5Г ќе ја направи технологијата партнер на човекот – интервју со проф. д-р Лилјана Гавриловска од ФЕИТ

5Г ќе ја направи технологијата партнер на човекот – интервју со проф. д-р Лилјана Гавриловска од ФЕИТ

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Проф. Гавриловска ќе раководи и со првата лабораторија за тестирање на 5Г-технологијата (5G Evolution Laboratory), која деновиве беше промовирана на ФЕИТ

5Г е нова парадигма што ја воведува технологијата во сите пори на секојдневието како партнер, подобрувајќи ги заемните функционалности со примена на интелигентни решенија, дополнети со вештачка интелигенција и елементи на машинско учење, вели д-р Лилјана Гавриловска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии и раководител на Институтот за телекомуникации. Таа ќе раководи и со првата лабораторија за тестирање на 5Г-технологијата (5G Evolution Laboratory), која деновиве беше промовирана на ФЕИТ. Во интервјуто за Факултети.мк, проф. Гавриловска објаснува што значи оваа лабораторија за студентите и за академскиот кадар, како ќе го позиционира ФЕИТ во регионот, што ќе донесе новата технологија во секојдневието.

Проф. Гавриловска со деканот на ФЕИТ, проф. Димитар Ташковски (лево) и директорот на „Македонски телеком“, Никола Љушев

На ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии се отвори првата лабораторија за тестирање на 5Г-технологијата (5G Evolution Laboratory). Вие ќе бидете раководител на лабораторијата. Со каква технологија е опремена?

- Имавме големо задоволство прославата на овогодишниот Меѓународен ден на телекомуникациите и информатичкото општество, 17 Мај, освен со потпишување меѓусебен договор за соработка во идните 5Г-технологии со „Македонски телеком“, да ја дополниме со официјално отворање на новата 5G Evolution Laboratory. Оваа лабораторија претставува надградба на постојната Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи и има целосно обновена оптичка мрежна инфраструктура, три моќни сервери и придружна мрежна опрема, софтверски дефинирани уреди (SDN) кои претставуваат хардверска база врз која софтверски се реализира комплетно LTE опкружување. Поседува најнов софтвер кој целосно, во согласност со стандарди, ќе го следи развојот на оваа технологија и професионални уреди за мерење сообраќајни карактеристики (QualiPoc). Како основач и раководител на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи, ќе бидам раководител и на новата 5G Evolution Laboratory. Секако, по моето пензионирање, 5G Evolution Laboratory ќе продолжи да функционира во рамките на Институтот за телекомуникации, под раководство на членовите на истражувачката WINGroup, кои несебично придонесоа да стане тоа што е денес.

Проф. д-р Лилјана Гавриловска

Какви тестирања ќе се вршат во лабораторијата и за што ќе бидат искористени овие резултати?

- Опремата за оваа лабораторија е набавена во рамките на НАТО-проект, во кој соработуваме со Универзитетот од Торонто, Канада. Во неа ќе се развива комплетно виртуелизирана пристапна LTE-мрежа, односно демо-платформа на која ќе се испитуваат различни аспекти на виртуелизација и оптимизирано управување. Предвидено е поврзување со универзитетската мрежа на Канада (САВИ), како јадрената мрежа и проучување на различни аспекти на таканаречени End-to-End-Slicing процедури кои се извонредно важни за идните 5Г-мрежи.

Од колкава важност е ова за студентите и како тие ќе бидат вклучени во работата на лабораторијата? Какви искуства ќе стекнат?

- Лабораторијата, во основа, е наменета за академски истражувања. Во текот на студиите на студентите им се дава можност да се приклучат кон овие истражувања преку изработка на дипломски, магистерски трудови и истражувања во рамките на докторските тези. Од постојната лабораторија веќе е реализиран значаен опус на трудови и решенија, во кои активно учествувале студенти.

Со студентите на ФЕИТ

Сите студенти што поминале низ оваа лабораторија се стекнале со извонредни искуства, што им овозможило солидни вработувања во земјата и во странство или продолжување на повисоко образовно ниво во врвни институции надвор од земјата (RWTG и TUMunich/Германија, UofT/Канада, IJS/Словенија, ETFL/Швајцарија). Со гордост можам да кажам дека и таму се меѓу најдобрите студенти и постигнуваат извонредни резултати.

Што значи оваа надградба за Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи и за позиционирањето на ФЕИТ во регионот воопшто?

- Оваа надградба на постојната лабораторија, но и професионалноста и научниот капацитет на академскиот кадар во лабораторијата, го позиционира ФЕИТ како институција со врвни можности во следењето на најсовремените технички достигнувања и технологии и овозможува активно учество на ФЕИТ во нивно проучување и изнаоѓање идни решенија. Тука секако спаѓа и соработката со „Македонски телеком“ во рамките на иницираниот пилот-проект од областа на 5Г.

Што ќе донесе 5Г-технологијата во секојдневието и кога се очекува да стигне до македонските граѓани?

- Како транспарентна технологија, 5Г го менува секојдневието во подигнување на технолошките потенцијали и можности на целото општество и нуди подобар квалитет на живот, отворајќи нови бизнис-можности и перспективи за побрз економски развој. 5Г ќе овозможи поддршка на големи комуникациски брзини, висок степен на автоматизација, голем број широкопојасни сервиси и апликации, примена на висока технологија во здравството - визуализирани интервенции на оддалеченост, зголемена и мобилна виртуелна реалност, роботизиран „интернет на вештини“, иновативен индустриски и урбан дизајн, интелигентен транспорт, автоматизирана контрола на енергетска потрошувачка и уште многу други иновативни решенија.

Во лабораторијата

Со најавените планови на нашите мобилни оператори, нашата земја не доцни многу зад светскиот развој и релативно добро ги следи најновите технологии. „Македонски телеком“, на пример, сега е во фаза на иницијализирање на пилот-проект, по чие завршување за околу две години се планира да почне со воведување на 5Г-системите и кај нас. Секако, ќе го следат и другите мобилни оператори. Пенетрацијата на оваа технологија ќе зависи од многу аспекти (цена на инфраструктура, цена на спектар, цена на услуги и нивна разновидност, брза реакција на компаниите во развој на апликации и сервиси, операторските бизнис-политики и слично), но неминовно наскоро ќе стигне и кај нас.

Многумина велат дека со 5Г почнува новата цивилизациска ера. Зошто?

- Затоа што потенцијалните можности на оваа технологија нудат извонредно техничко опкружување со многу нови можности за ефикасно и удобно функционирање, како во приватен така и во бизнис-домен и отвораат можности за реализирање иновативни бизнис-платформи и побрз технолошки развој. Едноставно, 5Г претставува нова парадигма која во сите пори на секојдневието ја воведува технологијата како партнер, подобрувајќи ги заемните функционалности со примена на интелигентни решенија, дополнети со вештачка интелигенција и елементи на машинско учење.