Можеме да направиме сѐ, само ни треба повеќе време, вели Беира Салифоска, лице со целосно оштетен вид

Можеме да направиме сѐ, само ни треба повеќе време, вели Беира Салифоска, лице со целосно оштетен вид

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Kога си варам кафе, не можам да видам кога ќе се крене, но јас го слушам звукот и во моментот кога звукот се стишува, знам дека е готово. Во врска со ова, постои мит дека кај лицата со оштетен вид преостанатите сетила, а особено сетилото за слух, добиваат некои супермоќи. Вистината е дека потенцијалот е релативно еднаков кај секого, вклучувајќи ги овде и лицата со и без попреченост. Разликата доаѓа оттаму што кај лицата со оштетен вид тој потенцијал е искористен многу повеќе со цел да се компензира недостатокот, вели Беира

„Кога кај човек постои желба да постигне нешто, нема препрека што не може да ја надмине“. Со ваква мисла и енергија живее дваесет и деветгодишната Беира Салифоска, за која не постојат изговори во животот. Оваа млада девојка од Пласница, која е лице со целосно оштетен вид уште од нејзиното рано детство, повеќе од 11 години живее сама во главниот град, далеку од семејството, кое е во родното место. Слепилото не ја спречува секојдневно да работи на Институтот за физикална и медицинска рехабилитација, да биде успешен студент на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, како и комплетно да се грижи за својот дом и да функционира самостојно.

- Животот е секојдневна борба која човек ја почнува со првиот, а ја завршува со последниот негов здив - вели Беира, која ни ја раскажа својата животна приказна. За неа, образованието и вештините што ги стекнала во интернатот на државното училиште за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода се бесценети.


Беира работи на Институтот за физикална и медицинска рехабилитација

Живеете сами. Како успевате самостојно да функционирате во домот?

- Комплетно сама се грижам за домот. Сама го одржувам и го чистам. Иако апаратите што ги имам дома не се како оние што ги користат лицата со оштетен вид што живеат во високоразвиените земји (приспособени со гласовни повратни информации), сепак, се снаоѓам користејќи го стариот добар начин на меморирање на функциите, така што ако вклучувам машина за перење алишта, знам колку пати и на кое копче да притиснам, си знам кога ја поставувам за перење памук, кога за волна. За сушење, на пример, знам дека петпати треба да го притиснам копчето. Сакам и умеам, до извесна мера, и да готвам. Кога готвам, кога варам кафе, сѐ се сведува на слухот. Така, на пример, кога си варам кафе, не можам да видам кога ќе се крене, но јас го слушам звукот и во моментот кога звукот се стишува, знам дека е готово. Во врска со ова, постои мит дека кај лицата со оштетен вид преостанатите сетила, а особено сетилото за слух, добиваат некои супермоќи. Вистината е дека потенцијалот е релативно еднаков кај секого, вклучувајќи ги овде и лицата со и без попреченост. Разликата доаѓа оттаму што кај лицата со оштетен вид тој потенцијал е искористен многу повеќе, со цел да се компензира недостатокот. Дополнително, и алиштата си ги пеглам сама, на тој начин што не ја пуштам пеглата на најјако, туку си ја пуштам на помалку. Во принцип, сѐ што е вообичаено можам да го направам самостојно, само ми е потребно повеќе време. Силно верувам дека лицата со оштетен вид можат да направат сѐ, само што во најчест случај ним им е потребно повеќе време за да завршат одредена работа.

Како е да се живее во град во кој нема добра инфраструктура за движење и отсуствуваат потребните инфраструктурни насочувачи за слепи лица? Со какви проблеми се соочувате кога се движите на тротоар, кога преминувате улица, кога се возите во автобус...?

