За нашите најуспешни матуранти математиката е игра, забава и антистрес терапија

За нашите најуспешни матуранти математиката е игра, забава и антистрес терапија

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Годинава 15 матуранти од цела Македонија имаа ист резултат по математика на државната матура - 99.61 прецентили, па го делат првото место. Со дел од нив разговаравме на тема како се станува најдобар по математика и какви се нивните планови поврзани со студирањето


Иако за повеќето матуранти математиката знае да биде проблематична, па повеќето ја избегнуваат на државната матура и избираат да полагаат англиски јазик, за мал дел таа е забавна и вистински предизвик.
Годинава 15 матуранти од цела Македонија имаа ист резултат по математика на државната матура - 99.61 прецентили, па го делат првото место. Со дел од нив разговаравме на тема како се станува најдобар по математика и какви се нивните планови поврзани со студирањето.

Интересно е тоа што од некои училишта има по двајца, па и тројца претставници меѓу најдобрите.
Приватното школо „Јахја Кемал“ од Струга и од Скопје има тројца матуранти, Теона Никовска (Струга), Бојана Стефаноска и Јован Петрески (Скопје). Со по два најдобри матуранти по математика можат да се гордеат неколку гимназии во земјава. Тоа се „Св. Климент Охридски“ - Охрид (Мартина Аврамоска и Сара Паункоска), „Јосип Броз Тито“ - Битола (Ивана Петревска и Емилија Илиевска), „Мирче Ацев“ – Прилеп (Андреј Крстев и Ева Крстеска), „Добри Даскалов“ – Кавадарци (Павлинка Ташева и Љубица Петревска).
Најдобри по математика се и: Елена Најдова од „Раде Јовчевски-Корчагин“, Вера Прошева од „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, Анџела Матовска од „Здравко Цветковски“ – Скопје и Илза Тачи од „Maarif international school“ – Тетово.

Охриѓанките ќе студираат во Љубљана

Охриѓанката Мартина Аврамоска од охридската гимназија, вели дека да се биде еден од најдобрите матуранти по предметот математика пред сè е огромна потврда дека целиот нејзин вложен труд, време и желба не биле залудни.
- Воедно претставува и голем поттик за во иднина со уште поголем успех да продолжам да ги решавам математичките проблеми во високото образование. Моите подготовки траеја прилично долго. Секојдневно по неколку часови активно бев посветена на задачите предвидени за матурскиот испит, па и оттаму успехот беше неизбежен, на што сум многу горда. Не можам да издвојам посебна причина зошто ја сакам математиката, едноставно љубовта и интересот за математиката се присутни кај мене од најрана возраст. Решавањето задачи и разни проблеми поврзани со математиката отсекогаш ми претставувало задоволство – вели таа.


Мартина Аврамоска

Мартина ќе студира на Факултетот за информатика во Љубљана, Словенија. Пресудно за изборот било тоа што овој факултет има добар рејтинг, нуди одлични услови за студирање, странските студенти се рамноправни со домашните, а сепак студирањето е на повисоко ниво и во понапредни услови.

Охридската гимназија секоја година има по неколку ученици со најдобри резултати на матурата. Покрај Мартина, со ист резултат е и нејзината соученичка Сара Паункоска.
- Тоа што сум една од матурантите со најдобри резултати на државната матура по предметот математика за мене е мотивација и понатаму да продолжам да работам на подрачјето на математиката како и да се стремам кон остварувањето на уште многу други успеси слични на овој, дури и поголеми. Интензивно се подготвував последните четири месеци пред полагањето работејќи на мојата кондиција и брзина при решавањето на задачите. Истовремено морав да внимавам задачите да бидат решени точно и да биде објаснета постапката на нивното решавање. Но, да не ги заборавиме и четирите години целосна посветеност на математиката и трудот вложен во неа. Благодарна сум му и на мојот ментор, професорот Валентин Чачор, кој уште од првиот час нѐ подготвуваше за претстојната матура и воопшто не нѐ штедеше. Како што изгледа, на крај, сепак се исплати – ни раскажа Сара.



Таа вели дека математиката ја сака затоа што ја тера да размислува, да пронајде нови начини за решавање на дадениот проблем и да ја развива логиката. Смета дека така полесно се решаваат и најобичните проблеми од секојдневниот живот.
И таа ќе студира на Факултетот за компјутерски науки и информатика во Љубљана.
- Бесплатните студии, многубројните привилегии што ги имаат студентите таму, организираноста и убавината на земјата се мал дел од причините кои беа пресудни во мојот избор – вели Сара.

