Тешко е да се подготвувате за научна олимпијада кога не знаете дали ќе имате авиобилет за да отпатувате

Тешко е да се подготвувате за научна олимпијада кога не знаете дали ќе имате авиобилет за да отпатувате

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Интервјуто со Александар Иванов го објавуваме во рамките на обемно истражување на состојбата со надарени и талентирани деца и младинци во земјава и изнаоѓањето соодветен модел како системот да ги препознае, насочи и поддржи, кое го прави Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со Факултети.мк

Тешко е да се подготвувате за меѓународна научна олимпијада кога секој ден се прашувате дали воопшто ќе учествувате, вели Александар Иванов, студент во прва година на Факултетот за математика и физика (насока физика) на Универзитетот во Љубљана. Со освоени две бронзи на светски олимпијади по физика, тој е една од младите надежи во науката во Македонија. Сепак, заедно со другите талентирани и надарени ученици се соочувал со нелогични тешкотии за да замине и да учествува на меѓународна олимпијада.


Александар Иванов (во средина) на една од олимпијадите

Интервјуто со Александар Иванов го објавуваме во рамките на обемно истражување на состојбата со надарени и талентирани деца и младинци во земјава и изнаоѓањето соодветен модел како системот да ги препознае, насочи и поддржи, кое го прави Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со Факултети.мк.
Александар има 19 години. Роден е во Штип, но потекнува од Свети Николе. Средно образование заврши во „Јахја Кемал“ - Бутел во Скопје, а во моментот студира на Универзитетот во Љубљана.

Кога пројавивте интерес за физиката?

- Уште како мал бев заинтересиран за науката и поради тоа, почнав да учествувам на натпревари по физика. Меѓутоа, клучен момент во прераснувањето на мојата генерална заинтересираност до нешто повеќе беше почнувањето на средно училиште во „Јахја Кемал“. Таму сретнав заедница на ученици кои, како мене, имаа желба да научат нешто повеќе и секако таквата конструктивна атмосфера позитивно ми влијаеше.


Со членови на македонскиот олимписки тим

Раскажете ни за учеството на меѓународните олимпијади по физика.

- Првпат учествував на Меѓународна олимпијада во Цирих, Швајцарија, во 2016 година. Таму ја добив и мојата прва награда - пофалница. Следната година учествував на првата Европска олимпијада по физика во Талин, Естонија, во мај, а летото добив бронзен медал на Меѓународната олимпијада во Јогјакарта, Индонезија. Во 2018 год. на Европската олимпијада во Москва добив бронзен медал и успехот го повторив на Меѓународната олимпијада во Лисабон, Португалија.

Што Ви беше најголема тешкотија на овие натпреварувања?

- Недостигот на финансиски средства се чувствува во текот на целиот процес. Пример се подготовките, каде што од експериментален аспект сме доста ограничени во споредба со други држави од регионот, како Бугарија или Романија. Меѓутоа, најголема тешкотија беа финансиските средства потребни за учество на меѓународните натпревари. Тешко е да се подготвувате кога секој ден се прашувате дали всушност ќе можете да учествувате.

Какво беше чувството кога го слушнавте своето име во текот на доделувањето на медалите?

- Пред самата наградна церемонија веќе знаете што ќе добиете, така што медалот сам по себе не е изненадување. Меѓутоа, во моментот кога името ви стои на екранот дефинитивно имате некое посебно чувство на гордост и валидација на она што го знаете. Но, прославата не трае долго. По краток период на одмор почнувате со подготовките за следната олимпијада.



Може ли да направиме споредба меѓу компетентноста на учениците од Македонија и од другите земји кои одвојуваат многу повеќе пари за наука?

- Со оглед на финансиските проблеми со кои се соочуваат учесниците од Македонија, мислам дека резултатите од последните неколку години се за посебна пофалба и покажуваат дека сме компетентни да се споредуваме со останатите држави во светот. Најдобрите држави на олимпијадите не се најбогатите, бидејќи средствата потребни за успешна подготовка на учесниците се занемарливи на нивото на еден државен буџет, а и најмалиот придонес прави разлика. Се надевам дека ситуацијата ќе се подобри во овој аспект.

Со што се соочуваат македонските национални тимови на овие научни олимпијади?

- Олимпијадите се состојат од експериментален и теориски дел. Првиот ден од натпреварувањето секој учесник прави експерименти и врз основа на мерењата треба да извлече одредени параметри поврзани со феномените што се изучуваат. На вториот ден се решаваат теориски задачи. Во нив целта е да се создаде математички модел на одредена природна појава и со него да се дојде до одредени заклучоци за системот кој се изучува.

Со менторот проф. д-р Боце Митревски лани бевте на донаторска конференција во Шведска. Со какво искуство се вративте?

- Донаторската конференција беше интересен настан. Над сè, ми покажа дека има дарежливи луѓе што би му помогнале на македонскиот тим да учествува. Но, олимпијадата е настан што се случува годишно. Не може да се очекува да постигнеме систематичен успех ако секоја година се потпираме на дарежливоста на ограничен број индивидуи.


На донаторската вечер во Шведска со Лилјана Кочоска-Мараш и менторот Боце Митревски

Зошто ја избравте Словенија за своја следна дестинација? Дали универзитетот ги исполни Вашите очекувања?

- Словенија изгледаше како многу добар избор. Во исто време е и доволно близу до дома за новиот јазик да не биде голем проблем, но и доволно далеку за да се соочам со нова средина. Универзитетот во Љубљана, досега, ми ги исполни сите очекувања со можностите што ги нуди и сум презадоволен со тоа што сум тука.

Кој дел од физиката најмногу Ве интересира и каде се гледате себеси за 10 години?

- Мене лично најинтересна ми е квантната механика, делот од физиката што го опишува светот на најмалите должини. Сите оние феномени со елементарни честички што константно ги опишуваме како чудни за мене се само фасцинантни. Што се однесува до планови за наредните години, би рекол дека ништо не е сигурно, но би сакал да продолжам да работам со физиката, на пример во некаква истражувачка група.