Помалку пари за наука за 2019 година. Како македонските научници стануваат интелектуална аутсорсинг-сила
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако сака државата да оди напред и реално да се зголеми стандардот, мора да се вложи во науката. Тоа се покажа како успешен метод во секоја европска земја, вели д-р Владимир Трајковиќ, вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје
Македонија полека станува интелектуална аутсорсинг-сила. Кога државата не сака да ги плати научниците, има други што ги плаќаат. Ако сакаме државата да се развива понатаму, тоа е незамисливо без сериозна инвестиција во науката. Ова се дел од коментарите на универзитетски професори на предлог-буџетот за наука за 2019 година, кој е намален за околу 10 милиони денари во споредба со лани. За оваа дејност од државниот буџет за идната година се предвидени вкупно 415.675.000 денари (околу 6,76 милиони евра). Парите се наменети за три ставки: научноистражувачка работа, научни институти, за превод на книги од реномирани автори.
Д-р Владимир Трајковски (во средина)
Д-р Владимир Трајковиќ е вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје и неодамна беше прогласен за еден од најдобрите научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 2017 година. Тој вели дека нема потреба да се биде во оваа група за да се констатира дека третманот на науката во Македонија е на очајно ниво. Според квалитетот и висината на буџетот за наука, во регионот сме на далеку најниско ниво.
- Ако сака државата да оди напред и реално да се зголеми стандардот, мора да се вложи во науката. Тоа се покажа како успешен метод во секоја европска земја. Така на средни и на долги патеки ќе добиеме инвестиција во производствените процеси. Тие ќе регенерираат производствени вредности. Се зборува дека Србија зеде кредит кој им го подели на универзитетите, кои пак вложија многу во науката, во објавување научни трудови во реномирани списанија. И тоа имаше резултат - објаснува Трајковиќ.
Научните трудови чинат
Така, универзитетите во Белград и во Нови Сад веќе неколку години котираат добро на Шангајската листа со најдобри универзитети во светот.
Од отворените денови на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство Фото: ФИНКИ
Трајковиќ објаснува дека објавување на еден научен труд во реномирано списание (каде што ќе биде достапен за читање) чини од 1.000 до 2.000 евра. А научните трудови и нивното влијание го креваат рејтингот. Нашиот буџет за наука не е доволен само ова да се плати.
Во моментот ФИНКИ сè уште добро се држи со технологија, но скапо е одржувањето. Технологијата е неопходна за да можат студентите да работат.
- Ако зборуваме за просечни достигнувања, потребни ни се ресурси. За врвни достигнувања, потребни ни се многу ресурси. Ако не се инвестира во наука, значи државата не сака да има кадар кој ќе влече напред. На пример, во една година објавувате 10 научни труда. Само за објавување ви се потребни 20.000 евра. Така научниците се приклонуваат кон други тимови, кои сакаат да платат, и преку нив ги објавуваат своите трудови. Но, тогаш Република Македонија не е таа што ги диктира условите, туку некој друг. Така полека стануваме интелектуална аутсорсинг-сила и тоа е нормално затоа што има кој да плати - вели Трајковиќ.
Проф. д-р Зоран Здравковски
Проф. д-р Зоран Здравковски од Институтот за хемија и претседател на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија вели дека треба да се направи поделба на министерство за образование и министерство за наука. Едното да биде одговорно за образованието до завршување на средно училиште, а другото за високо образование и наука.
- Вака секогаш најголемиот дел од буџетот ќе го влече образованието. И тоа е нормално - поправки на покриви, греење, тековни режиски трошоци за училиштата... Но, подемот на една држава и нација е невозможен без долготрајни инвестиции во науката. Овие резултати се видливи подоцна. Но, ние мора да се занимаваме со иднината на образованието и на науката. Без наука, илузија е дека можеме да одиме понатаму. Треба да се актуализира идејата да се формира посебно министерство за наука. Кога ќе има човек надлежен само за тоа, нештата ќе се поместат од мртва точка - вели Здравковски.
Кога ќе се вложат пари, напредок сигурно ќе има
Минатогодишниот буџет за наука лани изнесуваше 425.998.000 денари. Факултети.мк од Министерството за образование и наука сè уште чека одговори зошто буџетот за наука секоја година сè повеќе и повеќе се намалува и како планира МОН да ја развива научната дејност во земјава?
Пред еден и пол месец, со ребалансот на буџетот, ресорот образование и наука изгуби една милијарда денари кои беа алоцирани за други намени. Тогаш универзитетски професори коментираа: Како може да се крати од
ништо?
Во други текстови
анализиравме зошто нашите универзитети ги нема никаде на Шангајската листа. Тогаш проф. д-р Владимир Петрушевски, проректор за наука на УКИМ, објасни дека ние како држава треба да решиме дека сакаме да нѐ има на таа листа и да се издвојат многу пари за тоа. Напредок сигурно ќе има.