- Правото на пристап е нешто што е предвидено во многу правни документи и претставува основен услов за еднакво вклучување на лицата со попреченост во општеството или, како што повеќето од нашите политичари милуваат да го наречат, социјална инклузија на лицата со попреченост. За жал, овој пристап во најголема мера не е овозможен еднакво за сите граѓани на Македонија, односно лицата со попреченост се подредени кога станува збор за овозможувањето на тоа право за нив. Ова претставува една општа дискриминација на стотина илјади лица во државата. Но, тоа е голема тема за цела друга статија, овде накратко само ќе ги набројам дел од работите што недостигаат конкретно за лицата со оштетен вид: недостигаат тактилни обележувачи по тротоарите, во институциите и сите сервисни субјекти од јавен карактер, недостигаат и звучни семафори. Јавниот превоз, во прв план градските автобуси, речиси се недостапни за лицата со оштетен вид, односно без помош од друго лице на еден човек со оштетен вид не му е овозможено да дознае кој број автобус пристига на постојката, што не е случај со поразвиените земји, каде што штом ќе се отворат вратите, автобусот звучно преку снимен говор го соопштува бројот на автобусот. Понатаму иако во дел од автобусите има звучни уреди кои кажуваат на која станица автобусот во моментот се наоѓа, тие во 99 отсто од случаите не се вклучени или кога се вклучени се потивки од радиостаницата пуштена за „журкање“ на возачот и другите патници, нешто што ни претставува проблем и наместо да бидеме независни при патувањето и без стрес, прави да прашуваме постојано и да бидеме под стрес дали возачот нема да заборави да ни каже кога ќе дојде нашата станица, односно дали некој од патниците намерно или ненамерно ќе ни каже да се симнеме на погрешна станица. Мора да истакнам дека има и добри луѓе што сакаат да ми помогнат додека се движам надвор, ми приоѓаат, но многу често реагираат импулсивно и врз база на претпоставка за помошта што сметаат дека ми е потребна во тој момент, не прашувајќи ме дали воопшто јас одам натаму или воопшто имам потреба од помош. Во контекст на ова, за читателите ќе ги споменам двете „златни“ правила при асистирање некому, а тоа се: Дали ви е потребна помош? И ако тој човек има потреба од помош, тогаш: Како можам да ви помогнам? Верувам дека имајќи ги овие две прашања на ум, луѓето многу полесно ќе можат да помогнат некому за што било. Патем, никој нека не се чувствува непријатно ако некое лице со оштетен вид каже дека во тој момент не му е потребна помош и никој нека не се обесхрабрува да му ја понуди својата помош на истото тоа лице со оштетен вид или на некое друго лице со оштетен вид во друг момент, кога таа би можела да биде од големо значење за него. Во случај, пак, кога се движам навечер, гледам да сум со некого, да не сум сама.



Како се движите низ градот при полоши временски услови, на пример, кога врне дожд или кога паѓа снег?

- Кога врне дожд, тогаш тоа ми претставува огромен проблем. Затоа што додека слушам како тече вода низ олуците, а автомобилските гуми ги расплискуваат мини-езерцата од нашите скопски улици, тоа предизвикува дополнителна бучава, па истовремено во едната рака држам чадор, а во другата стап со чија помош се движам. Затоа кога врне, се движам многу полека. А кога има снег, бидејќи помалите улички редовно не се чисти, веќе ни стапот не ми помага бидејќи не можам да осетам каде е тротоарот и можам да се изгубам. Во тој случај со помош на стапот се движам покрај тротоарот, односно важно ми е да го следам неговиот раб. Кога ќе осетам дека тротоарот врти, тогаш знам дека треба да свртам и јас. Некогаш е незгодно кога човек не знае дека некаде има дупка или, пак, некоја друга препрека. Се има случено да промашам уличка, па да се вратам назад за да ја пронајдам вистинската насока. Еве ќе ви кажам и дека не ги малтретирам моите да ме носат на аеродром кога патувам во Германија кај брат ми. Сама си одам на аеродром, кажувам на шалтер дека сум лице на кое му е потребна асистенција при движење, па минувајќи низ стандардните процедури со асистентот што ми го овозможуваат од аеродромот, си се качувам во авионот. Таму на аеродром ме пречекува асистент, бидејќи им е јавено дека има слеп патник на кој му е потребна помош. Асистентот ми помага да стасам до брат ми, кој живее на 80 километри од градот Нирнберг. Ваквата услуга што ја овозможуваат аеродромите, според мене, ги прави најпријатното средство за патување во моментов за лицата со оштетен вид.

Студентка сте на Институтот за специјална едукација и рехабилитација. Со оглед на тоа дека сте биле дел од сите нивоа на образование во нашава држава, кои се клучните работи што му недостигаат на образовниот систем за да можат лицата со оштетен вид нормално да функционираат низ него?

- Како и секој човек, така и ние, лицата со оштетен вид, имаме потреба од квалитетно образование и воспитание, кои понатаму ќе ни ги отворат вратите на пазарот на трудот, ќе ни овозможат стекнување пријателства и социјален живот, а ќе нè направат и еднакви придонесувачи за добросостојбата на општеството. Кога зборувам за квалитетно образование, мислам на квалитетен и стручен кадар кој ќе работи со лицата со оштетен вид, обезбедување материјали на Брајово писмо или електронска форма. Но, за да имаме квалитетно образование, мора да имаме и добра инфраструктура во градот - поставување звучни семафори на места каде што има преголемо движење на возила, соодветни тактилни патеки, а не некои гумени што лесно се вадат, јасно дефинирање на тоа дека без разлика дали се возел некој или не во јавниот градски превоз, мора звучната сигнализација која ги кажува станиците постојано да биде вклучена. Потоа, пристап до училиштата и до факултетите, како и едукација на децата, но и на возрасните за значењето на белиот стап, односно зошто ние, лицата со оштетен вид, го користиме. Сите овие нешта се поврзани меѓусебно и не можат да се раздвојат. На некој начин функционираат како синџир што ги врзува лицата со попреченост за основата наречена општество. Една од тие алки ако отсуствува, тогаш овие лица ќе се одвојат и нема да бидат дел од општеството.

