарници и стојат на местата каде што наставници и ученици непрописно паркираа автомобили.



Немаме друга планета

Овие средношколци се меѓу поновите членови на здружението за заштита на животната средина „Еко-герила Преспа“, кое во последните две години се труди Ресен и Преспа да ги направи почисти места за живеење и да придонесе за подигнување на еколошката свест кај луѓето.
Младите еко-герилци велат дека ќе бидат среќни ако со овој гест предизвикаат и младите во Македонија да бидат посовесни кон средината.
- Пораката што им ја испраќаме на сите е дека со мали напори можеме да постигнеме големи успеси. Кантите ни се на дофат, а доколку не се, можеме да направиме да бидат. Да го зачуваме ова парче земја што ни е подарено затоа што немаме резервно. Ова може да стане и натпревар, а наградата ќе има огромна вредност - чиста и здрава животна средина – велат средношколците и посочуваат дека очекуваат поголема поддршка од нивните професори во оваа мисија.



Вчера, на првиот ден на пролетта, младите „герилци“ влегоа во нова акција.
- Гимназијата имаше контејнер, но несовесни граѓани го имаа фрлено во бездна. Младите „герилци“ успеаја да го качат горе. Тие порачуваат повеќе да не се повторува таа глупост. Во училишниот двор секогаш се паркираа возила, првично на професорите, па и на ученици, со што се нагазуваше делот каде што треба да има трева, цвеќиња, дрвца или слично. По барање на средношколските еко-герилци, на наставничкиот совет е усвоен предлогот автомобилите да се паркираат надвор од школскиот двор. Токму на тоа место поставија од обоените гуми кои ќе служат за цвеќиња и тоа на местата каде што до вчера се паркираа автомобили - вели основачот на здружението, Борче Толевски.

Гледаме ѓубре и не ни пречи

На сликовит начин ни објасни како се родила идејата.
- Еден обичен ден (25 август 2017), на попладневна прошетка со мојата фамилија отидовме на местото „Починалиште“, спортско-рекреативен центар веднаш до самото средно училиште. Мојот син, кој тогаш имаше околу 2 години, играше на детското игралиште, а тогашната беше во фаза да става сѐ в уста. Но, таму беше преполно со догорчиња, срчи, кеси, хартии... Седејќи и играјќи со синот, ми дојде наплив на емоции и нервоза. Зошто мора баш сѐ да биде полно со ѓубре, а ние играме и се правиме како да не го гледаме тоа, како да не ни пречи, а боде в очи. Уф... Зедов едно празно шише и почнав да ги собирам догорчињата едно по едно, па потоа и ливчињата, хартијата и лименките расфрлени наоколу. Во целиот занес мојата сопруга ме фотографирала тајно и потоа ми ги покажа фотографиите. Собрав храброст и ги споделив на „Фејсбук“ со краток текст. И, се случи чудо, почнаа да доаѓаат позитивни коментари, лајкови, споделувања и потоа се постави еден вид предизвик и ги поканив моите сограѓани да учествуваат во наредни акции, нешто слично како момчето кое сега станува вирален хит со неговиот предизвик за собирање ѓубре и фотографирање пред и потоа - вели Толевски.



Признава дека веднаш пристигнале и потсмешливи од несовесни граѓани.

Загадениот воздух - еден од поголемите проблеми

Помасовниот собир бил неколку дена пред почетокот на ланската учебна година, кога организирале настан како група граѓани во Основното училиште „Гоце Делчев“.
- Тој настан ги скрши копјата и беше клучен што и ден-денес постоиме. Ни се приклучија најмладите членови на КУД „Таше Милошевски“ од Ресен, дечиња на возраст од 6 до 10 години со нивниот претседател, а воедно и кум на името на здружението, Љупчо Пецалевски. Тука падна одлуката да формираме здружение - објаснува Борче.
Оттогаш се реализирани многу успешни акции, а расте и бројот на „освестените“ граѓани.
Ја санирале и ја обоиле оградата во ОУ „Мите Богоевски“. Пред една година го актуализирале проблемот со загаденоста на воздухот преку организирање трибини.

- Ѝ се придруживме на регионалната борба против понатамошна изградба на мали хидроцентрали на чистите планински реки. Го посочивме проблемот со кој се соочува с. Коњско (најблиското село до единствениот остров во земјава, кое најчесто го посетуваат туристи, н.з.), каде што и покрај одлуката на Општина Ресен за вклучување на селото во системот за управување со отпад и покрај плаќањето од страна на мештаните, не се изнајде решение од страна на Јавното претпријатие „Пролетер“ за соодветно преземање на отпадот - објаснува ентузијастот.


Борче Толевски, основач на здружението „Еко-герила Преспа“

Младите покажаа разум

Од „Еко-герила Преспа“ наоѓаат и интересен начин да привлечат внимание. Имено, во август направиле пародија од свечено отворање на канцеларијата на здружението, пред Општината, со цел да ја поттикнат Општината да им даде простор за користење.
Толевски објаснува дека е особено важно што и средношколците покажале интерес да им се придружат.
- Децата веднаш се фатија за работа и предложија многу идеи, од кои првичната беше најитна, а тоа беше недоволен број канти за отпадоци. Со помош на „Цвеќарницата Мила“ тие направија дело со кое треба да се гордеат нивните професори, соученици, сограѓани. Во неколку дена собраа употребени гуми од локален вулканизер, ги зашрафија на неколку нивоа висински, ги намачкаа со мрсни бои, им поставија кеси и служат како отпадни канти. Предностите што ги уочија се: не можат да бидат искршени, не се злоупотребуваат за палење, со што би се загадувал воздухот, служат како декоративно обоени предмети и се практични за употреба, само се вадат кесите кога ќе бидат полни со ѓубре и се ставаат нови, значи нема кревање непотребен товар - објаснува првиот човек на ова здружение.



Младите покажаа разум на зрели и возрасни луѓе, со цел да сменат нешто во сивилото. Токму на вчерашниот ден, заедно со Општината и „Пролетер“ беше организирана голема акција за чистење на дворовите на сите училишта во Општината.
- Како најцрни точки во Општината од еколошки аспект би ги одвоиле: прекумерното прскање со пестициди, локална фабрика за производство на тули која во своето работење користи и кокс, несоодветното третирање на отпадот од нашите сограѓани, неговото палење, правењето диви депонии на секои неколку километри и слични непотребни чекори за самодоуништување на нашата еколошка средина. Ние апелираме поскоро да се почне со казнени мерки за да имаме побрз ефект врз зачувувањето на животната средина - посочува Толевски.