Математиката се учи низ игра

Ева Крстеска од прилепската гимназија „Мирче Ацев" вели дека успесите на секое поле се важни за неа, но кога станува збор за математиката, тоа најмногу ја радува.
- Ова претставува мотив плус да продолжам со надоградување во оваа област. Кога станува збор за подготовките особено по овој предмет се повеќе од потребни. Се разбира за да се постигне токму ваков резултат бара огромен труд и напорна работа, но тоа е премалку за нештата кои ги сакаме. Ја сакам математиката како наука бидејќи е инспиративна, корисна во многу сфери од животот. Веројатно играта со броеви ме исполнува – ни раскажа Ева.
Таа планира да се запише на Градежниот факултет во Скопје.
- Сакам да создавам и да пронаоѓам начини како тоа што сум го создала да трае и вреди. Пресуден момент не постои, постојат моменти кои се случувале и ја разгорувале мојата желба – вели Ева.


Ева Крстеска

Скопје може да се пофали со двајца ученици меѓу најдобрите по математика кога станува збор за државните училишта. Елена Најдова од „Раде Јовчевски-Корчагин“ и Анџела Матовска од „Здравко Цветковски“.

Матовска ни објасни дека голема благодарност има до нејзината професорка по математика, Силва Таневска за начинот на кој им го пренесувала знаењето на учениците.
- Подготовката за полагањето траеше околу 2 месеци со тоа што вежбав дома со мојот брат кој исто така ја полагаше државната матура по математика и дополнителни часови кои ни ги држеше професорката. Уште од мала возраст ми се појави интерес кон математиката затоа што ме исполнува, релаксира и можам да решавам задачи со часови и да не ми здосади, таа на еден начин е мој антистрес – вели Матовска.
Нејзина цел е да се запише на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на факултетот Дизајн и технологии на мебел и ентериер.


Анџела Матовска

- Желбата кон уредувањето на ентериерот и дизајнирањето на мебел ми се појави уште пред да го започнам моето средно образование, затоа ќе продоложам на овој факултет – вели таа.

Една од најдобрите матурантки по математика е и Павлинка Ташева од гимназијата „Добри Даскалов" од Кавадарци. Таа вели дека резултатите од матура се базираат врз основа на континуираниот успех со следење и изучување на содржините и предвидениот материјал од гимназиско образование во претходните четири години.

- Подготовките траеја 4 години, но од зимскиот распуст па сѐ до матурата постепено го повторував материјалот и се подготвував за државниот натпревар. Јас уште од прва година средно знаев кои предмети сакам да ги полагам на државна матура, па затоа обрнав и повеќе внимание на математиката, континуирано ги следев содржините, редовно ги решавав задачите кои ни беа предвидени за часот, а дома ги разгледував од учебникот и збирката која задолжително си ја купував секоја година со намера да дојдам до побогат извор на знаење. Не ги занемарував нејасните задачи, туку барав помош од професорката. Подготовките за математика траеја од зимскиот распуст па сѐ до 13 јуни, во ноќните и тивките часови, но во комбинација со овошје и мелодија од класична музика водат до успех. Сепак, ништо не би можела без помошта на нашата професорка Фиданка Илова која и покрај тоа што максимално се трудеше да ни ги објасни предвидените содржини на часот, таа успеваше да организира и додатни часови се со цел нејзините ученици да ги направи добри математичари – објаснува Павлинка.


Павлинка Ташева

Иако била посветена на математиката, никогаш не се обидела да се пријави за натпревар.

- Можеби ми е грешка, но сепак сметав дека доколку учествувам на повеќе натпревари би постигнала помал успех отколку да одам само на еден. Поголема желба покажав кон биологијата, а и вооедно таа наука и ми е неопходна за студирањето. Напорот и во ова поле ми се исплати бидејќи оваа година добив втора награда на државен натпревар во Скопје – вели таа.
Павлинка ќе студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Тоа е нејзина желба уште од дете.
Ја прашавме и што би променила во македонското образование доколку би имала можност. Вели дека, на учениците од средно училиште би им овозможила листа на предмети, па самите да одберат кои наставни содржини им лежат.

- На тој начин би покажале повеќе интерес во тие области, вооедно би го намалила и бројот на предмети, подобро помалку но квалитетно совладани. Учебниците се доста богати и во тој поглед немам замерка, но дополнителна литература е секогаш добредојдена – вели таа.
За нејзините досегашни успеси, вели заслужни се и нејзините родители, класната Катица Манева, професорката по математика Фиданка Илова и сите други професори од гимназијата ,,Добри Даскалов“ како и од основното училиште ,,Димката Ангелот Габерот“ -Кавадарци.