Се соочувате ли со стереотипизација и дискриминација на факултетот?

- Во однос на ова прашање можам да кажам дека има луѓе што несебично ме поддржуваат и во секој момент се достапни за што и да ми треба, но има и такви што сакаат да ми помогнат, но не знаат како, па многупати се тргаат настрана, а за жал има и такви што не сакаат да сослушаат, а уште помалку да разберат и се затворени за каква било соработка.



Дали во факултетската библиотека има доволно Брајови книги и аудиоучебници за да можете да ја совладате материјата?

На Брајово писмо, за жал, нема. Па затоа многупати сум принудена јас сама да го правам тоа, односно морам да препишувам од видно на Брајово писмо, а нема ниту аудиокниги. Добро е тоа што дел од професорите некои книги ги имаат во електронска форма и ми ги испраќаат, па така ми го олеснуваат начинот на учење.

Од годинава законски имаме целосна инклузија на децата со попреченост во образованието? Кое е Вашето мислење за тоа?

- Не се согласувам со одлуката за целосна инклузија на лицата со попреченост во редовното образование бидејќи ние како држава не сме подготвени за такво нешто. Можам да зборувам конкретно за лицата со оштетен вид. Не се работи само за тоа да се запише детето во редовно училиште каде што ќе седи во клупата и притоа единствената неформална социјална интеракција ќе ја има со образовниот асистент, каде што ќе биде целосно зависно во поглед на движењето од својот асистент, каде што не ќе може да спортува активно само затоа што неговите соученици по програма имаат спортови што не се приспособени за него, каде што наставата се изведува фронтално во 95 отсто од времето, форма што воопшто не е прифатлива за учениците со оштетен вид, каде што нема кој да го обучи ученикот за самостојно користење асистивна технологија и сл. Овие деца треба да се социјализираат и да се дружат со другите ученици, но тоа не треба да биде преку лица посредници, како образовни или лични асистенти, туку природно и човечки, онака како што и јас, а и другите лица со оштетен вид сме стекнувале и сè уште стекнуваме одлични пријателства. Велам дека се потребни посебните училишта и секогаш ќе бидат потребни затоа што му помагаат на детето со оштетен вид да научи вештини што ќе го направат независно од другите кога ќе порасне, но и ќе го оспособат работно, така што тоа дете ќе стане човек што ќе печали сам со свои сили, а и ќе придонесува во општеството. Во интернатот при училиштето за деца со оштетен вид, каде што престојував 11 години, покрај редовниот воспитно-образовен процес, се учи како да се намести кревет, како да се зготви храна, се учи на целосно осамостојување. Сме имале многу домаќински секции каде што нè учеле да готвиме, сме имале и драмски секции, шаховски секции, спортски активности, сме подготвувале приредби каде што поради малиот број ученици и приспособената средина, секогаш токму ние, децата и младите со оштетен вид, ги имавме главните улоги, што беше клучното нешто да ни се зацврсти самодовербата и да нè научи дека и ние можеме да бидеме успешни. За жал, децата со оштетен вид вклучени во редовното образование се под постојана преголема заштита од нивните родители, што, според мене, ги потиснува нивните потенцијали, презаштитеноста не им дозволува на тие деца да учат преку обиди и грешки, преку паѓања и станувања...



Од лично искуство ви кажувам дека при вработувањето, создавањето нови пријателства, наоѓањето животен партнер и сличен општествен однос, работодавците, потенцијалните пријатели/партнерот пред сè се интересираат за нашите лични компетенции, пред професионалните/интелектуалните. И тоа е природно нешто што наместо да го занемаруваме и прогласуваме за дискриминација, потребно е да го сфатиме како реалност, па сите што се одговорни за компетенциите на лицата со попреченост (родителите, пред сè, специјалните едукатори и рехабилитатори и др.), да работат на развојот и зајакнувањето на личните компетенции на учениците со оштетен вид. Ова всушност е клучот за успехот на некои вакви лица наспрема други што не успеале многу во животот. Во држава каква што е нашата, ако едно лице со оштетен вид сака да постигне нешто во својот живот, потребно е да биде голем борец што ќе се натпреварува со самиот себе, постојано ќе ги подобрува своите лични и професионални вештини и нема да ја губи надежта дека еден ден ќе успее да си го оствари својот сон.

