Новиот предлог-закон за високо образование ќе им ги скрати крилјата на ректорите и на деканите
Ректорите веќе нема да може да избираат и да разрешуваат декан, односно директор на единица на универзитет. Тоа сега ќе го прави Наставно-научниот совет.
Големи промени во високото образование носи предлог-законот за високо образование, кој наскоро ќе се најде на дневен ред пред пратениците. Нов начин на студентско организирање, нови институции кои ќе ги мерат квалитетот и работата на високообразовните институции, повеќе надлежности се враќаат во рацете на професорите, односно наставно-научните совети, а слабее моќта на деканите и на ректорите. Ова се само дел од предложените измени.
Поголема моќ добиваат наставно-научните совети
Новини има кај изборот на ректор. Сега ректорот на универзитет ќе има мандат од три години, а не четири како што беше досега. Тој ќе има право на уште еден мандат, што останува исто како и во претходниот закон. Според измените, ректорот ќе се избира од редот на редовните професори со објавување јавен оглас. Сега ректорот не мора да биде од редот на вработените на универзитетот.
Ректорите исто така веќе нема да може да избираат и да разрешуваат декан, односно директор на единица на универзитет. Тоа ќе го прави Наставно-научниот совет. Тој ќе избере декан на факултетот и ќе му ја достави одлуката за избор на Сенатот за потврдување.
Наставно-научниот совет исто така ќе избира и продекани.
Ректорот ќе има моќ да суспендира декан или директор на единица на универзитет за непочитување на законот, статутот, општ акт или одлука на универзитетот и да постави времен вршител. Тој ќе може да назначи само в.д. декан, односно в.д. директор на единицата на универзитетот. Предлог-законот ги зголемува надлежностите на Универзитетскиот сенат за сметка на Ректорската управа, а предвидува и избор на претседател на Универзитетскиот сенат – функција што според постојното законско решение ја врши ректорот на универзитетот. Според предлог-законот, ректорот и проректорите се членови на Сенатот по положба без право да учествуваат во одлучувањето.
Декан ќе биде веднаш разрешен ако не му се прифати годишниот извештај за работата
Ректорот ќе се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците.
- Наставно-научниот, научниот или наставничкиот совет на единицата избира петчлена комисија која го спроведува гласањето на единицата на универзитетот. Секој кандидат за ректор може да овласти набљудувачи на процесот на гласање на секоја единица на универзитетот.
Гласањето за ректор ќе се спроведува во ист ден, од 12 до 14 часот на сите единици на универзитетот. По завршувањето на гласањето ќе бидат утврдени резултатите. Освоениот број гласови на секој кандидат на секоја единица посебно ќе се изразува во проценти од вкупниот број важечки гласови на единицата и ќе се множи со бројот на сенаторите што ги избира единицата. Така ќе се добива бројот на поени што ги освоил секој од кандидатите.
Резултатите од гласањето ќе се испраќаат до универзитетската изборна комисија во рок од два часа од завршувањето на гласањето. Ректор ќе стане кандидатот кој добил најголем број поени на ниво на универзитет, односно чиј збир на поени е најголем откако за секој кандидат поединечно ќе се соберат поените што ги добил на секоја единица посебно – пишува во измените во Законот.
Досега деканот беше должен најмалку еднаш во годината да поднесе извештај за својата работа до наставно-научниот совет и до ректорот на универзитетот. Но, отсега, ако наставно-научниот совет не го прифати извештајот за работата на деканот, тоа ќе значи дека деканот е разрешен. Истиот ден кога наставно-научниот совет нема да го прифати извештајот за работа на деканот, отпочнува постапка за избор на нов декан. Исто така, мандатот на декан ќе биде три години со право на уште еден избор, а не четири како што беше досега.
Ќе се формира Агенција за квалитет
Агенција за квалитет во високото образование и Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност се новите институции што ќе го обезбедуваат, оценуваат, развиваат и унапредуваат квалитетот на високото образование. Досегашниот Одбор за акредитација и евалуација на високото образование ќе се подели во два посебни органа.
Националниот совет ќе има задача да го следи развојот на високото образование и неговата усогласеност со европските и меѓународните стандарди, за што еднаш годишно ќе поднесува извештај до Собранието и до Владата на Република Македонија со предлог-мерки, решенија и препораки за подобрување на високообразовната дејност.
Органи на Агенцијата за квалитет всушност ќе бидат Одбор за акредитација на високото образование и Одбор за евалуација на високото образование, а агенцијата ќе ја води директор.
Новина има кај надворешната евалуација. Ќе ја вршат стручни комисии, а најмалку две третини од нив ќе ги сочинуваат професори од универзитети од земјите-членки на Европското здружение за обезбедување квалитет во високото образование (European Association for Quality Assurance in Higher Education - ENQA). Во процесот на самоевалуација се елиминира улогата на МОН.
Се враќаат асистентите и демонстраторите
Со новиот предлог-закон на факултетите им се враќаат асистентите и демонстраторите. Асистентите ќе учествуваат во наставно-образовниот процес на начин и во обем определен со статутот на универзитетот и статутот на единицата, односно со статутот на самостојната висока стручна школа. На факултетот, односно на високата стручна школа, можат да се избираат демонстратори како помошници во наставно-образовниот процес на првиот циклус на студии.
Демонстратор ќе може да биде лице кое е студент на втор или трет циклус на студии.
Во општите услови за избор во наставно-научни звања се брише претходниот услов од задолжително објавување на научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или научни трудови во научно списание со импакт-фактор кои се од соодветната област во базата на Web of Science во последните седум години. Се додава услов да се објават одреден број рецензирани научни труда во референтна научна публикација согласно овој закон во последните пет години пред објавување на огласот за избор.
Средствата за финансирање на високото образование ќе се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори определени со закон.
Националниот совет секоја буџетска година, најдоцна до 15 мај, на министерот надлежен за работите на високото образование му го предлага вкупниот износ на средства од Буџетот за финансирање на универзитетите и самостојните високи стручни школи за наредната буџетска година, согласно со Уредбата за мерила и критериуми за финансирање на високото образование. Појдовна основа за финансирање на високообразовните установи се годишните финансиски планови на високообразовните установи.