Секој регион имал свои обележја - кое од кое поубаво, вели проф. д-р Елена Никољски-Паневски од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Убавината на македонската традиционална преродбеничка куќа е во нејзината автентичност, на местото каде што била градена. Секој регион имал свои обележја - кое од кое поубаво, вели проф. д-р Елена Никољски-Паневски од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзината книга „Мебелот во македонската куќа од 19 век“ завчера беше промовирана во МАНУ во Скопје. Во делото на 280 страници се претставени карактеристиките на архитектурата и мебелот во 19 век, сликовито прикажани и преку многу илустрации, табели и рачно изработени цртежи.
Проф. д-р Елена Никољски-Паневски со студентите од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер
Никољски-Паневски веќе долго време истражува на полето на етнологијата на македонската архитектура и вели дека книгата е сосема спонтан резултат на нејзината работа. Водена од желбата да создаде оригинално дело, ова поле речиси е неистражено. Има литература за градителското наследство, за градската и селската архитектура, за таваниците и другите градежни детали (како порти и прозорци, на пример), но не и за мебелот.
- Ако не ја научиме добро сопствената традиција, како ќе продолжиме понатаму? Сакав да покажам дека на ова поднебје постоел регионален стил во архитектурата и ентериерот. Тие укажуваат на единството во изразот помеѓу движниот и вградениот мебел, помеѓу ентериерот и архитектурата на објектот. Тие се носители на нашиот автентичен регионален стил – објаснува Никољски-Паневски.
Тајната на градителството
Во истражувањата се опфатени многу градови, села и населби на територијата на денешна Македонија. Никољски-Паневски вели дека убавината на нашата традиционална архитектура е токму во нејзината автентичност на местото каде што се градела - таа била локална и универзална. Секој регион имал свои обележја.
- Куќите во реканскиот крај, во охридско-струшкиот регион, куќите во низинските предели - сите се фантастичен извор на инспирација. Чардаците се ненадминат архитектонски елемент во објектот каде што можете и во денешни климатски услови да престојувате 6 месеци на отворено. Тоа е така зашто во тоа време се работело со почит кон барањата на теренот, локалниот материјал, општествените услови и традиционалните навики на живот. Затоа објектите биле функционални - објаснува таа.
Мебелот во македонската преродбеничка куќа бил движен (магариња, триножници, столчиња, софри, ноќви, ковчези, сандаци...) и недвижен (долапи, сергени, мусандри, амамџици, ниши, миндерлаци, минсофи...). Сиве овие елементи функционирале заедно во една единствена целина, речиси органска симбиоза.
- Денес многу ретко се случува елементите на ентериерот да се во симбиоза со архитектурата на објектот. Анализирајќи ја македонската преродбеничка куќа, гледаме дека таа е едно со ентериерот - едно цело. Основен елемент на компонирање и дизајнирање на движниот мебел бил принципот на пропорционирање. Добрите пропорции се наследени на ова поднебје како антички контекст и тие се евидентни кај столчињата, ковчезите или сандаците. Дури и во моментот кога биле изработувани, исконски во себе го носеле особеното чувство за пропорција. Врз основа на севкупните анализи на антропоморфните мерки на движниот и недвижниот мебел, може да се види дека во пропорционирањето, компонирањето на мебелот во македонската преродбеничка куќа постои целосна модуларно пропорциска усогласеност помеѓу сите елементи. Користењето на единствената мерка - еден аршин го нагласува заемното дејствување во целината на ентериерот. Народниот градител го разбирал јазикот на ентериерот исконски, како дел од себе. Куќата била телото, ентериерот бил душата – објаснува Никољски-Паневски.
Кој го произведувал мебелот?
Мебелот го произведувале тукашни мајстори од локален материјал. Најчесто користеле дрво - главна суровина во градењето на објектите. Го користеле дрвото што можеле да го најдат во околината (даб, костен, чам, бука, овошни дрва) за кое народните мајстори - столари, резбари, дограмаџии имале разработено одлични техники за подготовка, особено за неговото импрегнирање и траење. И покрај едноставните и основни алати за изработка на мебелот и обработка на дрвото, мајсторите постигнувале добри резултати.
