Ана Ванкова, магистер по молекуларна медицина, за образовниот систем во Норвешка вели: Буквално сѐ е подредено на потребите на студентите!

Ана Ванкова, магистер по молекуларна медицина, за образовниот систем во Норвешка вели: Буквално сѐ е подредено на потребите на студентите!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Студентската организација нуди поволно сместување во студентски села, членства во секаков вид групни спортови (меѓу кои и квидич, играта што се игра во култниот серијал „Хари Потер“), членство во фитнес-сала со вклучени групни тренинзи, достапност до шумски куќички на различни локации во околните шуми, кои се слободни за изнајмување од студентите, бесплатно изнајмување зимска спортска опрема, посебна зграда за забава со разни дискотеки наменета за студентите, разни курсеви за надградба, објаснува Ана

Ана Ванкова е дипломиран хемиски инженер по аналитичка биохемија. Изминатите две години таа ги помина во норвешкиот град Трондхеим, каде што магистрира на Факултетот за медицина и здравје при Норвешкиот универзитет за наука и технологија.
Љубопитни да дознаеме како изгледа да се студира во земја како Норвешка, какви привилегии имаат студентите, поразговаравме со Ванкова. Вели дека ја одбрала оваа земја поради нејзината прекрасна природа и спортскиот дух кај народот, кој ѝ бил многу близок. Градот Трондхеим бил опкружен со шумски патеки, а прошетките по нив ѝ биле одличен начин за релаксација по напорен ден.


Ана во друштво на своите колеги

- Откако дипломирав на Природно-математичкиот факултет во Скопје, сакав моето образование да го продолжам со фокус на медицинските науки. Норвешкиот универзитет за наука и технологија (NTNU) нудеше соодветна програма на моите барања. Дополнителна мотивација за мене беше тоа што овој универзитет е дом на брачниот пар Меј-Брит Мосер и Едвард Мосер, добитници на Нобеловата награда за физиологија или медицина во 2014 година. Нивното откритие е од областа на невронауката. Институтот за системска невронаука „Кавли“ при НУНТ е меѓу водечките во областа невронаука и главно се фокусира на истражувања поврзани со појавата на простор, време и меморија во мозокот.

Како изгледа студентскиот живот во Норвешка? Какви бенефиции имаат студентите таму?

- Образованието во Норвешка е бесплатно. Трондхеим е познат како студентски град земајќи предвид дека НУНТ е најголемиот универзитет во Норвешка. Универзитетот има посебна организација (SiT) која се грижи за потребите на студентите. Таа нуди поволно сместување на студентите во студентски села, поволни членства во секаков вид групни спортови (меѓу кои и квидич (метлобој), играта што се игра во култниот серијал „Хари Потер“), членство во фитнес-сала со вклучени групни тренинзи, достапност до шумски куќички на различни локации во околните шуми кои се слободни за изнајмување од студентите, бесплатно изнајмување зимска спортска опрема, посебна зграда за забава со разни дискотеки наменета за студентите, разни курсеви за надградба итн.
Едноставно, сѐ е подредено на потребите на студентите, од голем избор на активности за лична надградба до активности за забава и релаксација за сечиј вкус. Се разбира, тука е и здравственото осигурување кое овозможува привилегирани услови во случај да треба лекување.
Интересно е што во оваа земја и додипломските и постдипломските студии се бесплатни. Најголем трошок е сместувањето. Најевтиното сместување што јас го најдов во студентското село беше 380 евра сосе режиските трошоци. Исто така, имавме студентски картички со кои печатевме материјали и имавме околу 40 евра на располагање. На факултет плаќавме само семестрален надомест од 50 евра за студентската организација. На секоја лабораторија ѝ се доделуваат по 2.000 евра од студент (барем на Медицинскиот факултет) за трошок во лабораторија, семинари итн.


По бранењето на нејзината магистерска тема, заедно со родителите, менторката д-р Је и членови на комисијата

Што поточно истражувавте на магистерските студии?