Веќе 11 години работите во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација. Како Ви минува еден работен ден?

- Јас сум физиотерапевтски техничар. Работниот ден речиси е идентичен како и на сите други, се трудам секогаш да стигнам навреме, на работното место, а и да си ги завршам работните обврски. Слободното време, пак, бидејќи сум многу темпераментна личност, го користам за многу работи. Уживам кога сум надвор со друштво, сакам да одам на планина, да патувам во различни земји, а тоа најчесто го правам преку Еразмус+-проектите за лица со оштетен вид. Сакам да одам на концерти и спортски натпревари, а воедно сакам да читам книги и да слушам музика.

Голем дел од слободното време сакате да го минувате во природа. Тоа го правите со здружението „Натура“. Што значат овие искуства за Вас?

- Навистина сум среќна што сум дел од еден ваков тим, а уште повеќе се радувам и сум им благодарна на луѓето што нè придружуваат. Со секое искачување на некој врв во мене расте самодовербата, се чувствувам исполнето, а да не заборавиме дека одењето во природа ни го подобрува здравјето и нè прави физички поподготвени. Секојдневно расте во мене желбата за нови врвови, за нови предизвици и нови авантури. Длабоко се надевам дека нашиот сон кон искачување на врвовите во нашата држава нема тука да престане, а уште повеќе се надевам дека ќе се приклучат и многу други луѓе, особено лицата со оштетен вид. А и дека ќе наидеме на финансиска поддршка од оние што сакаат да издвојат дел од својот буџет за да се оствари нашата желба, да допреме секаде каде што е достапно и да ја почувствуваме убавината што ја нуди природата.
Кога бевме во Маврово, буквално ги гушкав дрвјата за да ги почувствувам. Мирисот во природа е посебен, веднаш почувствував дека сум на чисто место, поубаво дишев, ги слушав птиците, ја немав напнатоста што и тоа како се чувствува во урбана средина. Незаменливо е она што човек го живее на планина и во природа. Работата ми е физичка и напорна. Во еден ден имам и до 40 пациенти, и тоа знае да ме исцрпи. Затоа, престојот во природа е нешто што ми дава мир и ми ги полни батериите.

Активни сте на социјалните мрежи. Какви можности нудат новите технологии за непречено користење на компјутерските уреди од страна на лицата со оштетен вид? Какви уреди конкретно користите Вие?

- Луѓето сакаат да знаат како знам што постирам на социјалните мрежи, како комуницирам. Всушност, се работи за читач на екран (screen reader), апликации што се дизајнирани од Гугл, Епл, Мајкрософт и други компании или физички лица кои визуелниот излез во вид на текст, графикони, слики го заменуваат со аудиозвуци и синтетизиран говор продуциран преку звучниците/слушалките, потоа зголемен текст на екранот или компјутерско Брајово писмо. За ова последното е потребен посебен уред наречен Брајов дисплеј, кој само се поврзува со класичните лаптопи, смартфони преку блутут/усб-конекција. Последниов уред е прилично скап и не може секој да си го овозможи, па затоа во повеќето развиени држави тој го обезбедува државата. Меѓутоа, тоа не е случај и со нашата држава, па нам, на лицата со оштетен вид во Македонија, ни останува да ги користиме компјутерите и смартфоните само преку првите две можности што претставуваат софтверски решенија. Така, кога го користам читачот на екран на класичен лаптоп со „Виндоус 10“, навигирајќи со помош на тастатурата низ веб-страниците на Фејсбук, Факултети.мк и другите портали, читачот за екран ми овозможува да ги слушнам нештата обележени со курсорот. Нешто слично е и на мобилниот телефон, со тоа што наместо да користам тастатура за навигирање, ги користам моите прсти, кои се еден вид курсор, а читачот на екран што е вграден во самиот „Андроид“ преку синтетизиран говор го соопштува нештото под мојот прст, без разлика дали тоа е текст, контролно копче или сл. Значи компјутерот и телефонот ми се исти со вашите и не се посебни, единственото нешто што е плус е читачот на екран, апликација што е вградена во речиси сите оперативни системи и може секој да ја испроба од љубопитност/користи. Има и некои интересни функции, како алтернативен текст што служи за текстуален опис на фотографиите за оние што не можат да ги видат. Па така, ако некој мој пријател на Фејсбук си стави слика, тогаш програмата звучно ми ја објаснува содржината на сликата, што има на неа, па јас така можам да ја лајкнам или да искоментирам под неа. Е сега, некогаш ја објаснува точно, некогаш не. Јас инаку, сама за себе знам што постирам. Кога сакам да објавам фотографија, се случува да прашам некого за помош.