Според Никољски-Паневски, едноставната техника на изработка не произлегувала само од нивото на знаења во доменот на изработката на мебелот, туку и од потребата да се нагласи неговата функционалност. Така биле создавани разни видови мебел, покуќнина и предмети - од наједноставни произлезени од самата природа, сè до посложени кои биле одраз на времето и областа во која настанале.
- Интересно е дека тајфите-дограмаџии задолжени за ентериерот, прозорците и недвижниот мебел доаѓале на објект на самиот почеток кога се градела куќата за да си земат мерки и да го направат растерот на основата на катот. Замислете при поставувањето на темелите да имате сознание каков ќе ви биде ентериерот на првиот кат! Народните мајстори биле вистински архитекти! – објаснува Никољски-Паневски.
Таа е децидна дека дизајнот на мебелот не е случајно настанат, ниту е продукт само на индивидуалното творештво - талентот на поединецот. Истражувањата потврдуваат дека повторувањето на едни исти мотиви на поднебјето на Македонија може да се следат до предисториските епохи.
- Тие наметнуваат заклучок дека мебелот во својот сосема исконски дизајн егзистира и се развива како матрица сам од себе, по однапред зададени патеки по кои го водат навиките, традицијата, специфичниот генски код. Анализирајќи ги од временска дистанца, денес нивната едноставност и убавина сè уште нè обземаат како да се создадени од елементи земени од универзумот, проткаени низ човековата мисла и неговите раце. Тоа е автентичниот регионален стил кој во својата генеза ги носи искуствата на античкиот и христијанскиот контекст. Особено силен аспект на македонскиот мебел била неговата декоративност. Високите дострели во компонирањето на декоративните елементи, базирани пред сè врз логичноста на проектот за вградената покуќнина, чувството за стилизирање на природните форми, автентичните, архаични мотиви - ги вбројуваат ентериерите од македонските преродбенички куќи во уметничката категорија од народното наследено творештво - вели Никољски-Паневски.
Потеклото на декорациите
Според неа, симболичното декорирање на движниот и недвижниот мебел е процес на експресија на внатрешниот мисловен свет. Процесот на декорација секогаш почнувал од тродимензионалните геометриски проекции за космичкиот простор и облик, бидејќи тие се основните слики кои народот несвесно ги реинтерпретира секогаш одново во вид на декорација врз мебелот.
- Сиот овој мебел е посебен, наш. Интересни се ноќвите - првите елементи од кујнскиот мебел во народната архитектура. Во нив се чувало брашното, на нив се месело, веројатно им биле од голема полза на домаќинките бидејќи имале поголема висина софрите, на кои морало да се работи клечејќи - објаснува Никољски-Паневски.
Според неа, во 60-тите и 70-тите години на минатиот век имало повеќе слух и разбирање за традицијата отколку денес, особено во градителството се преземале убавите елементи од традиционалните куќи. Затоа денес повеќе од кога било е важно да се потсетиме што е тоа што било наша традиција.
- Денес, во ова време на загубени вредности. Темата традиција и културно наследство секогаш ќе биде актуелна, сè додека постојат историјата и човекот. Можеби светот некогаш ќе стане глобално село, но луѓето и во таквиот свет нема да можат да живеат без меморија - вели Никољски-Паневски.
Податоците што таа ги користела во студијата долги години биле документирани од Архитектонскиот факултет, при УКИМ во Скопје. Таа ни дава прецизна претстава какви биле македонските ентериери, каков бил мебелот во преродбеничкиот период.
- Денес модерниот дизајнер има обврска да работи современо, но со неопходен респект кон сè што е историски вредно. Историските фактори не се значајни сами по себе, или пак поради тежината на стиловите кои ги носат од минатите епохи, туку повеќе поради печатот кој го оставаат на колективната меморија на крајните корисници – луѓето.
Патиштата што ги трасира дизајнерот се базираат на научно познавање на традицијата, преведено на јазикот на современата дизајнерска теорија, со постојана свесност за технолошките достигнувања. Какви било компромиси по линија на помал отпор водат кон лесно замислени, но тешко остварливи решенија - вели Никољски-Паневски.