- Бев среќна што можев да работам дел од мастер-тезата во лабораториите на  институтот „Кавли“ под менторство на д-р Јинг Је, која десет години пред да почне да формира своја група (до 2017) била дел од лабораторијата на нобеловците Мосер.
Па така, мојата теза е од областа на невронауката. Го испитував влијанието на NEIL3 генот на развој и организација на хипокампалната формација и медијалниот енторинален кортекс кај глувци. Овој ген кодира за протеин кој е важен за репарација на лезии во ДНК предизвикани од оксидативни реактивни видови. Хипокампалната формација и медијалниот енторинален кортекс се региони во мозокот вклучени во меморијата и ориентацијата во простор. За испитување ги одбравме конкретно нив затоа што претходни истражувања од нашата катедра покажуваат дека генетички модифицирани глувци со елиминиран NEIL3 ген имаат нарушена способност за учење и меморија за ориентација во простор во споредба со глувци кај кои истиот ген е присутен. Нашето истражување се фокусира да ги испита клеточните механизми зад овие претходни опсервации.



Исто така, Нобеловата награда доделена на Меј-Брит и Едвард Мосер е за откривањето на „grid” клетките, главно лоцирани во медијалниот енторинален кортекс. Тоа се клетки кои се смета дека се неопходни за навигација во простор. Дел од нашиот фокус беше токму на слоевите од кортексот кои го содржат овој функционален тип на клетки. Со поддршка од тимот и мојата менторка д-р Је, со мојата теза успеав да ги придвижам знаењата во оваа област, што во иднина се надевам би помогнало за подобро разбирање и третирање на невродегенеративните болести.

Како се прифатени странските студенти во Норвешка?

- NTNU се фокусира на интернационалност, па така во Трондхеим може да се сретнат луѓе од различни националности. Студентите се добро прифатени, но сметам дека факултетот треба да нуди можности за вработување на интернационалните студенти за време на студиите. Многу е тешко да се најде привремена работа како интернационален студент.

Што најмногу Ве импресионира во Норвешка или можеби негативно Ве изненади, ако имаше такво нешто?

- Најмногу ми се допадна културата на луѓето, која е најизразена во сообраќајот. Градот е опколен со специјални велосипедски и пешачки патеки каде што родителите ги возат своите деца на приколка наменета за велосипед. Возачите на автобусите, покрај шоферската работа, се поддршка за лица со посебни потреби, мајка со количка и бебе итн. Покрај тоа, сите градски површини и имоти се беспрекорно сочувани. На пример, во шумите има посебни локации за палење оган каде што има поставено лонец за варење кој е оставен на располагање за секого и е неверојатно добро зачуван. Градските тревници се косат со робот, па така постојано се под конец. Ми се допадна и системот на функционирање на Универзитетот. Сѐ е решено софтверски и речиси нема потреба од контакт со службени лица.



Потешко ми беше да се навикнам на менталитетот и климата, кои се многу поразлични од нашиот јужен темперамент и нашата клима. Во зима речиси нема ден, за разлика од доцна пролет и лето кога можеш да се сончаш и по 22 часот.

Што по магистерските? Каде ќе ја насочите кариерата?

- Засега барам работа во Македонија. Искрено се надевам дека со моите стекнати знаења ќе можам да придонесам во некоја од лабораториите во земјава. Се разбира, имам намера да продолжам да се занимавам со истражувачка работа во областа на медицината. Размислувам и за докторски студии.


Прошетките - омилени на Ана

Што би смениле во нашиот образовен систем?

- Мое мислење е дека државата не инвестира доволно во образованието, ниту пак соодветно на потребите го приспособува образовниот систем. Би започнала од своето искуство на Хемискиот институт каде што лабораториите (за време на моето студирање) беа слабо опремени, дури кога се работи и за примарните услови за заштита на студентите. Мислам дека прво треба да се инвестира таму.
Вториот, не помалку важен, чекор е вложувањето во набавка на посовремени апарати и покачување на платите на наставниот и научниот кадар, имајќи ја предвид нивната важна улога во создавањето идни стручни кадри.
Исто така, сметам дека треба да се отворат повеќе можности за финансирање на учество на интернационални натпревари за учениците од средните и основните училишта, соодветно да се следат и надградуваат талентираните деца. Дополнително, би било убаво да се направи онлајн-систем на ниво на УКИМ. Онлајн-системите се употребуваат на повеќето универзитети во светот, сите административни потреби се завршуваат онлајн, се прават онлајн-тестови, се води онлајн-комуникација меѓу професорот и студентите во врска со секој предмет и секој проблем со кој се соочува студентот.