Протест на вработените и студентите на Институтот за хемија: Итно да се одобрат вработувања на млади соработници

Протест на вработените и студентите на Институтот за хемија: Итно да се одобрат вработувања на млади соработници

Како може државата да стипендира магистерски и докторски студии на странските, а не и на универзитите во нашата земја, праша проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на заедничкиот протест со студентите, кој тукушто заврши пред влезот на Институтот.
Околу 200 вработени и студенти обединети излегоа денеска да го изразат своето незадоволство гласно од условите за работа и студирање. Јавниот протест на хемичарите го поддржаа и деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски, и деканската управа.


И студентите беспрекорно ги поддржаа вработените на Институтот

Трите клучни барања од овој протест се следните:

- да бидат итно одобрени барањата за вработување млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира практичната настава, што во овој момент е неизводливо. Токму недостигот на подмладок - млади соработници - асистенти за практична настава и научноистражувачка работа се најакутниот проблем во последните години. Веќе осум години не е добиена согласност за вработување асистент, а во меѓувреме се случуваат редовни пензионирања на професорите и лаборантите, кои се исто така неопходен дел од практичната настава. Проблемот низ бројки е многу јасно видлив: од вкупно 58 вработени во 2000 година (33 наставници, 11 асистенти и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (30 наставници, 4 асистенти и 10 лаборанти), денес на Институтот работат 24 вработени, од кои 20 наставници (15 редовни професори), 4 лаборанти и ниту еден асистент. Во исто време, бројот на студенти во последните десетина години нема битни промени и дури е во благ пораст со просечно 50 нови студенти на прв циклус студии секоја година и вкупно меѓу 250 и 300 студенти на сите три циклуси на студии.



- во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години. Студиите на студиските програми по хемија и денес се споредливи со студиите по хемија на кој било светски универзитет, но важниот дел кој недостига е опременост на лабораториите со услови и инструменти за стекнување практични вештини. Освен тоа, зградата на Институтот за хемија, која e извонредно проектирана и изведена, не е соодветно одржувана, особено во последните 20-ина години и неопходно е потребно да се реновира постапно, во тек на неколку години.



- во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранди и докторанди). Состојбата со финансирање на научноистражувачката работа во нашата земја е очајна повеќе години наназад, а конкурси за национални проекти не се објавени од 2009 година! Ова не е проблем само на Институтот за хемија (кој е особено препознатлив по резултатите во овој домен), но на целата академска заедница.



Се гордееме со реномето на Институтот за хемија на врвна високообразовна и научноистражувачка институција, што е потврдено со сите параметри за оцена на овие достигнувања, како што се публикување на научни публикации во ценети меѓународни списанија, реализација на научноистражувачки проекти и соработка со врвни истражувачки групи од светот, како и едукација на хемичари кои се истакнати професионалци и истражувачи и кај нас и во светот и на најдобар начин ја афирмираат својата институција, универзитет и држава, велат професорите.



- Токму поради реномето и развиената висока академска свест, вработените на Институтот со години наназад вложуваа големи напори за амортизација на континуираното влошување на состојбите истовремено укажувајќи на проблемите и правеа напори за нивно решавање. Беа упатувани барања до надлежните за добивање согласност за вработување на млади соработници (континуирано во изминатите 5 години), за вложувања во подобрување на материјалните услови и поддршка за научноистражувачката дејност, но одговор немаше. Само за последното, означено со „ургентно“, барање на согласност за вработување на двајца асистенти и четири виши лаборанти (од август 2019) беше побарано дополнително објаснување за фискален ефект, и се надеваме дека тоа ќе биде одобрено и нема да биде оставено на чекање поради актуелните политички случувања од последните денови - велат од Институтот.