Скопје се кандидирал за најзелен град?!

Скопје се кандидирал за најзелен град?!

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во март оваа година изјавил дека ќе поднесе кандидатура за оваа награда

Град Скопје аплицирал за наградата „Европска зелена престолнина 2021“ (European Green Capital 2021).
Европската комисија објави соопштение во кое се вели дека 21 град од 14 европски земји се натпреваруваат за наградата „Европска зелена престолнина за 2021 година“ и наградата „Европски зелен лист 2020“. Овие награди се основани за да ги препознаат и наградат достигнувањата на пионерските градови во нивните напори за подобрување на животната средина и квалитетот на животот.



За најзелен град за 2021 година се натпреваруваат: Будимпешта (Унгарија), Каљари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Скопје (Македонија), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија), и Вестерос (Шведска).
Уште 12 други града се борат за наградата „Европски зелен лист 2020“.
Дванаесет независни, меѓународно признати експерти ќе ги оценуваат апликациите врз основа на 12 индикатори за животна средина, како ублажување на климатските промени, квалитетот на воздухот, бучавата, отпадот, водата, зелениот раст и екоиновациите, енергетските перформанси и управувањето.


Скопје некогаш и сега

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во март оваа година изјавил дека ќе поднесе кандидатура за оваа награда.
- Наша цел е до 2021 година да поднесеме кандидатура за Скопје за европска зелена престолнина. Работиме на поставување стандарди за зачувување на животната средина. Оваа пролет се фокусираме на чистење и зазеленување на Скопје. Планираме да го исчистиме градот од дивите депонии и да засадиме над 4.000 нови дрвја на зелените површини. Резултатите од пролетната акција за чистење и зазеленување на градот ќе бидат видливи на краток рок. Наш приоритет е подобрување на животната средина. Должни сме да го надоместиме изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемиме парковите и дрворедите во сите општини во градот - изјавил Шилегов.


Скопје ќе се мери со зеленилото во Будимпешта

Градот Лахти во Финска е исто така во конкуренција за оваа награда

Финалистите за двете награди ќе бидат објавени во април 2019 година и потоа ќе бидат поканети да ги презентираат постигнувањата пред меѓународно жири. Победниците ќе бидат објавени на церемонијата на доделување на наградите во јуни во Осло, најзелениот град во Европа во 2019 година.